Зошто скопски „Водовод“ крие податоци за образованието на шефот на кабинет на поранешниот директор?

По допис на „Фокус“, Антикорупциската комисија ќе го проверува вработувањето на Јованче Мирчевски во ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, откако од јавното претпријатие одбија да ни достават податоци на кои работни позиции бил ангажиран и какво образование поседува Мирчевски, чиј работен однос, случајно или не, беше прекинат веднаш по доставувањето на нашето барање согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

by fokus

Политичките промени во Град Скопје по последните локални избори, како и судирот меѓу градоначалничката Данела Арсовска и партијата што ја поддржа нејзината независна кандидатура – ВМРО-ДПМНЕ, донесоа многу турбуленции во локалната самоуправа на главниот град, кои се рефлектираа и во јавните претпријатија под нејзина капа.

Притоа, се чини дека најголеми превирања имаше во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, каде периодот се сменија неколку директори пред да биде назначен актуелниот директор Драган Илиевски. Но, исто така, се ротираа кадри на различни работни позиции, што, според надлежните инспекциски служби, се правело спротивно на законските акти.

Во таа насока, Државниот инспекторат за труд веќе поништи задолженија на повеќе вработени во скопски „Водовод“, по пријава на Синдикатот на работниците за неправилности, кој смета дека овие задолженија се противзаконски и се косат со Колективниот договор за комунални дејности. Истовремено, и Државниот управен инспекторат реагирал и за други вработени кои имале незаконски задолженија.

Од Инспекторатот за труд за „Фокус“ потврдија дека по нивниот контролен инспекциски надзор добиле докази од веќе поранешниот В.Д. директор Марјанчо Митовски дека ги поништил спорните задолженија на дел од вработените и му изрекол опомена на Јавното претпријатие.

„Во рамки на овластувањата утвдрени со Закон за инспекција на труд и Закон за инспекциски надзор, Државниот инспекторат за труд изврши контролен инспекциски надзор над правниот субјект на инспекциски надзор Јавно претпријатие Водовод и канализација Скопје, а застапувано од одговорно лице В.Д Директор Марјанче Митовски, а по претходно доставено известување дека е постапено по решение врз основа на член 258 од Закон за работни односи со кое се изрекува инспекциска мерка опомена на работодавачот Јавното претпријатие“, се вели во дел од одговорот од Државниот инспекторат за труд.

И од Управниот инспекторат за „Фокус“ потврдуваат дека е постапено по пријавата за утврдените неправилности.

„По поднесена иницијатива за вршење на вонреден инспекциски надзор, заведена во Државниот управен инспекторат под Ип1 бр.08-1142 од 28.09.2022 година извршен е вонреден инспекциски надзор кај субјектот на надзорот ЈП Водовод и канализазија – Скопје. При што за утврдената фактичка состојба изготвен е Записник Ип1 бр.08.1142 од 03.10.2022 година и за отстранување на констатираниот недостаток донесено е Решение Ип1 Ип1 бр.08.1142 од 17.10.2022 година со кое е изречена инспекциска мерка и опредлен е рок за постапување по истото“, ни рекоа од Управниот инспекторат.

Според пријавата на СУТКОЗ, со дел од задолженијата им се ускратува на вработените во „Водовод“ да вршат работни задачи опишани во актот за систематизација на претпријатието, им се овозможува да вршат работи што не се соодветни со нивните професионални квалификации и компетенции, да работат на други работни места итн.

Откако надлежните инспекторати ја констататираа ваквата фактичка состојба во јавното претпријатие, „Фокус“, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побара податоци за неколку вработени со спорни задолженија на кои работни позиции биле ангажирани и какво образование поседува секој од нив?

Она што е симптоматично, бараните информации ги собивме за сите вработени во скопски „Водовод“, освен за едно лице. Станува збор за Јованче Мирчевски, кој му беше и шеф на кабинет на екс директорот Митевски. Уште поиндикативно, пак, е тоа што нему му бил прекинат работниот однос откако ние го поднесовме барањето за неговото образование и непосредно пред да истече законскиот рок во кој требаше да добиеме одговор.

„Јованче Мирчевски- на ден 02.12.2022 година со спогодбен отказ престанал да работи во ЈП Водовод и канализација“, се наведува во кусуот одговор од „Водовод и канализација“.

Затоа, „Фокус“ испрати ново барање само за Мирчевски, со кое бараме податоци на кои позиции бил во „Водовод“ и какво точно образование поседува – на кој универзитет и факултет завршил, кој степен, која година…

Сепак, повторно не добивме одговор во законски предвидениот рок, по што поднесовме жалба до второтостепената Комисија заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, чиј епилог се уште го очекуваме.

Во меѓувреме, се обративме и до Државната комисија за спречување на корупција во однос на овој случај. Како што не известија од таму,  по нашиот допис одлучиле да оформат предмет во проверка на наводите во врска со вработувањето/ангажманот на лицето Јованче Мирчевски во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости