АРХИВА Контроверзниот Тумбовски: Имам снимки од скандалот „каса-прими“

by Fokus

Текстот е објавен на 2 април, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 969

Во рамки на судскиот предмет „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет дека со пари од партиски донатори стекнал плац на Водно, стана збор и за финансирањето на партијата. Во таа насока, некогашните партиски функционери – Горадна ЈанкулоскаМартин Протуѓер и Влатко Чингоски сведочеа како партијата се финансирала и како се располагало со парите, а дури беше кажано дека некои донатори пари му давале лично на Груевски.

Други помалку познати сведоци, пак, тврдеа дека своевремено донирале различни суми во ВМРО-ДПМНЕ, за што добивале каса-прими. Инаку, на вакви каса-прими потврди од „жолтата куќа“ стоеше името и на контроверзниот Загорац Тумовски, кој пред политичките промени обелодени дека донирал половина милион евра во кеш!

Што своевремено говореше Тумбовски за Фокус?

Пишувал: Љубиша АРСИЌ

Строгото полициско „НЕ“ на министерката Гордана Јанкулоска, повторено двапати пред камерите, а како одговор на љубопитно новинарско прашање – дали таа имала контакти со Загорац Тумбовски, поранешен виден член на ВМРО ДПМНЕ, отвори сомнеж врз нејзината намера да го претстави како непознаник човекот што тврди дека седеле еден до друг.

Двојното „НЕ“ на министерката одекна и до Јавниот обвинител Марко Зврлевски, но е доволно силно за неговата институција никогаш да не провери каде е Загорац Тумбовски. И дали навистина 500.000 евра завршиле на сметката на „Аналитико“, дел од нив преку „каса-прими“ потврди, заверени со партиски печат, а за тоа знаеле Јанкулоска и премиерот Груевски? Зошто поединци им давале пари на партиски функционери?

Како за почеток, доколку државните институции имаат намера да испитуваат сериозни обвинувања против државни функционери, беше неопходно повикување на министерката Јанкулоска на разговор во Јавното обвинителство за да се произнесе, во согласност со законот, секако. Но, каде што владее страв од силното „НЕ“, секнуваат професионализмот, објективноста и клучното – суштината на постоењето на истражните органи и нивната цел.

Ќе изгледа неверојатно ако власта удри врз самата себе, особено сега, кога се потврди нејзината доминантна улога на политичката сцена и кога смета дека граѓаните на избори ги отфрлија тврдењата на Загорац и аудиоснимката со газда Нини.

Друго е прашањето колкумина гласачи останаа без информацијата за скандалите со Груевски и Јанкулоска што ги пласираше опозицискиот СДСМ, во согласност со целите на медиумскиот мрак, и дали таа воопшто, и да ја слушнале, би го сменила нивното мислење!? Или, министерското негирање и изборниот резултат се завршни зборови и „пресуда“ за случајот!?

Едно се чини дека е сигурно, сите околности упатуваат дека Тумбовски и Јанкулоска знаат еден за друг многу повеќе од тоа што министерката сака да го претстави во јавноста, особено ако се знае дека таа била генерален секретар на партијата и би било крајно необично да не познава еден од главните спонзори!

ЗАГОРАЦ СПРЕМА СНИМКИ

Во периодот меѓу двата изборни круга, ненадејно се појавува името на подзаборавениот Загорац Тумбовски. Името и презимето му стојат на „каса-прими“ потврдите дека на партијата ВМРО-ДПМНЕ ѝ исплатил 30 илјади евра, односно 50 илјади евра, како што објави СДСМ.

Паралелно со пресот на Зоран Заев за потврдите, самиот Тумбовски преку писмо го потсетува премиерот дека, не само тие 80 илјади евра за кои зборува опозицијата, туку, според писмото на Тумбовски, на Јанкулоска лично ѝ предал 500 илјади евра, како што тогаш му наложил Груевски. Таа сума никаде не била евидентирана, ниту, пак, пријавена кај институциите задолжени за финансирањата на изборните кампањи.

Тумбовски му напиша на премиерот: „Како плашлив лицемер, исполнет со невидена злоба, едноставно реши да ме елиминираш од твојот круг. Зарем заборави на времето кога со саати киснеше во мојот кабинет во ’Јака табак‘ во Радовиш. Заборави ли колку средства ти беа уплатени на сметката на ’Аналитико‘, токму од ’Јака табак‘ и од ’Табак осигурување‘ во 2005-та и во 2006-та. ’Јака табак‘ успеа да ја уништиш! За малку ќе ја уништеше и ’Табак‘, но те спречија Словенците“ (инвеститорите во „Табак осигурување“, н.з.)!

