ЅВЕЗДЕНАТА ПРАШИНА НА НИКОЛА МЛАДЕНОВ

by Фокус

Пишува
Мимоза РИСТОВА

Никола Младенов, иако отсекогаш носеше очила, тој секогаш имаше јасен ФОКУС на настаните. Никола имаше посебен ментален инструмент со кој појасно проникнуваше во суштината на нештата, од сите нас. Беше ситен, но во главата имаше огромен хард-диск од милиони гигабајти, во кој складираше податоци од секаде и од сите времиња. Беше наизглед кревок, но супербрзиот процесор во главата будно и неуморно ги применуваше логичките операции, само и само ЈАВНОСТА да дојде до ВИСТИНАТА.

Никола го познавам 43 години – од прво одделение. Заедно учевме. Сакам да ви соопштам еден непобитен факт: тој не ја отпочна кариерата во „Млад борец“. Тој многу години порано ја почна издавачката и новинарската кариера заедно со мене, како уредници на училишниот весник во основното училиште. Заедно пишувавме смешни детски текстови, преполни со литературни клишеа, заедно ги пренесувавме текстовите на восочни матрици и заедно со хаусмајсторот го вртевме шапилографот за да направиме тираж од весникот, за да нѐ читаат учениците од целото училиште.

Еден убав пролетен ден, чинам бевме шесто одделение, седевме на тревникот кај НУБ неколку деца, веќе пубертетлии – големи магариња, кога Николче ни соопшти како всушност се прават деца. Ни го објасни половиот однос. Шокантни вести! Скандалозни! Никој претходно, ни родители, ниту наставници, ни учители, ни роднини, никој жив не ни ја имаше дадено таа основна и суштинска информација. Никола ни ги пренесе клучните информации за нашето постоење, од кои не можевме да спиеме со денови. Николче секогаш прв ги дознаваше нештата.

Да се вратиме во сегашноста. Откако заврши оваа валкана предизборна кампања и помина уште повалканиот прв круг од локалниве избори, јас, а верувам и сите вие, се почувствувавме како трупови со ампутирани екстремитети, немоќни да се спротивставиме на устоличеното зло. Се срамев од сопствениот народ и се згадив од сопствената држава. Се срамев и се мразев сѐ до вчера, додека не нѐ собори од нозе веста за несреќната смрт на Никола Младенов. Смрт испратена како потсетник дека земја Македонија не ти била целата исполнета со олоши, амеби и безрбетни црвје, ами имала и сонциња.

Никола Младенов беше една голема светла ѕвезда над нашето натмурено и проплакано македонско небо, која од вчера се пресели во временскиот простор на вечноста. Ние, неговите современици, и вие од семејството, носителите на неговиот генетски материјал, вие две мали ќеркички во чии жили тече неговата крв, да се обврземе да впиеме што поголеми количества од ѕвездената прашина што ни ја остави позади себе на заминување, за и ние да оставиме барем мал печат на историјата на слободната мисла и слободата на говорот во Македонија.

Никола! Се надевам дека таму каде што си заминат по судниот ден, додека чекаш да те прераспределат пред портите на рајот или чистилиштето, дека ќе се одмориш малку. Се надевам дека нема и таму да отвориш нов независен небески печатен медиум и да почнеш да ги вадиш валканите вистини за небеските чувари, неверствата и љубовните афери на ангелите и манипулациите и проневерите на божествените битија.

Одмори се, брате. Почивај во мир. Ние ќе те славиме.

 

(Текстот е од веб архивата на Фокус)

Поврзани новости