Аднан, внукот на Есма од Германија: Ќе се вчудоневидите од убавината на споменикот што ќе го правиме!

by Fokus
Откако вчера на социјалните мрежи се појави фотографија од несредениот гроб на кралицата на Ромската песна, Есма Реџпова – Теодосиевска, по што следеа низа обвинувања дека вечното почивалиште на ѕвездата е сосема запуштено, се јави и внукот од брат на Есма, Аднан Реџепов од Германија.
Дел од јавноста ја обвинуваше државата за негрижа, бидејќи Есма беше Национален уметник на РМ, а други пак вината ја префрлаа на семејството, но и на децата кои Есма и Стево Теодосивески ги одгледале. За сите кои реагираа, Аднан порача да бидат трпеливи, бидејќи ги започнал преговорите за подигање на споменик, со фирма која изработува надгробни плочи и споменици на светски познати личности.
,, Мојата тетка беше и засекогаш ќе остане во нашите срца,  но ние Реџепови, а посебно јас, Аднан Реџеп, нејзниот сакан внук,  ги замолувам сите нејзини фанови и цела Македонска јавност за малку трпение. Јас сум во преговори со една странска фирма, специјализирана за уникатни споменици на славни личности, која ќе биде одговорна за изградба на нејзиното вечно живеалиште. Мислам дека проектот е толку убав, што секој Есмин фан и обожавател ќе биде вчудоневиден од убавината и квалитетот на споменикот. Ви благодарам на сите што се сетивте и реагиравте, но уште еднаш ве молам за малку трпение. Однапред ви благодарам на сите, па и на весникот што ја објави оваа статија. Ве сака Аднан Реџеп’’ – порача внукот на Есма.
Тој долги години живее и работи во Германија, а во Скопје дошол на погребот на неговата тетка, за која што вели дека отсекогаш многу ја сакал и почитувал. Откако набргу по смртта на Есма се појавија шпекулации дека нејзини роднини,односно внуци од сестри и браќа не се согласуваат со тестаментот во кој таа го остава својот имот на државата, и ќе се борат за наследството, Аднан ни потврди дека семејството ќе си ги бара своите права.
Вики Клинчарова

Поврзани новости