Очигледно, според писмото, Тумбовски му е гневен на премиерот за затворската казна од шест години за измама на инвеститор од САД. Таквата пресуда е потврдена и од Врховниот суд. Но, Загорац не е во државата и нема намера да се појави на издржување на казната. Против него потерница има активирано судот во Радовиш, во име на пресудата во Струмица. Тоа ќе го стори само ако кривично одговараат премиерот и министерката, односно ако законот се применува подеднакво за сите.

„Ти си плашлив човек, Никола. Сметам дека пред лицето на правдата редно е да бидеме еднакви. Никола, тогаш ќе мора да ја кажеш вистината, ќе мора да признаеш како ги монтираше судските процеси против мене и нашите заеднички пријатели. Убаво би било јавноста да ги знае методите и конструкциите што ги користиш за да си ги измиеш валканите раце и да го сокриеш криминалот“ – пишува Тумбовски.

Според напишаното, или верзијата на Тумбовски, тој, како финансиер на ВМРО-ДПМНЕ со Груевски, како лидер на партијата и кандидат за премиер, биле блиски соработници. Имале многу средби на кои се зборувало за пари. Оттаму потекнува довербата на Тумбовски во Груевски, кога наводно го послушал парите да ги предаде на Јанкулоска.

Според тврдењето на Тумбовски, таа средба била лична, а потврдите за примените пари ги напишала самата Јанкулоска. Затоа јавното негирање на познанство со Тумбовски ја става Јанкулоска во непријатна ситуација, особено ако се знае дека само едно графолошко вештачење може да потврди дали „каса-прими“ потврдите со сумите и името на Загорац се напишани од неа.

Згора на тоа, Тумбовски тврди и дека постојат снимки. „Фокус“ зборуваше со Загорац токму за доказите за кои тврди дека ги поседува. „Рано е“ – беше неговото оправдување за сегашниот молк околу снимките. Но, уверува дека наскоро ќе објави нови докази за инволвираноста на Јанкулоска и Груевски. Снимката имала подолг материјал и опфатени биле повеќе средби во текот на три години.

Дали силата во јавните настапи Јанкулоска ја црпи од инертноста на Јавното обвинителство!? Во ситуација кога знае дека надлежните нема да наредат графолошко вештачење, проверка на партискиот печат на потврдите, на искажаните зборови на Тумбовски и на можната вмешаност на Груевски во „диловите“, лесно ѝ е со едно „НЕ“ да ги увери „своите“ граѓани дека Тумбовски ѝ е тотален непознаник, или дека го познава само преку кривичната пријава на МВР поднесена против него.

ТРИПАТИ СЛОБОДА, НА КРАЈОТ ЗАТВОР

Приказната почнува во 2006 година. Мито и Ване Бојчеви се инвеститори од САД. За да почнат со инвестирање во Македонија, го искористиле пријателството со Загорац Тумбовски од Радовиш, тогашен активен партиски член, а претходно член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што се зголемувала довербата меѓу партнерите, така растеле амбициите на Бојчеви за инвестирање во Македонија. Пријателството стигнало до врвот – Мито Бојчев од САД му остава отворена книшка со милион долари на Загорац Тумбовски, кои може да ги користи за купување акции во „Јака табак“, но и во ШИК „Плачковица“, а подоцна и во „Табак осигурување“.

Навидум нераскинливата врска се зацврстува со поставувањата на Загорац Тумбовски, на татко му Здравко, како и на неговите пријатели, а пред сè на Ѓорѓи Таневски, на клучните позиции низ компаниите, чиј сопственик станува Мито Бојчев.

И кога американските инвеститори мислеле дека се доминантни сопственици во ШИК „Плачковица“ и во „Јака табак“, при проверките на книгите дознале дека не се газди, односно дека и други имаат акции во фирмите. Се запрепастиле кога дознале дека Загорац купувал акции и на свое име!

Пријателството наеднаш се претвора во омраза. Почнува судски, маратонски процес. Мито Бојчев од Америка низ судниците тврдеше дека е измамен, односно дека Тумбовски со лажни полномошна извлекувал пари од неговата сметка и си купувал акции.

Тоа, како што тврдеше Бојчев, го правел во координација со Ѓорѓи Таневски, тогашен претседател на УО на „Јака табак“. Подоцна, пријавените Тумбовски и Таневски заложиле акции на „Јака табак“ за кредит со кој купувале акции во „Табак осигурување“, но повторно на свое име. За ова Бојчев не знаел ништо и затоа ги пријавил за измама и фалсификување документи.

