Зошто скопската полиција три пати го менувала извештајот за убиството на Мартин Нешкоски?

by Фокус

Текстот е објавен на 24-ти јуни 2011-та во неделникот „Фокус“ број 834

Пишува
Саше ДИМОВСКИ

Дали д-р Лидија Кацуловска, лекар од Брзата помош, која ноќта на 5 спрема 6 јуни излегла на лице место 40 минути по полноќ, за да констатира смрт кај младиот Мартин Нешковски, во извештајот напишала дека смртта не е насилна или само констатирала смрт, а понатаму процедурата им ја препуштила на полицајците кои биле пред МЕПСО во близина на градскиот плоштад во Скопје?

Ова е едно од важните прашања кои 20 дена по трагичниот настан останаа без одговор. Прашањето е многу важно, оти ќе фрли комплетно нова светлина врз случајот, кој, после обидот на МВР да го забошоти, ги изнесе младите на улица. За жал, 15 дена по првиот протест, и ги подели на клапа протестанти и контрапротестанти, т.е. на групи блиски до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ!

МВР тврдеше дека екипата на Брза помош не констатирала траги на насилство кај момчето кое било најдено починато кај МЕПСО. Извештајот, пак, на судска медицина, покажал дека смртта настапила насилно, поради крвавење како резултат на удари во пределот на главата и лицето. Нормално, во услови на тотален информативен хаос, во кој дел од медиумите буквално го открија случајот, а МВР се трудеше да глуми дека таков настан не е евидентиран, па дури и делеше деманти во поблиските им медиуми, секој се трудеше да пласира своја вистина. Плус, да ја зачини со такви детали, кои, место да откриваат, ги покриваа работите!

ПИШИ-ДОПИШИ ВО СВР СКОПЈЕ!?

Неделава тргнавме чекор по чекор, за да откриеме што сѐ се случувало вечерта на Градскиот плоштад. Дојдовме до службената белешка или дневниот преглед на СВР Скопје, каде што е заведено делото и е даден опис на настанот. Во тој првичен извештај, составен на 6 јуни, но менуван и дополнуван дури три пати, помеѓу 4 часот и 13 минути и 6 часот и 18 минути, извесен дежурен полицаец во СВР Скопје, Велибор Лазаревски, напишал, дополнил и променил ваков текст:

„На 6.6.2011 година во 00,40 часот на плоштадот Македонија, поточно пред МЕПСО, од за сега непознати причини починало НН лице на возраст од 23 до 25 години, високо околу 170 см, слабо развиено, облечено во маица со кратки ракави со напис „Јаг Јеанс“ кратки панталони хавајки, а на нозете чорапи и спортски обувки „најк“. Сега покојното НН машко лице на споменатото место било донесено од страна на 4-5 лица од Градскиот плоштад каде се одржува „Баскер Фест“ со цел да му укажат помош, бидејќи на истото му се слошило. Во меѓувреме, за настанот била известена екипа на Брза помош, каде што од страна на д-р Лидија Кацуловска е констатирана смрт. На лице место излегле Живко С. и Исмани С. од Крвни деликти на МВР, известени се дежурниот истражен судија Марјан Колишевски, јавниот обвинител Владимир Милошевски кои не излегоа на лице место, а увидот го препуштија на увидна екипа. Телото по наредба на истражниот судија Марјан Колишевски и обвинителот Владимир Милошевски е пренесено во Институтот за судска медицина. Од страна на ОКТ при СВР Скопје е вршен увид“.

После проучувањето на овој извештај, констатиравме дека истиот е дополнуван и менуван три пати во текот на ноќта. И тоа во 4 часот 13 минути и 18 секунди, па во 05.57.16 и во 06.18.37. Во извештајот не е наведено, дали текстот е дополнуван во зависност од тоа кога е примена пријавата, па кога се известени судијата и обвинителот, кога е однесено телото на судска медицина или кога почнал и завршил увидот!?

