Зошто соработникот на полицијата стана загрозен токму кога „реформите” победија?

by fokus

Текстот е објавен на 22 јули 2011 година во неделникот „Фокус“.

Политичкото влијание на Груевски врз судот и полицијата не е тајна. На ваков начин Груевски и неговиот внатрешен круг од ВМРО се обидуваат да воспостават партиска дисциплина и да ги задушат различните мислења. Апсењата со голем публицитет вршат притисок на политичката елита за да се воздржи од критикување на владата. Обично апсењата се случуваат на улица, со медиуми во „случајна подготвеност“.
Притворот, пак, им е ефикасна алатка, со која создаваат клима на страв, затоа што не само што ќе заклучи некого во затвор најмалку 30 дена, туку и предизвикува непоправлива штета на нивниот углед. Потоа ваквите тактики и се продаваат на јавноста како доблесни владини напори против корупцијата, што помогна во задржување на поддршката на јавноста за овие навредливи акции!

Ова се неколку парафразирани поенти од депешите што Викиликс ги објави пред изборите на 5 јуни, а биле испраќани во последниве две години од Американската амбасада во Скопје до Вашингтон. На 6 јуни тимот на Филип Рикер веќе можел да ја извести централата за уште една потврда на ваквите квалификации за сржта на преродбеничката политика. Спектакалот со апсењето на најжестокиот критичар на „петчлената банда на Груевски“ – како што ги именуваше Љубе Бошкоски, и овој пат беа продадени како „доблесен владин напор“ за борба против корупцијата!
Всушност, на 6 јуни најтранспарентно се виде дека „реформите“ не само што победија, туку продолжија уште покрвнички да се остваруваат. Се случија и климатски промени, оти климата на страв скокна за уште неколку степени!

ЕЛИТНО АПСЕЊЕ ПРЕД ЕЛИТНАТА ВОДЕНИЦА

Но, ако за апсењето на екс-директорот на Фондот за здравство, Ѓорѓи Тренкоски, Американската амбасада ќе го извести Вашингтон дека настанот бил политички мотивиран и оркестриран од премиерот, за да го казнат Тренковски за тоа што „рекол нешто што не треба“, иако тоа го рекол приватно,,тогаш се ми се чини дека кај Љубета е проблематичен моментот што говореше јавно „нешто што не треба“! А во Македонија и врапците знаат, не само Американците, дека е опасно да искажеш и грам сомнеж за корупциски елементи вгнездени во оваа портокалова дружина.
На 18 март, Бошкоски за „Фокус“ најави дека ја „имаат комплетната документација и адвокатските тимови кои работат да ги исперат парите на фамилијата“. На мојата забелешка – да не го уапсат дотогаш, реагираше наивно, дека тоа ќе го смета како „виц на денот“! Но, немаше ништо вицкасто во целата фешта на „елитното“ апсење на Бошкоски пред елитната кафеана Воденица. Веројатно само елитните мвр-овци мислат дека се вицкасти кога снимките од спектакалот ги обесија на веб-страницата на Министерството. Пораката беше испратена, стравот завладеа, па ретко кој се осмели да приговори што цели два месеца лидер на партија, среде изборна кампања, бил сниман, прислушуван, следен. Оние што ќе зуцнеа – експресно беа жигосувани.

Дрскоста, на Хелсиншкиот комитет да го смести полициското шоу, во и пред Воденица, во рубриката политички реваншизам со неистомисленици, доби вратка од Сител, со прашањето „за кого работи Македонскиот хелсиншки комитет, откако централата пред повеќе од четири години ја прекинала работата поради финансиски скандал“! Острата реакција на Мирјана Најчевска, дека според ексклузивните снимки од улисичувањето на Љубе се повредени повеќе закони, наиде на конструктивна опсервација на професорката од уредникот на Вечер. Ја опиша како „професионален плукач, невротична и лоша жена“.

