Звездана Ангеловска ја понесе наградата за најдобро актерско остварување на 29. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Таа наградата ја доби за улогата на Таа во претставата на МНТ, „Само глас“, во режија на Марјан Неќак. Ангеловска е единствената актерка во речиси 30-годишното постоење на фестивалот која вторпат ја добива наградата „Ристо Шишков“.
Таа во интервју за „Фокус“ говореше за наградата, но и општо за нејзината богата актерска кариера, која трае речиси 30 години.
„Секоја награда за секого е веројатно значајна и драга – да не се откажувате никогаш од работењето, посветеноста, предизвиците..па ете, кога доаѓа и наградувањето, чувството е дека сега можете слободно да продолжите и со надградувањето. Еден познат режисер-педагог велеше дека според него, актерот треба постојано да има елан за работа, а тој се препознава по неговите очи, дека таму лежи, животот, и не може да се излаже на сцената. Тоа бил и начинот како тој ги препознавал своите студенти во процесот на работа“, го започна разговорот Ангеловска.
Пандемијата на корона вирусот која трае година и пол го промени животот на луѓето во сите професии. Ангеловска вели дека го доживува најголемиот театар во нејзиниот живот.
„Јас лично не бев подготвена, а верувам и останатите луѓе- дека ќе дојде до ваков поразителен пресврт од загрозувачки карактер. Овој пресврт го доживеав како најголем театар што некогаш ми се случил во моето постоење, кој по интензитет на самото чувство, речиси ги надмина сите мои досегашни улоги, претстави. Најтешкиот дел од работата беше што ви се случуваат истовремено, два театри, паралелни како два живота, каде не знаете ниту во еден миг кој кога повеќе ќе надвладее-дали театарот на сцената, или театарот, во животот. И во процесот на работа, се трудев колку што можам да бидам присебна, колку што можев да не кукам заради нашата креативна професија која страда во секој поглед заради тоа во овие мигови“, вели Ангеловска.
После оваа престижна награда „Ристо Шишков“, се поставува прашањето дали достигнат е зенитот на кариерата на нашата соговорничка?
„Само времето ќе може да даде одговор на тоа. Полесно ќе беше животот да беше една театарска претстава, па да знаете каде е почетокот, средината, крајот, зенитот, падовите или успесите. За мене најголем успех е она што го носам , внатре, во себе и несебично да го дадам“, додава таа.
Освен успесите на професионално ниво, нашата актерка вели дека е горда што работи на полето на човечкиот живот и неговото подобрување, усовршување, развивањето на многу способности, пред се на оние кои таа треба да ги надградувам. Ќе бидам многу погорда, вели Ангеловска, кога еден ден ќе може да помогнам во полетона човечките сфери и така ќе придонесам и во самото општество.
Во кариерата на секој успешен човек, секогаш има неколку луѓе кои силно влијаеле врз нивниот развој. Во животот на Ангеловска исто така постојат ликови кои оставиле силен личен печат.
„Почнувајќи од професорот Владимир Милчин, па се до последниот автор на последниот негов режисерски проект-Марјан Нечак. Театарот е тимска работа, каде морате да ја сочувате вашата, индивидуалност, да остане, здрава и чиста, со ваша лична и заедничка работа на тимот. Факт е дека сум учела од врвни педагози-режисери кај нас, почнувајќи од мојот прв учител каде дипломирав, а некои од нив ги нема веќе за жал, а уште и некои од нив се и реткост да се сретнат“, раскажува Ангеловска.
Театарската уметност помина низ своевидна трансформација низ годините. Дали после толку промени во театарскиот живот, се врати достоинството на актерите?
„Секое масовно губење на достоинство кај луѓето, повлекува и масовно губење на достоинството на многу од нивните професии. Луѓето ги играат самите актери, како што лекарите ги лечат самите луѓе. И ако воопшто кај самите луѓе се изгуби достоинството, на било кој начин, тогаш критериумите и вистинските вредности ги снемува и тогаш се доаѓа до моментот на лажни вреднувања, конфузност, како и неконтрола на самите себе, но и на сите околу нас“, додава таа.
Уште на почетокот, кога таа се запишувала на ФДУ, нејзините родители биле против, но подоцна ја оставиле слободно да плови низ нејзиниот живот. Според неа, актерството не е само професија, туку еден вид животна мисија.
Многу е важно актерите на сцена да функционираат како часовник – се да биде прецизно и актерската екипа да биде во совршен ритам, за да имаме добра театарска претстава.
„Техники и методи постојат, тренинзи и слично, проби…но тие треба да ги интегрирате во сопствен систем. Од искуството со партнерите-колку е поголем актерот, толку е поголем неговиот ентузијазам и елан за работа и учење т.е. големите актери најмногу учат и вложуваат најголем труд, додека останатите можат и да се излажат дека нешто и научиле“, анализира Ангеловска.
Кога станува збор за старото Скопје, Ангеловска со многу емоции си ги навраќа спомените од тоа кога немало гужви, кога тротоарите не биле преполни со паркирани коли.
„Се сеќавам дека за, Камен Мост, бев, истренирана, (за одредени најмал број на минути) да го поминам со виолината, за да не задоцнам на час, а после тоа се радував кога мајка ми ќе ме земеше и почастеше со ќебапчиња во чаршијата или еклери и боза во Шехерезада, во ГТЦ“, се присетува Ангеловска.
Актерите се почесто влегуваат во политиката, што наидува на остри реакции од дел од граѓаните кои сметаат дека местото на актерите е на сцената, а не во партиските штабови.
Запрашана за оваа состојба, нашата соговорничка вели дека никако не се пронаоѓа во политиката, затоа што според неа, нема предиспозиции за тоа.
„Мене местото ми е во онаа област таму каде што сум. Фактот што сум отишла дури до Русија да се дообразувам, доволно говори колку ја сакам својата професија. По никоја цена сега не би ја напуштила, особено во политичките води каде немам ни предиспозиции, а познавајќи се себе си, верувам и дека би се фрустрирала ако немам доволно предзнаење или образование“, го заврши разговорот Ангеловска.
Јорданчо Цветаноски
Фото: МНТ