Граѓаните немаат доверба во медиуми, 72 отсто сметаат дека се под политичкo влијаниe

by fokus

Според анкета спроведена во рамки на истражувањето на „Балканскиот барометар 2017“, 72 отсто од граѓаните во Македонија сметаат дека медиумите се целосно или делумно под политичко влијание. Само 23 отсто не би се согласиле со таа констатација.

Поразителните резултати од истражување дополнително ја зголемуваат недовербата во медиумите со тоа што поголемиот број од граѓаните сметаат дека медиумите се корумпирани.

Во Македонија 42 отсто од испитаниците веруваат оти медиумите се моќни да ја контролираат владата и да ја направат отчетна кон граѓаните, додека 55 отсто мислат дека медиумите ја немаат таа моќ. На ниво на регионот, во моќта на медиумите во однос на владата веруваат 43 отсто од анкетираните, додека во спротивното тврдење веруваат 51 отсто.

На прашањето за корупцијата и за медиумите, перцепцијата на граѓаните е најпозитивна во Албанија, Косово и во Црна Гора – таму најмногу испитаници се изјасниле дека веруваат дека медиумите не се корумпирани. Најлошо стојат медиумите во Босна и Херцеговина, каде што дури 80 отсто од испитаниците сметаат дека се корумпирани.

Истражувањето кое во понеделникот беше објавено и презентирано во Брисел е спроведено врз 8.000 испитаници во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора и во Турција.

Поврзани новости