За Слаѓана Тасева, пак, преродбениците веќе се имаат изјаснето дека „нејзините намери не се воопшто правнички и експертски и нејзините ставови се политички, демек сдсмовски инспирирани“, така што критичките опсервации на Транспарентност Интернешенл за изведбата на драмолетката „Кампања пред Воденица“, се по дифолт декласирани пред „пучанството“!
Сума сумарум, саде сомнителни типови и организации, сомнително „гунѓаат“ околу овој полициски грандиозен потфат, наместо, како правоверните, да ракоплескаат на потфатот и да уживаат во неповторливоста на мигот. И небаре е притворот некаков одмор од соништата на Хаваи, па никој не брзаше, така што дури после пет недели поминати во истражниот затвор, на Бошкоски ќе му падне бинго. Замислете, конечно, заедно со неговиот адвокат, во кривичниот суд проследиле кратка видео и аудио снимка направена со посебни истражни мерки (ПИМ) на МВР!

Според објаснувањето на судот, со доказите се доцнело, оти декласификацијата на доказите ја правел министерот за внатрешни работи, а дополнителен застој се направил кога осомничениот го променил својот адвокат. Но, адвокатот е променет само после една недела! Што правиме со останатите четири недели? Ама и чуму би брзала со „декласификацијата“ госпоѓата Јанкулоска?! Та предавникот е на најсигурната локација!
Од друга страна, после Викиликс откритието од 2009-та, за „политичкото влијание на Груевски врз полицијата и судот“ потаман е и лефтерноста на истражниот судија ем на Обвинителството во стилот „брзај полека“! Погледнато од ваква перспектива, дури делува и сосема нормално што адвокатите на Бошкоски се уште не добиле копија од наредбата за ПИМ-мерките. Да се види кога точно и со какво образложение полицијата на Јанкулоска ја повела „Кампања“ откако, нели, претходно успешно ја изведоа кампањата ,Предавник,?
Адвокатот Драган Гоџо ни изјави дека на ваков начин се повредува правото на одбрана. Ама, кого овде го боли уво за тоа!?

jankulovska

ДВА МЕСЕЦА СЛЕДЕН ЗА ДВЕ КРИВИЧНИ ДЕЛА

И додека ја тегават работата до бесконечност, во временски димензии на нашата транзиција, да се обидеме да ја одгатнеме целата операција, според она што МВР го соопшти. Всушност, за да бидам тренди, ќе се обидам да дадам мое АВТЕНТИЧНО толкување на операцијата „Кампања“. Дури, можеби, кој знае, моево автентично толкување ќе излезе уште поавтентично од автентичноста со која патриотите автентично ги легитимираа воените злосторства. Колку што брзаа да ги ослободат „терористите“, толку уживаат во што поголеми и подолги тормозења на Бошкоски! Но, ајде да се цитирам дека визонерски предвидов оти ако на 5 јуни победат „реформите“ тогаш од 6 јуни во 00:00 часот веќе само небото ќе им биде лимит на „реформаторите“!
Тики, да се вратам на „Кампања,! Чекав неколку недели да дознаеме неколку битни детали за целата операција на ВМРО, пардон на МВР(О), против лидерот на ОМ. Арано ама, овде попрво Македонец на Месечината ќе стапне, отколку тоа да се случи. Затоа, иако Македонија има време за чекање, ќе се втурнам во автентична аватура да го склопам можното сценарио по кое се одвивало крими-трилерчето во продукција на МВР(О) – кампања за реформа на предавникот во криминалец.
И тоа само според нивните штури податоци.

Прво, соопштија дека Љубе Бошкоски е уапсен под сомневање дека сторил ДВЕ кривични дела – незаконско финансирање на политичка кампања и злоупотреба на службената должност и овластување, како одговорно лице во неговата политичка партија.

Второ, дека бил под посебни мерки ДВА месеца – барал МВР(О), а аминувал истражен судија – бидејќи имале индиции дека Бошкоски ја злоупотребува службената должност!

Трето, дека при претресот кај Бошкоски биле пронајдени СТО илјади евра, пари кои му биле предадени во хартиени кеси. И дека ова бил ТРЕТ пат од истото лице да зема пари – од 20 илјади евра и 10 илјади евра, кои биле употребени во кампањата!