Или, можеби корекциите се правени во „шминкање“ на фактите, меѓу кои и податокот дека момчето било донесено во близина на МЕПСО од 4-5 лица? Никаде не е заведено – кои се тие лица? Според изјавите на очевидците, дознавме дека тоа биле полицајци, најмалку двајца во униформа кои останале да ја чекаат Брзата помош, Тигарот Игор Спасов и некои негови колеги! Дали случајно 5-те полицајци наеднаш стануваат 4-5 луѓе само за да не се влезе во трагата на оние што биле или се можни соучесници во убиството или барем во прикривање на смртта на момчето?

Да видиме што се случило кога дошла Брзата помош, која по правило за неколку минути интервенира на лице место. Тргнувајќи од полицискиот извештај, се јавивме во Брза помош и ја побараме докторката која била на интервенции. На бројот 194, разговорот одеше вака:

Фокус: Ве молам, како можам да ја добијам д-р Кацуловска?

Оператор на бројот 194: Никако! На одмор е!

По ова следува нашиот обид, да видиме што вели началничката на Брза помош, каква интервенција имале вечерта и што констатирале. Меѓутоа, и покрај прифатениот разговор од страна на шефицата во Брза помош, ништо од посакуваните одговори на многуте прашања. Сѐ било тајна, тоа го регулирал Законот за заштита на личните податоци!

Началничката на Брзата помош тврди дека не може да даде ниту еден податок околу интервенцијата ноќта на 6 јуни, бидејќи сѐ што е наведено во извештајот на екипата е доверливо, според Законот за заштита на личните податоци. Тој може да им биде достапен само на судот и на семејството. Бидејќи ние не влегуваме во овие категории, се обидуваме барем да откриеме, кој го пријавил случајот? Дали е тоа полицијата, случајни минувачи, баскерфестовците, тие кои ја славеа победата на ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот? Но, во Брза помош не откриваат ниту кој го пријавил случајот? И тоа бил таен податок, па не потврдуваат дали екипата на Брза помош била викната од полицајците на терен, од другари на момчето или од случајни минувачи од плоштадот?

ПОМОШТА Е БРЗА, СЀ ДРУГО Е ТАЈНО?!

Тоа што искамчивме од Брзата помош е само дека, кога дошла на лице место во близината на плоштадот, нивната екипа се обидела да го реанимира момчето, но за тоа веќе било доцна и констатирале смрт. Не сакаат да откријат, ниту кој го однел телото на починатото момче на Судска медицина, дали нивното возило или дошла друга кола.

Началничката на Брза помош, во разговорот за Фокус тврдеше дека нивните ингеренции завршиле тука. Демек, излегле на лице место, се обиделе да извршат реанимација, и, откако констатирале смрт, случајот го препуштиле на другите органи, првично на полицијата која е надлежна да постапува понатаму и да го известува судијата.

Шефицата на Брзата помош вели дека во извештајот на Брза помош би можело да пишува и дали смртта настапила насилно или не, бидејќи има таква графа, а се пишувало и описно што видел лекарот на лице место, но повторно поради заштита на податоците – останува тајна, дали лекарката Кацуловска констатирала дека има траги на насилство што понатаму било основ СВР Скопје да им пренесе на судијата и на обвинителот дека смртта не е насилна и овие да одлучат да не излегуваат на лице место, а увидот да им го препуштат на полицајците!

Во секој случај, кога е регистриран било каков случај, за кој треба да се извести судија и обвинител, полицијата постапува на следниов начин: Прво го известува дежурниот јавен обвинител на кого му ги соопштува првичните информации и од него бара мислење или предлог, дали увидна екипа ќе излезе на лице место.

