Претседателот на собранието Трајко Велјановски денеска повтори дека одложувањето на констатирањето на оставките на опозициските пратеници го сторил во дослух со власта, но и со самата опозиција.
– Без намера да дозволам како претседател на Собранието да бидам вовлечен во дневни препукувања, би сакал да потсетам на неколку факти познати и на медиумите и на целата јавност. Прво, на прес-конференцијата на самиот Петре Шилегов веднаш по одлагањето на седницата за констатирање на оставките. И второ на средбата на Никола Груевски и Зоран Заев неколку дена подоцна, што доволно зборува за тоа кој ја говори вистината“, соопштија од кабинетот на Велјановски.
Демантирајќи го Велјановски во тврдењето дека во комуникација со нив го одложил констатирањето на нивните оставки, откако претходно против нивна волја биле верификувани, и од СДСМ потсетуваат на изјавата на нивниот партиски портпарол Шилегов, која гласи:
„Иако Груевски на различни начини најавуваше дека веднаш по констатирањето на оставките, власта ќе распише вонредни избори за пополнување на испразнетите места на опозицијата, тоа не се случи. Со денешната одлука да не се констатираат оставките на пратениците, може слободно да се заклучи дека премиерот е подготвен да разговара за барањата на опозицијата. Оттука, следно што се очекува е одржување средба на којашто претседателот Заев ќе ги соопшти барањата на опозицијата, што ќе бидат теми на можните разговори за надминување на последиците од нерегуларните избори…“
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак, им порача на социјалдемократите наместо да испраќаат јавни закани, да делуваат низ институциите.
– Нема ниту еден друг човек, освен тие 31 пратеник, кој што 6 месеци не оди на своето работно место, а подига плата. Знаете какви се правилата – ако три дена човек неоправдано не се појави на своето работно место, без разлика дали е новинар, работник, дали работи во администрација или било каде, ќе си ги сноси одговорностите. Очигледно СДСМ сака со овие силења, закани на своите пратеници да им овозможи некоја комотна состојба која за ниеден друг граѓанин во Република Македонија не важи – рече Димовски.