Како четврто, доаѓа и најмистериозниот момент. Станува ли збор за агент-провокатор или за лице кое се фатило во мрежата на „Кампања“? Котевски, онака со блажена фаца, ги упати новинарите на истражниот судија, кој ако проценел (кутриот независен) дека треба, тогаш и против лажниот донатор ќе се водела постапка! Значи, ова четвртото беше најкул, со најмногу простор за автентично разглабање. Иако, ај да не се фемкам, пола Скопје знае кој е „загрозениот сведок“!
Оти така сега го преименувале „заштитениот сведок“! За ова посебно во финишот на „автентикава“ ќе одадам должна почит!

Ај од првото да почнам- ДВЕ кривични дела, нели. Е, некој од мегафоните на власта уште имаше срочено дека МВР(О) имало индиции дека Љубе ја злоупотребува службената положба!!! А тоа е ПРВОТО кривично дело. За кое, патем, МВР, па било тоа и МВРО-ДПМНЕ, не би смеело да бара, а судија да одбри налог за прислушување, следење и снимање. Треба да има закана со казна затвор од најмалку четири години, а овде не е тоа-тоа!
Тики, во автентичен дух да продолжам. Глеј чудо- ВТОРОТО кривично дело, со повисока казна затвор, каде момците на Јанкулоска можат да бараат да го скенираат Љубе и со техника, и со „људство“ и со камери, е внесено во Кривичниот законик на 13 април, ден пред распуштање на парламентот! Предвидениот „вакатио легис“ изнесува стандардни осум денови. Тоа значи дека кривичното дело влегло во сила на 21 април 2011 година. Дури на овој датум, МВР можело да побара и истражниот судија да одобри прислушување, следење и снимање.
Ако, како што јавија, ДВА месеца бил следен Љубе, тогаш простата математика кажува дека штом е уапсен на 6 јуни, тогаш Великиот Брат го демнеел Бошкоски од 6 април. Ама меркиве можеле да бидат одобрени дури на 21 април! Значи, наредбата да биде парафирана од судот, за да го скенираат Брат Љубе, можела да биде стокмена после 21 април. Ама овде „силата“ стапила пред и да биде стокмено кривичното дело – пасент скроено според „Сестра Љубе“. Туго, туго, како ли ова ќе го изменаџираат!

Можеби реформите сега ќе ги реформираат и месеците, па еден месец, согласно Манифестот, ќе биде прероден во траење од 15 дена! Или, ќе биде дека Котевски се е збунил во еспаот – два месеца, како што немаше појма дека кога ја обнародуваше големата реформска победа за апсот на „Сестра Љубе корумпираниот“, помошникот на Јанкулоска не знаеше дека е џигеросано едно младо момче за време на победничката прослава на ВМРО-МВР(О)!

СВЕДОК – ЕМ НА БРАТОТ МИЛ, ЕМ НА БАТЕ ДРАГ!

Има и трета опција, дека налогот за ПИМ-мерките е даден за нешто ТРЕТО, ама истражниот се снебива да и ги соопшти на одбраната. Арно ама, да си припомниме дека овие мерки секогаш се одредуваат само заради стекнување докази за точно посочено кривично дело, и не може да се искористат како доказ за дело кое не е прецизно посочено, во наредбата на истражниот судија. Ова, доколку, нели, имаат одобрено ПИМ-третман на Љубе за нешто друго, а потоа ги користат снимките за трето дело. Тики, ај, ќе се стрпиме, ама не е зијан да нафрлам дека од лани се плетеа верзии дека Љубе ќе биде уапсен. Она што тој, де, го сметаше за лош виц!
И сега, наместо да ја продлабочам мојата трета „автентична“ мисла, ќе минам на ЧЕТВРТАТА, а само за да биде појасна ТРЕТАТА. Специјалитетот на куќата – ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК! Внимавајте, не е тоа веќе заштитен, ами е загрозен сведок! А бре, режисери и сценаристи, како Љубе губитникот, без ниту еден пратеник, може да го загрози сведокот! Нема да му даде тендер или провизија! Ќе го апси ли, ќе му прати инспекција? Како? Нема власт, па што ќе му направи?! Уф, да, идентитетот на талентов загрозен, пола Скопје тоа го бруи! И верувајте ми, не е загрозен! Ама за тоа – потоа.

