41 дете меѓу жртвите на пожарот во Кемерово, Путин ја обвини управата на трговскиот центар за криминал и несовесно работење

by fokus

Фото: EPA

Четриесет и едно дете се меѓу 64-те жртви на стравичниот пожар што избувна во трговски центар во сибирскиот град Кемерово. Денеска неколку илјади граѓани излегоа на улиците на Кемерово, бараат од властите да го објават точниот број на жртви и извикуваат „Вистина, вистина.“

Граѓаните бараат и да им се дозволи да ги посетат мртовечниците, за да ги видат жртвите.

Во Кемерово пристигна и рускиот претседател, Владимир Путин, кој положи цвеќе и вети дека ќе се најдат виновниците за оваа трагедија.

Како што рече Путин во обраќањето пред граѓаните, причина за несреќата е криминално и несовесно работење во управувањето со трговскиот центар.

„Тоа што се случува кај нас не е војна, ниту изненадна експлозија во рудник. Луѓето, децата дојдоа да се одморат. Ние зборуваме за демографија, а губиме толку луѓе. Зошто? Поради криминална немарност“, рече Путин.

Како што рече тој, истрагата ќе почне од оној кој дал дозвола за работа на трговскиот центар, до оној кој бил задолжен за безбедност.

„Вклучете го тука и чуварот кој не го притиснал безбедносното дугме. Треба да се помине низ целиот ланец, од регистрација на зградата и издавање на дозвола фабриката да се пренамени и да стане центар за забава. Кој дал дозвола да се користат овие материјали? Истражителите мора да поминат низ секоја алка“, порача Путин.

 

Поврзани новости