Работниците и синдикалците и овој Први мај излегоа на протест.Граѓаните сметаат дека работничките права секојдневно се прекршуваат. Велат дека на сите им е потребана пристојна плата, и нормални услови за работа.
Групата тргна од пред ССМ, а застана пред влезот на Стопанската комора. Синдикалците решија со свирежи да ги поздрават работодавачите.
Традиционално синдикалниот марш завршува пред владината зграда на Илинденска. Секоја година синдикалците и работниците доставуваат барања до властите за подобри работнички права. Но, според синдикалците, засега властите не биле заинтересирани за решавање на проблемите на работниците.
„Повеќе работни места за жените, младите и лицата со попреченост, сигурност на работните места, договори за вработување на неопределено време. Стоп за договорите на определено време подолги од една година. Здрави и безбедни работни места. Минимална плата најмалку 13 800 денари“, побара претседателот на ССМ, Дарко Димовски.