Малку од наопачки почнав за „загрозениов“. Ајде да одиме по ред. Две децении пишувам и ги анализирам финансирањата на изборните кампањи, ем сите вакви поголеми европски скандали, ама ваков спектакл немам видено. Ова како прво, а како второ, мене најлогично ми е дека најсомнителни се партиите кои се на власт, или оние кои што имаат најголеми шанси да ја зграпчат власта. Сакам да кажам или да прашам – со што може Љубе опозиционерот да му се закани на некој „парајлија“ дека треба да му даде пари за кампања? На „прогнозите“ на Љубе дека ќе формира влада, редовно се утепував од смеење, а, патем, и „загрозениов“ воопшто не е наивна сорта.

И сега, одам на можни сценарија. Опцијата дека „загрозениот“, откако, нели, го здрвил Љубе со заканата „дај пари за партија“, па го пријавил кај Бате Саше и Радникот со Јанкулоска на чело – ме засмејува како „Дебели и Слаби“, односно „Станлио и Олио“, кога бев пинцур. Еве, ај, можеби Бошкоски имал писмени податоци за неговата соработка со нашите тајни служби, ама што може да му стори кога тоа е јавна тајна. Која, секако, ја знае секој што минал низ полициските одаи. Плус тоа, на Љубе од уши му чуреше на 6-ти јуни од фијаското што го доживеа на изборите. Затоа, опцијата дека ,загрозениот, бил загрозен два месеца пред апсот на Љубе, ми делува ступидарно до даска!

Втората опција е дека талентов станал „загрозен“ дури на 6 јуни, а претходно се фатил во мрежата на „Кампања“. Ама, зошто пред да го уловат, Љубе бил под ПИМ-мерки? Нема логика! Секако, неодамна колегата Зоран Димитровски, при неговиот настап на „Наша ТВ“, повикувајќи се на извори од истрагата, наведе дека за сомнителните финансиски извори на партијата на Бошкоски јавно алармирал Филип Петровски, откако ја напушти ОМ. Димитровски ќе потсети дека биле посочени црни пари од Косово, од друга или други странски држави, не се сеќавам прецизно, но тука застана. Приближно во исто време, „ТВ 24 вести“, сопственост на штипскиот газда на „Телекабел“, објави дека според нивните информации станувало збор за грчки државјанин!!! Дали Димитровски алудираше на оваа „странска држава“?

Третата опција е дека дотичниот (домашен или странец, сеедно), е соработник на нашата служба, можеби на вмровските власти во континуитет, а не би ме изненадило и на сдсмовските. Љубе како министер за внатрешни сигурно знаел што содржи обемното досие на талентот „загрозен“. Ама и да си дозволи со него да се дружи во елитна „Воденица“ и да прима ЗАРА кеси, сигурно си го знае пријателчето од полицајското време. Иако е наива од Генералиќ, не е ни Љубе толку зелен да се „дрви“ на тазе познаник. Значи, бил близок со Љубета, ама и со МВРО-ВМРО! Ем на Братот мил, ема на Бате драг! Та Андерсон не ќе склепа верзија дека загрозенава врста се пожалила самоиницијативно дека опозицискиот лидер, кому изборните шанси за успех му се минимални, ќе го загрози ако не му лупне пари!

mijalkov

ЉУБЕ ГО ЗАГРОЗИЛ ДУРИ КОГА ГРУЕВЦИ ПОБЕДИЈА!!!

