Александар Ристовски-Принц: Спремаме заедничка тужба, постои закон кој мора да се почитува

by fokus

Музичарите кои останаа без државната помош за домашна музичка продукција откако МРТ и Министерството за култура се договорија да ги поништат одлуките за распределба на субвенции, заедно подготвуваат тужба со која ќе бараат доследно почитување на Законот. Тужбата, велат, е во тек и ќе поднесена во управна постапка со која ќе се бара примена на веќе донесените одлуки од МРТ.

Неофицијално зад тужбата ќе застанат околу стотина уметници, продуценти, изведивачи и автори. Музичарот Александар Ристовски – Принц вели дека тие веќе направиле песни со кои конкурирале на огласот.

-Постои Закон и распишан е конкурс согласно Законот. За сите нерегуларности во спроведувањето на Законот одговорни си се носителите и извршителите. Луѓето направиле песни и ги пријавиле, по никој основ не може они да бидат оштетени заради неспроведување. Одговорот е едноставен, Управна постапка – вели Принц.

Тој за три нови нумери ќе требаше да добие 9.000 евра. Беше рангиран како врвен изведувач. Но Министерството за култура и Македонската радио телевизија денеска преку заедничко соопштение информираа дека се договориле да се поништат одлуките кои јавниот сервис ги донесе претходно за финансиска поддршка на македонската музичка продукција. Одлуката била донесена вчера на состанок меѓу претставници од Министерството и МРТ.

„На состанокот заеднички беше констатирано дека актуелниот Законот за поддршка на домашната музичка продукција е тешко применлив и дека не ја исполнува функцијата за која е донесен. Исто така, констатирано е дека Македонската радио телевизија, по спроведениот надзор и по насоките дадени од страна на Министерството за култура ќе пристапи кон поништување на одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на Вториот и Третиот квартал од 2017 година“, стои во заедничкото соопштение.

Според претходно донесените одлуки, на фолк-интерпретаторот Али Бајрам и на поп-изведувачите Авни Аљији и Дарио Панковски државата ќе требаше да им исплати по 9.000 евра за две песни. Сите тројца се рангирани во категоријата „ѕвезди“ каде финансиската поддршка е најголема и изнесува 4.500 евра за еден рефрен (3.000 евра за звучно снимање на песната и 1.500 евра за спот).

Поп-пејачот Ѓорѓи Крстевски беше рангиран како изведувач на народна музика. По 3.000 евра требаше да добијат Ристо Самарџиев, Кристијан Габроски и Бајрамаљи Идризи.

М.В.

Поврзани новости