Од друга страна, пак, Тумбовски, докажуваше дека има оригинални полномошна од САД за користење на штедната книшка на Бојчев (потврдено од графолошки вештачења). Дека ги известувал инвеститорите за секој нов влог, односно дека браќата Бојчеви на книшката ставале пари – но секогаш толку, колку што е неопходно за купување конкретен број акции за кои самите одлучувале и никогаш немале повеќе пари на сметката за да може Загорац да ги користи за купување акции на свое име.

Негов силен аргумент се датумите кога купувал акции. Тоа се денови кога на сметката на Бојчев нема воопшто пари, па така Тумбовски не можел да подига пари од празна книшка и да купува акции. Така докажуваше дека сите акции ги купил со други пари, а не со парите на американските инвеститори.

Првично, обвинителството во Радовиш ја отфрла пријавата за измама, затоа што заклучило дека Тумбовски ги остварувал целите на Бојчев и на компаниите што ги застапувал. Подоцна, сосема спротивно на одлуката во Радовиш, обвинителството во Струмица почнува кривично да гони петмина: Загорац Тумбовски, Здравко Тумбовски, Ѓорѓи Таневски, Блаже Србиновски и Лефко Таневски. Ги товари дека организирано го мамеле Мито Бојчев од Америка и со негови пари купувале акции. Судот во Струмица пресудува ослободителни пресуди за сите.

Но, Апелациониот суд во Штип ја укинува пресудата и предметот оди на ново судење пред струмичкиот суд. По низа конфронтации во судницата, во кои двете страни се „натпреваруваа“ да докажат чии се акциите, чии се парите, и кој кого лажел, судот одново носи ослободителна пресуда, со испочитувани препораки на Апелација.

Но, и тоа одново наидува на несогласување кај судиите во штипскиот повисок суд, и досието одново оди назад во Струмица, по третпат, но пред нов судски совет. И новиот совет смета дека нема криминал од Тумбовски и неговите пријатели кога купувале акции и во име на Бојчев и во свое име. Затоа третпат првостепениот суд објавува „слобода“ за пријавените.

Сепак, како што се очекуваше, предметот повторно завршува пред Апелација. Во обид да му се спротивстави на понискиот суд, но и да стави крај на судската драма, Апелациониот суд во Штип, неочекувано ја преиначува пресудата. Во мај 2012-та, за еден ден, слободата на обвинетите се преименува во затворски казни. За Загорац цели шест години.

По одлуката на Апелација, предметот завршува во Врховен суд. Оттаму во декември 2012-та е констатирано истото. Потврдени се затворските казни и вината за измама на американските инвеститори. Со пресудите обвинетите се задолжени да им исплатат милион и пол евра на оштетените инвеститори и на фирмите.

Впечатлив податок е дека Апелација во Штип во пресудата наведува дека понискиот суд во Струмица ја утврдил фактичката состојба, но неправилно го применил материјалното право. Парадоксот е во тоа што за една иста фактичка ситуација, двата суда, струмичкиот и штипскиот, носат тотално спротивни одлуки. Во иднина може и ова да оди на преиспитување.

ЉУБОПИТНОСТА НА ГРУЕВСКИ И УЛОГАТА НА ЧАВКОВ

Загорац Тумбовски не се појавува на издржување на казната затвор. Ја напуштил Македонија и, по неколку години криење и молк, се појавува преку писмо и телефонски изјави за медиумите, со сериозни обвинувања за криминал во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Не открива каде живее, но јасно порачува дека нема да се појави сè додека нема еднаков третман пред законот.

Иако вели оти знае дека во Скопје нема да има никаква истрага за евентуална вмешаност на Груевски и Јанкулоска во скандалот со примање 500 илјади евра затоа што Зврлевски не „трза“ на допрен глас кога се авторитети во игра, сепак очекува дека снимката, која ја ветува за понатаму, ќе ги испровоцира обвинителите да отворат постапка.

Доколку евентуално има истрага, тогаш ќе мора да биде проверен и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Неговото име Тумбовски го поврзува со притисокот врз судиите во Aпелација и Врховен. Во отвореното писмо пишува дека Чавков користел притисоци и закани, а во изјавата за „Фокус“ дополнува:

Тој, заедно со двајца колеги, ме посети во Истражниот затвор Скопје, и под закани и притисок ме тераше да го сменам исказот“.