И ај сега за она што МВРО-ДПМНЕ го соопшти, дека Бошкоски земал во ТРИ наврати пари од „загрозениот“. Море еднаш ДЕСЕТ, па ДВАЕСЕТ илјади евра, а финиширал фатално, со СТОТКА. Ако, како што цивкаат врапчињата, првиот пат „загрозениот“ му лупнал паричка на 15 април, оти бре МВРО- ДПМНЕ не го уапсиле? Не бил тогаш загрозен „соработникот“? Ем фино-лепо, уште пред да стартува изборната кампања, го имаш „предавникот“ Љубе за јајца! Или, оти втората транша не била судбоносна за Бошкоски?! Требало нешто мрсно? Или требало апсот да се изведе некогаш кога портокаловата врхушка ќе биде во зорт?
И, ете, МВРО-ДПМНЕ мора ,согласно Уставот и законите, баш третиот пат, баш на 6 јуни, ден по нивната победа и по фијаското на Љубе, да направи спектакл. Живо ме интересира: дали „загрозениов“ му се јавил на Љубе да го викне во „Воденица“ или, можеби, Љубе, далдисан од поразот, баш на него му текнало?! Види богати! А што ќе го загрози „загрозениот“ еден лузер? Кој сепак го сметал за пријател, штом се одзвал на поканата за ручек во „Воденица“?
Така барем раскажуваат сопартијците на Љубе – дека телефонски бил повикан во „Воденица“.

Проблемот на Љубе е што не укапирал дека неговиот пријател е пријател и на структури од Преродбата, можеби – не знам, ама автентичната мисла натаки ми врви. Исто така, ме интересира да видиме од снимката колку „загрозениот“ му се нуди на Љубе, а колку Љубе го форсира него за „црни пари“ во воденичната елитна атмосфера? Кога сум кај Воденица, исто така ќе пукнам од љубопитност дали камерчето е на софра или на загрозените гради донаторски? Оти ако „загрозениот“ е проактивен, нели, тогај ќе да е добил инструкции од „погоре“!

И да заокружам сега со мое автентично толкување на оперцијата „Кампања“, односно да навезам едно од можните сценарија. Љубе мава ко Максим по дивизија по Груевски и фамилијата. Жестоко оди, како никој друг од бујната ни партиска сцена. Најавува и дека поседува документи за перење пари на „петчлената банда на Груевски“. МВРО-ДПМНЕ, знаејќи ја природата на Љубе, како нивен поранешен сопартијец, наоѓа соработник кој ем со нив е добар, ем со „предавникот“ го има муабетот. И почнува „Кампања“. Чиче Михајло е тука да предложи промени Кривичниот законик, за да има поеќе затвор за метата. Навистина немам толку бујна фантазија за да ја пополнам дупката – како пред 21 април е Љубе ставен под ПИМ-мерки, ама верувам ќе најдат солидна „измишљотка“!

Одиме понатаму. Се загреваат прв пат, па втор пат, при што пријателот, како незагрозен, му фрла на Љубета, демек „сиќа“. При тоа, Јанкулоска сосе Мијалков, а не ќе да е и Пастирот да не знаел, и без да гледаат Вести, знаат нивниот најжесток критичар, кој им се закануваше со Шутка и со Идризово, со кого муабети, што договара, какви му се плановите. Ама, си го чуваат – за недај Боже. Што би рекле Турците – ики кеиф, или двојно задоволство.
И реформите победија, реформаторите бурно прославуваат, ама, батка, младиот Мартин Нешкоски е брутално убиен од Тигар, кој се грижел за безбедноста на славениците. И вообичаено за жална Македонија, се посегнува по добро испробаниот рецепт – приреди некаков спектакл, за да го одвлечеш вниманието на јавноста од скандалот кој ти го нарушува угледот. И Еурека – го вадиш „загрозениот“ донатор како џокер у покер. Му се јавуваш на зедничкиот пријател, ама „загрозен“ од Љубе, не од „реформите“ и му сугерираш да тргне во акција. Се јавуваш, патем, кај твоите подобни медиуми за и тие, согласно Манифестот, Преродбата и 10-те Божји заповеди, да бидат на „лицино место“, за први да дознаат и да го овековачат тој величествен миг на „сокапување на предавникот“. Ем тоа ќе ги здрви од страв сите бранковисти, соросоиди, непријатели и предавници! Плус го обесуваш Љубе на МВР сајтот… И задоволството прераснува до делириум!