Обвинителите велат дека штом добијат повик, ги упатуваат полицајците да го известат дежурниот истражен судија, со тоа што ќе му кажат дека обвинителот предложил да се изврши увид. Можна е и комуникација помеѓу обвинителот и судијата, кој тоа му го соопштува усно, телефонски на судијата и бара да се излезе на лице место. Одлуката, дали ќе се врши увид на лице место ја носи судијата, бидејќи тој раководи со увидот, тој дава наредби за вештачење на траги од крв, прибира докази, дава налози за обдукција, или со еден збор, се што треба да се собере како доказ, да се преземе како дејствие за комплетно расветлување на конкретниот кривично правен настан!

Во пракса се случувало, судијата да одлучи да не излегува на терен или тоа да го стори изутрината, ако повикот е среде ноќ, но претходно и наложувал на полицијата да го обезбеди местото. Ова се правело во поспецифични случаи, доколку станува збор за убиство или друг вид потешки кривични дела во потешко достапни предели или каде што нема струја, па потешко би одел увидот и собирањето докази во ноќни услови.

Најчесто копјата се кршеле околу тоа, дали судиите ќе излезат на терен кај сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди кои потоа завршуваат и со смрт, па мора да се утврдат причините за несреќата, а во такви случаи увидот им го препуштале на полицајците. Тоа го правеле и кога полиција ќе им соопштела дека има самоубиство или смрт кај луѓе кои биле регистрирани нарко-зависници, па претпоставка е дека починале од предозираност. Иако зад сите вакви случаи може да се крие и насилна смрт, подетални акции се преземале дури откако обдукцијата ќе покажела дека причината за смрт не е тоа што било како првична претпоставка!

КАКО ПОЛИЦАЈЦИТЕ СТАНАА 4-5 ЛУЃЕ?

Во такви неразјаснети околности, некој сакал да го затвори и овој случај, случајно или не, не спомнувајќи дека момчето го носеле полицајци, кои претходно, откако бил претепан, се обиделе да му помогнат, па и тоа дека настанот влечел конци од прославата на ВМРО-ДПМНЕ, која била на другиот дел од Плоштадот, а не е момчето од Баскер фестот, па до тоа, што виделе двајцата инспектори по крвни деликти кои биле на лице место, како и другата екипа од полицијата која вршела увид?

Ако сите тие биле на лице место, добиле налог од судијата сами да извршат увид, можеле ли тоа да го сокријат од сите претпоставени во СВР Скопје, за настанот да остане непознат за полицискиот портпарол и неговата шефица, министерката за внатрешни работи?! Никој не може да ме убеди дека судијата туку-така одлучил да не излегува на лице место!

Не сум убеден дека тоа го сторил затоа што го известиле во 3 часот изутрината или дека му било далеку да дојде од Сарај до плоштадот каде што бил настанот? Секако, овде е многу важно, каков предлог дал и обвинителот Милошевски, ама, како што веќе споменав, сите овие прашања додека трае истрагата не се одговараат!

За случај во Тетово, каде што се „самоудави“ притворениот Владо Танески, разрешен беше истражниот судија оти не излегол на лице место. И нему полицијата тогаш првична му пренела дека се работи за самоубиство. Подоцна излезе дека не може да се тврди што се случило оти немало увид, а можните траги што требало да се соберат биле исчистени!

Сега сите глумат лудило и се вадат на тоа дека поднеле пријава за случајот против тигарот Спасов, обезбедувач на славеничката фешта, кој сам по 2 дена се пријави дека тепал, ама не знаел дека убил. Но, каков ефект има самопризнанието на Спасов, штом нема материјални докази и траги од лице место?! Вербалниот исказ, самопризнанието на Спасов не е доказ во судската постапка. Како сам и изолиран, доколку, нели, не е поткрепен со материјални докази. А, овде докази нема, затоа што телото било преместено, местото не било обезбедено и трагите се уништени!

Што ќе се случи сега, ако обвинетиот, кој наводно зборувал во полицијата, а молчел пред истражниот судија, излезе дека не е тој или дека нема доволно докази? Или, едноставно, што ако Спасов сакал да заштити некого и се пријавил за да се затскрие случајот, за потоа да биде ослободен во судска постапка поради недостаток на докази?