Тумбовски не сакал да скапува во затвори, што била неговата веројатна алтернатива во тој момент, но, сепак, останал на своето. Подоцна, судот не одговорил позитивно на барањето на Тумбовски, полициските „посетители“ да се повикаат како сведоци. Како што струмичкиот суд носел ослободителни пресуди, така се зголемувале притисоците врз судиите.

Во дополнение на изјавата за „Фокус“, Тумбовски изнесува и други компромитирачки обвинувања за улогата на Чавков. Како што е редот „Фокус“ се обиде да стапи во контакт со Чавков, при што првично од неговиот кабинет и од МВР ни беше ветен став за изјавите на Тумбовски, но по неколку часа, преку СМС порака од страна на МВР бевме известени да си ја тераме приказната. Тоа, во превод значи дека Чавковски веројатно решил да не одговара на прозивките од страна на Загорац Тумбовски.

Ако, пак, се следи исказот на Тумбовски, тогаш се отвора дилема чиј интерес штител Чавков со евентуалната вмешаност во судските процеси? Кому му одговарало Тумбовски да биде затворен? Што се попречило меѓу него и врвот на ВМРО-ДПМНЕ, ако имало финансиски „компромис“?

Целиот случај со судските процеси, тврдат извори за „Фокус“, го следела власта со голем интерес. Според истите извори, показател за тоа е и една средба на премиерот со Мито Бојчев, како и еден телефонски разговор меѓу нив. Изворите на „Фокус“ ја знаат содржината, но јавно не откриваат повеќе од разговорите, само тврдат дека премиерот неколкупати повторил дека ќе остави на судот да ја заврши работата.

По сево ова, пологичен е заклучокот дека актуелните обвинувања на Тумбовски се производ на неговиот анимозитет кон власта и неговото чувство на измаменост, отколку дека тој е во договор со опозицијата да ги мести премиерот и министерката, како што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го прикаже.

Сигурно му е потешко тоа што го изневериле соработниците, како што вели, преку монтиран судски процес или, поточно, лицата за кои тврди дека ги финансирал, отколку дека бара излез во Зоран Заев.

Ниту Заев е во ситуација да му помогне на Загорац, со оглед дека има пресуда на Врховниот суд, ниту, пак, Загорац, со откривање на скандалот, може да го истурка Заев погоре во политиката. Сепак, останува и можноста дека Тумбовац ги доставил „каса-прими“ потврдите до опозициската партија.

Овде се покажа дека „недопирливите“ се навистина такви. Едноставно тој се чувствува изневерено затоа што многупати практиката покажала дека партиите им остануваат должни на финансиерите, особено кога ќе дојдат на власт.

За потсетување, Груевски станува премиер во истата, 2006-та, кога и почнува драмата со акциите во Радовиш. Но, и кога се пишувани потврдите „каса-прими“. Неколку такви потврди, подоцна, во 2009-та, Тумбовски тврди дека му се одземени при претресот.

Зар не е очекувано Тумбовски да се надева дека ќе остане недопрен, односно дека ќе има фер судски процес, ако претходно искеширал илјадници евра? Неговото јавно обвинување е повеќе револт кон власта, односно да покаже дека знае оти тие, кои му сместиле процес, најверојатно загазиле во криминал. Ако имал намера да го тестира македонското обвинителство, тогаш резултатот го знаел однапред.

Со ваквиот однос на главниот истражен орган само се одобрува нечесно однесување на високо позиционирани поединци, ако не се одреди поинаку, преку судски процес. Ако ова се заврши како што претпоставуваат сите – со молк, тогаш ќе остане само пораката од Тумбовски, таквите како него, кои сметаат дека имаат докази и информации во врска со криминални дејанија на високи функционери, да прозборат, во надеж дека само ако се во поголем број, ќе го разбудат обвинителскиот интерес.

Или, пак, да предизвика обратен ефект – уста да не отворат што и да знаат зашто нема кој да истражува. А, се прашувате во каков херој можеше да прерасне Зврлевски?


ДРЖАВАТА НА СЛЕПО ЌАРИЛА ДВА МИЛИОНА ЕВРА

Со пресудите за „Јака табак“ околу купопродажбата на акциите, петтемина обвинети, предводени од Тумбовски, се задолжени да им исплатат помалку од два милиона евра на оштетените и на фирмата. Меѓу оштетените се наведуваат исклучиво браќата-инвеститори од САД, Мито и Ване Бојчеви, како и ШИК „Плачковица“.

Иако како оштетени се пријавени уште неколкумина, сепак за нив судот нема ист третман и одлучува да им ги конфискува парите, односно ги користи како сведоци во процесот, а потоа ги остава со празни сметки.

Имено, браќата од Америка, Крсто и Роберт Блажевски, кои првично влегуваат во играта со акциите, а потоа се повлекуваат, како и Герасим Ванчев и Ордан Димовски, остануваат без парите кои првично им се блокираат на сметките.

Иако подоцна нема никаков обвинителен акт за нив, сепак, Апелација и Врховен пресудуваат дека парите се стекнати од кривично дело и, иако нема обвинение за нив, парите им се конфискуваат во корист на државата.

Зачудува фактот што државата во процесот не е ниту оштетена, ниту инволвирана. Но, ете ѝ можност како да стави на контото два милиона евра. Сега овие неколкумина оштетени, ако воопшто имаат сила и волја, ќе мораат во нов судски процес да докажуваат дека останале без пари, иако биле само сведоци во процесот.


ТУМБОВСКИ ИГРА ГОЛФ ВО БУГАРИЈА, НЕ ОТКРИВА ШТО РАБОТИ

Името на Загорац Тумбовски е меѓу десетте истакнати членови на голф-клубот „Пирин“ во Бугарија. На главната табла, поставена во голф-клубот, која е на очиглед на сите гости, меѓу неколкуте главни спонзори, изрезбарено во дрвото е и името на радовишанецот, осуден во Македонија на шест години затвор.

Познавачите тврдат дека е голема чест да ти стои името на таа табла, на која се испишуваат само тие што придонеле за клубот. Многупати таквите личности се сметаат и за спонзори на клубот.

Инаку „Пирин“ има голем број хотели, спа-центри и огромни терени за голф. Таму се играат светски и европски турнири. На прашањата на „Фокус“, каква е неговата улога во „Пирин“ и што работи во моментов, Тумбовски не открива многу, само одговори:

Имам сериозен бизнис, а повремено играм голф“!


ДОСИЕ ЗА „ЈАКА ТАБАК“ ТРИПАТИ ПРЕОТВОРЕНО И ВО СКОПСКИ СУД

Досието „Јака табак“ беше отворено и пред скопски суд, но не за сомнителните трансакции со акциите што се судеше во Струмица, туку за продадениот тутун кој државата го складирала како стокова резерва во магацините на „Јака“.

Директорот Ѓорѓи Таневски, заедно со уште други 13 лица, е обвинет дека незаконски, и без да пријави, продал три илјади тони тутун од стоковите резерви. Количеството е огромно, но Таневски успеал со стотици камиони да го изнесе тутунот од Македонија.

Разликата е во тоа што овој процес не одеше на релација Основен – Апелационен, туку процесот трипати доаѓаше до завршни зборови во првостепениот суд, односно до пресуда и, на изненадување на сите учесници во постапката, судијката Лидија Неделкова (сега претседател на Врховен суд) го отвораше одново и го враќаше судењето на почеток!

Потоа, поради експресното напредување во нејзината кариера, му го остави предметот на друг судија. Новиот судија пресуди казни затвор. Обвинетите се казнети од една до пет години, некои и условно. Преку Апелација, скопското досие „Јака табак“ стигна во Врховен. Во моментов се анализира пред конечната одлука на највисокиот суд. Повторно досието е кај Лидија Неделкова, која претходно трипати го преотвораше!


ЧИИ СЕ ПЕЧАТОТ И ПОТПИСОТ НА ПОТВРДИТЕ?

На потврдите што ги презентираше Заев, а за кои Тумбовски тврди дека се веродостојни и дека постојат уште такви „каса-прими“ потврди, стои печатот на ВМРО-ДПМНЕ, покрај потписот на генералниот секретар.

Илија Димовски, откако неколку дена молчеше за скандалот со аудиоснимката на која зборува премиерот со газда Нини за Македонска банка, од партиската говорница гласно обвини дека Тумбовски и Заев се во координација и дејствуваат против власта. Затоа самите ги напишале потврдите.

Доказ за тоа бил печатот од потврдите, кој бил важечки до 2004-та, малку време откако Љубчо Георгиевски му ја предава партиската архива на Никола Груевски, а потврдите биле од 2006-та, две години по укинување на печатот.

Но, од друга страна, според реакцијата на Георгиевски, и стариот печат е цело време кај ВМРО-ДПМНЕ. Замислената ситуација би била: за да се сокрие трага, намерно да се стави стар печат, за кој Тумбовски нема поим дали е стар или нов, а наместо цел потпис, да се начкрта нешто како потпис. Затоа се потребни нови докази во случајот, односно истрага на државните органи!

Поврзани новости