КОИ СЕ БРЕНДОВИТЕ ВО „КАМПАЊА“

Уф, срцката „загрозена“ е посебна бомбонче-тема, ама согласно законот, ќе си се смееме во себе и пред гранапче, со шепотење. Но, ете, ајде нека бидат повод за „Кампања“ дури и јавните искази на Филип Петровски, за црните финансии на Обединети за Македонија! Ама тогаш, кој им беше поводот за кампањата против Љубе дека е предавник на Јохан, па како детско хорче Развигорче гуслаа ли гуслаа за „Сестра Љубе“?!
Ако толку се „напалија“ на зборовите на Филип против Љубе, оти, бре, не ги истретираа со ист респект неговите откритија дека „двојниците“ (проект со кој СДПМ на Бранко Јаневски измамнички и финтаџиски им земаше гласови на СДСМ), биле изум на Влатко Ѓорчев?
Или, зарем не треба некој да провери барем, дали има вистина во изјавите на Велија Рамковски дека ВМРО-ДПМНЕ ги плаќал партиските долгови кон А1 со владини пари! Чисто заради шаренило во илустрацијата, ќе се осмелам да прашам и дали ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година во финансискиот отчет за изборите ги има пријавено парите за лобирањето на Џејсон Мико, што како договор потпишан со партсикиот ген-сек Гордана Јанкулоска, можете да го видите во ова издание на „Фокус“?

Има уште нешто што формално-правно, согласно Уставот и законите, нели, ми го мати умот. Како тоа еден месец пред да започне изборната кампања некој, па било тоа и да е ,предавникот на Јохан, за кого Соња песна испеа, е следен за нелегално финансирање кампања? Тогаш, логично барем, може да станува збор за пари за финансирање на партијата. Но, измената на КЗ на Маневски е исклучително насочена за изборна кампања?!
И само една мааала дигресија, ама ќе пукнам да дознам – кој тоа одлучи парите да бидат во кеса со брендот ЗАРА, пред брендот Воденица? И кој е брендот кому треба да му упатиме ,поздрави и честитки, за акцијата брендирана како ,Кампања.? Ми звучи, барем за моите уши, крајно цинично што согласно законот, соработникот на полицијата на Јанкуловска сега е заштитен со брендот ,загрозен сведок,! Оти, ве уверувам, не е загрозен дотичниот (не знам како да го именувам), туку сите ние останати што ќе се осмелиме искрено да размислуваме со своја глава! А зошто не и автентично да толкуваме полициски акции!

Grujo (10)

Можеби во вознесот на реформската победничка еуфорија им делува како 102 отсто сигурно дека ќе владеат наредните 100 години. Можеби и како Љубе, сега ја доживуваат како виц на столетието, не на денот, вистината дека тркалото се врти. Дека еден ден ќе ги осетат ,благодетите, на нивните полициски изуми. Ама, историјата која многу ја љубат, дава поинакви наравоученија.
Во тој контекст, да завршам со текстот што Најчевска го постираше на својот профил на Фејсбук, откако Латас ја обработи како „неуротична“ во својата колумна. „Она што најмногу ме мачи во врска со овој напис на Латас и испадите на Јанко кој јаде бурек и слични на нив, е што ќе правам кога еден ден ќе дојдат кај мене да побараат помош заради полициска бруталност или некоја друга повреда на нивните права?
За Најче, како и за себе, знам дека и тогаш ќе го кренеме гласот, иако огромното мнозинство покажуваше слични страсти како фановите на преродбата што ,свршуваа, дека Љубе ќе му прави друштво на Велија! Арно ама, не сум сигурна дека во меѓувреме можеби сите ние ,мрсници, нема да завршиме на истата локација!

Сефот на Љубе

Иако неколку денови после апсот на Љубе, неговата сопруга Виолета објави дека им бил украден сефот од семејната куќа, главниот акцент ќе го стави на пиштолите во сефот. А каде ли се документите кои Љубе тврдеше дека ги има за „перењето“ пари на фамилијата,! Упс, се извинувам, тоа се клеветнички изјави, оти нашиот независен суд веќе има така пресудено!

Поврзани новости