Колку и да изгледаат овие тези како научна фантастика, низ судските ходници сепак поминале многу случаи, и ова апсолутно не е невозможно. Или случајот ќе му се припише на некој подобен со дијагноза која веќе се заговара како поствоен стрес, а сите други инволвирани ќе останат настрана.

Ако го споредиме случајот со полицискиот упад во А1, Анета Станчевска која ја води внатрешната контрола, толку експресно и на  неколку страници утврди дека нема вина кај полицајците, но сега ги нема нешто да соопштат!? На пример, каква била улогата на другите полицајци во случајот, кој го носел момчето, кој му помагал претходно, кои се овие 4-5 луѓе и дали истите се казнети..? МВР како да го заборава и законот за јавни собири, кој предвидува одговорност и казни за организаторот на славењето на победата на ВМРО -ДПМНЕ во случајов. Тие биле должни да обезбедат редарска служба, која не треба да убива, туку да го одржува редот и мирот на собирот!

КОЈ ЌЕ СНОСИ ОДГОВОРНОСТ?

Но, кого да казнат: Лидерот Груевски, генералниот секретар Протогер или министерката Јанкуловска, која, славејќи како носител во изборна единица, не презела мерки за ангажирањето на полицајците – кој каде и во која мерка?

Дополнителен хаос требаше да внесе и изјавата дека тигарот бил со усна наредба ангажиран за обезбедувањето на партиската прослава, и тоа само до 24 часот. Некој, кој барем малку се разбира во функционирањето на системот на безбедност, сигурно ќе се скине од смеење на тврдењето дека специјалецот бил на задача до одредено време. Што ако токму во 24 часот на плоштадот имало поголеми инциденти?

Дали тигарот, кој според Јанкуловска бил ангажиран само до полноќ, ќе се спакувал и ќе си отидел само затоа што, ете, му отчукале 8-те часа ангажман?! Како тогаш Јанкуловска ќе оправда до колку ги ангажира нејзините телохранители и придружбата со кои одеше по партиските митинзи, до кога им даваше нив налог – до 24 часот или седеа до кога не завршеа сите ноќни партиски седенки, некогаш и до рано изутрина?

Другиот елемент на кој никој не се потруди да даде одговор е и податокот, дали камерите поставени на плоштадот снимиле нешто од трагичниот настан, дали некој знае – кој за кого и што снима, и дали се побарани и обезбедени тие снимки? Но, повторно доаѓаме до истиот одговор, додека трае истрагата не смее да се изнесуваат детали. И оваа истрага, како по правило, место да открива, се труди да ги покрие работите. И, навистина, можеби ќе беа покриени, доколку не беа социјалните мрежи на кои беше обелоденет случајот!

После толку неодговорени прашања, повеќе од јасно е колку е важна истрагата и дека ако тука се утне, целата постапка ќе биде утната до крај. Никој не може да спроведе законита и правилна судска постапка и да изрече казни, доколку во истрагата биле пропуштени низа дејствија, доколку се уништиле траги!

Паралелно со убиството на Мартин Нешковски, одекна и веста за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кое се случи десетина часови подоцна, и, како што тврдат многумина, била избрзана само за да се покрие претходниов настан. И во тој случај, повторно во фокусот е истиот судија Марјан Колишевски, шеф на истрагата во скопска единица, кој му определи притвор на Бошковски, обвинет за две дела за кои му се заканува затвор од 8 години. Во овој случај, фрапантен е податокот дека го нема човекот кој се јавува како оштетен, човекот кој ги дава 100-те илјади евра, наводно за нелегално финансирање на политичката кампања!?

Најблиските соработници на Бошкоски тврдат дека апсолутно не е така, како што прикажува МВР. Според нив, до партијата биле доставени неколку гласачки ливчиња од Тетово на кои се гледал фалсификатот што го правела владејачката ДПМНЕ. На спорниот ден, после изборите, Бошковски требало да добие уште доказни материјали за тој случај!

