Каков крај

Текстот е објавен на 1 март, 2015 година во неделникот „Фокус“

Си ги претставив и сите оние чесни луѓе кои со години му помагаа на Никола да дојде и да се одржи на власт? Дали денес сите тие луѓе ќе бидат колатерална штета на политиките на Никола, и ќе бидат дел од колективната одговорност која денес власта тивко ја заговара? Но одговорноста за личните постапки никогаш не може да биде колективна. Одговорноста е индивидуална и таа може и ќе биде лоцирана. Сега е време сите чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ јавно, категорично и недвосмислено да се дистанцираат од овие штетни политики кои ги раководи Никола.

Пишувал Владимир ЛАЗАРЕВИК

Беше 2004 година кога се запознав со Никола Груевски. Во тоа време во штабот на ВМРО-ДПМНЕ речиси и да немаше луѓе. Со уште двајца пријатели му помагавме на Никола како да се градат позиции на одредени политики кои власта ги реализираше во тоа време. Првата беше територијалната децентрализација. ВМРО-ДПМНЕ имаше тврда позиција против децентрализацијата. Нашите совети беа да се продолжи на тој курс и да не се попушта.

Никола отиде во САД, и еден ден добив повик на тел. “Ало Владо, Никола е, се јавувам од Лос Анџелес лонг дистансе кол, само да ти кажам дека тука имам многу притисоци да попуштиме за референдумот, што да правиме?” Јас му велам никакво попуштање, сега ни е шансата мора да одиме остро до крај. Така и бидна. ВМРО-ДПМНЕ до крај беше против територијалната децентрализација и позициите на претседателот на партијата беа категорични.

ПАТОТ ДО ВЛАСТА

Како мала специјалност на нашиот тим беше подготовка на текстови во кои се аргументираа позициите на партијата. Еден од текстовите кои направија влијание беше одговор на коментар објавен во европскиот весник European Voice – со наслов Граѓаните велат не на територијалната организација (Citizens say no to boundary changes) каде Никола Груевски беше потпишан како автор и претседател на партијата. Тоа беше веројатно прв пат претседател на ВМРО-ДПМНЕ како опозициона партија да објави авторски текст во толку важен европски политички весник.

Вториот важен текст беше реакција од Никола Груевски како одговор на позицијата на Европската Унија искажана од Мајкл Салин тогашниот претставник на ЕУ во Македонија. Текстот на Салин беше насловен Референдумот во Македонија: Чекор наназад на патот кон ЕУ“ (1 октомври 2004)  и беше објавен на веб страницата на Институтот за Известување во Војна и Мир (ИИВМ). Во коментарот Салин дискутираше за важните елементи на безбедносната и политичката состојба во државата во изминатите неколку години по потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор.

Реакцијата на Никола Груевски беше објавена во „Време“ на 7 октомври 2004 година со сосема спротивен наслов од тој на Салин. Текстот на Никола се викаше “Референдумот: Придонес на граѓаните на патот кон Европа”. Тогашните категорични позиции на ВМРО-ДПМНЕ во многу што придонесоа ден пред референдумот САД да ја признаат Република Македонија под уставното име. Референдумот пропадна, територијалната организација се спроведе, Америка ја призна Македонија, се отвори патот до власта за Никола Груевски. Улогата на нашиот тим бргу после тоа заврши, за во 2006 година Никола да мe покани да му бидам советник за реформите во здравството.

Во изборната кампања бев ангажиран заедно со Бранко Саркањац, Панде Лазаревски, Трајко Славески и Влатко Чинговски да ја финализираме програмата „Преродба во 100 чекори“. Пред да се објави тој документ неколку дена бевме затворени во хотел „Сончева Порта“ каде ги комплетиравме последните делови од програмата. Се сеќавам дека додека го уредував документот осетив потреба да се направат интервенции во редоследот на поглавјата. И јас ги прередив онака како што сметав дека ќе биде пологично и конструктивно за читање.

