Ахмети се плаши од промаја, или од кумановскиот огранок ?

by fokus

Армија обезбедувачи биле ангажирани на собирот на ДУИ завчера во Чаир каде што се обрати лидерот Али Ахмети пред подмладокот на партијата, што повторно ги раздува  ветриштата дека кумановскиот огранок непомирен со старите долгови на Ахмети му  крои стапица на лидерот. И токму поради безбедносни причини, ДУИ до крајот на предизборието, ќе ги одржува митинзите во затворени простории, велат неофицијални извори.

Собирот на ДУИ во Чаир од каде Ахмети ги исфрли првите националистички рафали се одржа во спортската сала „Шабан Трстена“.

Бујар Османи, портпарол на ДУИ за „Фокус“ вели дека не се точни информациите дека кампањата на ДУИ ќе се случува во затворено и дека следниот митинг на партијата ќе биде во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Но, и овој  објект е од затворен тип, така што прашањето останува отворено:

„Завршниот митинг на ДУИ е на плоштадот во Тетово, не е точно дека ДУИ ќе држи собири во затворено, од безбедносни причини “, се корегира Османи.

Партиски извори за „Лајм“, обелодениле дека најмалку 300 луѓе биле ангажирани завчера во Чаир, за да го обезбедат врвот на ДУИ, од „евентуалниот револт на Албанците, кој може да избувне во секој момент“, пренесува порталот.

„ Претседателот на ДУИ и неговите блиски соработници , по се изгледа ќе бидат најпроблематичните политичари на овие избори, поради обвинувањата што се направени на нивна адреса, дека ја издале кумановската група, и дека ги излажале семејствата на осудените лица во случајот „Монструм“. И самата ДУИ изгледа дека е свесна за „добрите дела“ кои ги направила за Албанците, откога е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, затоа презема силни мерки за обезбедување, да се одбрани од нивниот револт“, пишува „Лајм“.

 Беким Незири, шеф на изборниот штаб на ДУИ за „Фокус“ вели дека нема причина поради која партијата би ги одржувала средбите со граѓаните во затворени простории и дека не станува збор за никаков страв или какви било закани по безбедноста на раководството, туку дека единствен непријател во случајов е студеното време.

„Завршниот митинг планираме да се одржи во Тетово на плоштад на 9 декември. Кога би можеле и тој собир би го држеле во затворено, но таму нема толку голема просторија да ги собере сите што ќе сакаат да дојдат. Конвенцијата ќе се одржи во  „Борис Трајковски“ на 20 ноември , но тоа не е од безбедносни причини, туку поради студеното време. Ако сакате на пет степени да соберете луѓе на митинг, мора да ги одржувате во спортски сали или други затворени простории, вели Незири за „Фокус“, објаснуваќи дека и собирот во Чаир се одржал во затворено поради заладувањето и со оглед на програмата која била од забавен карактер во чест на подмладокот на партијата. И за собирот на Форумот на жени на ДУИ , се бара просторија која би можела да собере околу 2.000 симпатизери.   С.М.

Поврзани новости