Дали економијата ќе биде уште послаба?

Пишува Венко ГЛИГОРОВ

За да постигне одржлив деловен успех на пробирливиот светски пазар, компанијата мора да користи релевантни перформансни метрики” – извадок од белата книга на Британската влада за конкурентноста на британската економија. Ова е една ситна илустрација за грижата на една влада за домашната економија.

Како е кај нас? Како беше кај нас? На ти субвенции и бркај работа. И памти за избори при гласање. А може и дел да ми префрлиш во партиско-приватен џеб. Мислите случајно е што сме последни? Дали има индикации дека ќе биде различно за економијата?

Се сеќавам во првата половина од минатата декада, државата (и од едните и од другите) заедно со меѓународна помош работеа на зајакнување на конкуретноста на македонската економија. Се формираа кластери, се организираа работилници со светски авторитети итн итн. Резултатите не изостанаа и во втората половина на минатата декада се случи посериозен подем во економијата.

Но Груевски и компанија наместо да го засилат ваквото темпо во оваа декада, се фрлија на субвенции (кадешто лесно се одредува провизијата), на градежно-уметнички активности (каде тешко се согледува набавната вредност) и на странски инвестиции (кадешто при големи зделки може да се обезбеди накаде со-сопствеништво или “плодна” соработка, некаде провизија, некаде вработувања за своите). За да имаат мир во куќата и на раат да “работат” фрлија ред “патриотизам” ред обвинувања за платеништво.

Со промената на власт дојде очекуваната слобода. Полесно се дише. Пораат сме – барем навидум. И требаше да се согледаат негативностите од претходната влада и да се направи преструктурирање на однесувањето на владата и државата кон бизнисите.

Наместо тоа, новите тргнаа на зголемување на давачките и (и барања за нови) државни вработувања. Се чини ги интересира само државниот џеб. Забораваат дека треба да обезбедат компаниите да напредуваат за да и нивниот џеб биде пополн. Но за тоа треба трпеливост и постојана работа на терен и соочувања со маките на бизнисите.

Ако по утрото се познава денот – не треба да бидеме оптимисти. Но како претприемач(и) секогаш сме оптимисти и се надевам(е) дека ова ќе се смени. Или ќе влијаеме да се смени!