ДЕВЕТ ГОДИНИ ПОДОЦНА

Бев задолжен финалниот документ да му го однесам на Никола. Пред да го однесам го споделив со Трајко Славески кој подоцна стана министер за финансии во првата Влада на Никола. Му реков, “Jас ги прередив поглавјата, мислам дека е вака подобро. Тој ме погледна и ме праша: “Ама дали ова ти го одобри Претседателот? Јас му велам, не, ако не му се допадне, ќе ги вратиме. Трајко ме погледна и пак, “Aма како можеш без негова дозвола да ги прередиш?” Кога му го однесов материјалот на Никола, он го прегледа и ми се јави. Беше многу задоволен од сработеното.

Многу бргу потоа почнавме да ја промовираме програмата низ цела Македонија. Се организираа трибини, Никола и „Преродбата во 100 чекори“ имаа неверојатна привлечна моќ. Едноставно, каде и да појдевме нѐ чекаа како победници. Многу пред изборите во 2006 година се знаеше дека Никола ќе стане премиер. Така и бидна. Во септември 2006 година бев назначен за заменик министер за здравство.

Речиси после неполни два месеца започнаа нашите први несогласувања. Првото беше за тоа како да се формира групата која учествуваше на програмата за менаџмент во здравството. Една вечер доцна добивам телефонски повик од Никола. Ми вика: “Владо како ги избираше луѓето да ја посетуваат програмата за менаџмент?” Јас му викам, па преку CV.  “A партиска припадност гледаше ли?” Јас му велам, не, не им пишува во ЦВ-то од која партија се. Од тој момент започнаа нашите бројни несогласувања за многу процеси кои се одвиваа во здравството се до август 2008 година кога заврши мојата заменичка кариера. Со Никола од тогаш повеќе не се слушнавме.

Девет години подоцна со Никола на кормилото еве не тука во еден галиматијас на шпионажа, контра шпионажа, на протести и контра протести, на бранители на Македонија од странски тајни служби, на #СтудентскиПленум и на протести во речиси сите сектори. Еве не тука во покорена економија, незадоволство кое секој момент може да кулминира со трагични последици. Еве не тука сведоци на државен криминал, уцени, снимања, понижувања и монтирања на судски процеси. Еве не тука во една атмосфера на страв, на прогон, на терор. Во земја која е на дното на слободата во медиумите.

ОД ДЕМОКРАТ И ТЕХНОКРАТ, ДО АВТОКРАТ И БИРОКРАТ

Кога пред некој ден седев на шоуто на Златна Буба Мара се потсетив на 2006 година и на митинзите кои тогаш ги организираше Никола. Се потсетив на таа победничка атмосфера тогаш, и на ова исмевање на негова сметка денес. Си претставив како ли сега Никола се чувствува? Од победник до губитник. Од демократ и технократ, до автократ и бирократ. Од човек на кого многумина од нас му помогнаа да дојде на власт, да донесе развој и просперитет на државата, до човек кој сака да не брани од пуч и странски разузнавачки служби. И така дојде и понеделник и насловната страна на Вест дека САД ќе одземаат визи на политичари, судии, бизнисмени, на медиумски работници врз основа на морална нискост, нешто што ќе остане незапаметено во историјата на Македонија. Од кого ќе се браниме сега Никола?

Си ги претставив и сите оние чесни луѓе кои со години му помагаа на Никола да дојде и да се одржи на власт? Дали денес сите тие луѓе ќе бидат колатерална штета на политиките на Никола, и ќе бидат дел од колективната одговорност која денес власта тивко ја заговара? Но одговорноста за личните постапки никогаш не може да биде колективна. Одговорноста е индивидуална и таа може и ќе биде лоцирана. Сега е време сите чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ јавно, категорично и недвосмислено да се дистанцираат од овие штетни политики кои ги раководи Никола.

Гледано вака наназад, јас не жалам што сум дал свој мал придонес Никола да дојде на власт. Тој Никола од 2006 беше човекот на кого му верувавме. Овој од „Скопје 2014“ е тој на кого повеќе не можеме и не сакаме да му веруваме.

Збогум Никола!