КОЈ МУ ГИ ДАДЕ ПАРИТЕ НА БОШКОСКИ?

Сопартијците му, тврдат дека добил повик да дојде во скопскиот ресторан Воденица за да ги земе доказите. Бошкоски на луѓето со кои седел им рекол дека ќе се врати за 10 минути. Отишол пред ресторанот, влегол во него, но, кога видел дека внатре нема човек кој требало да го чека, се вратил на паркингот каде што му биле телефоните на совозачкото седиште за да се јави на бројот и да види каде е човекот со материјалите. Но, наместо гостинот, тој забележал дузина полицајци кои лесно ги препознал.

Кога видел како ѕиркаат келнерите од ресторанот, јасно му било дека планираат да го апсат. Дури им рекол дека, доколку навистина дошле по него, би можел да ги почести и кафе, оти нема потреба да прават скандали. Наводно, во тој момент во ресторанот лично бил и директорот на ДБК, Сашо Мијалков, кој во живо го следел апсењето, а за кого Бошковски во текот на кампањата изнесе низа обвинувања и секогаш го ословуваше како „Саша“!

Бошковски и неговиот возач биле изненадени кога подоцна ја виделе кесата со пари покрај автомобилот, како и телефоните фрлени покрај неа, кои биле земени од предното седиште. Во текот на истрагата, до сега се презентирани само потврдите за одземени предмети, а нема трага ниту глас од парите и од човекот кој наводно бил рекетиран!?

Двата случаи имаат ист именител – истражниот судија кој ги работел, Марјан Колишевски. Во истрагата за Бошкоски не се сослушани никакви сведоци, па останува енигма: Врз основа на што му е определен притворот?

На барање на партијата, на неговата сопруга, после дознавањето од медиумите дека бил малтретиран при апсењето, при што имал и повреди, како и тоа дека бил малтретиран од чуварите во затворот, екипа на Народниот правобранител го посетила во затворот, но, сѐ уште се чека на одредени детали, по што ќе биде познат наодот на правобранителот!

Основното прашање, кое се поставува во случајот со Бошкоски, гласи: Кој ги дал парите, кого се рекетирал Љубе или од кого ги побарал парите за финансирање на кампањата? Меѓутоа, и на тоа нема кој да даде одговор. МВР мудро молчи, наспроти широката транспарентност во други случаи. А, глеј чудо, дури и провладините медиуми кои секогаш изобилуваат со детали за сите полициски спектакли, овојпат нема што да додадат!?

Инаку, ова што се случува со Љубе Бошкоски ме потсети на случајот со апсењето на Дејан Докиќ, поранешниот директор на Клиниката за Пулмологија. Докиќ беше апсен максимално „транспарентно“ пред камерата на А1, му ставаа лисици, наоѓаа пари… Докиќ одлежа 15 дена во притвор, по што излезе на слобода, но, важниот дел следуваше токму тогаш.

Наводно оштетените граѓани кои му ги дале парите на Докиќ, двајца браќа од Струга, сопственици на осигурителна компанија, наеднаш станаа „недостапни“ за полицијата!? По неколку барања од страна на судот, да дојдат за сведоци, тие ем не идеа, ем полицијата не можеше да ги најде – падна пресуда, парична казна во прв степен, колку да се рече дека е утврдена вина!

Замислете, како наеднаш храбрите момци кои соработувале со полицијата, кои се согласиле да се обележат парите, наеднаш ги снема и не сакаат да сведочат, ниту пак да се појават како оштетени за судот да им ги врати парите!? Во тој случај, апла се гледаше дека полицијата си тера мајтап со обвинетиот, а подоцна и со судот, додека обвинителот од петни сили се трудеше да го оправда обвинението во кое го немаше клучниот доказ – оштетените кои пријавиле дека докторот им бара пари по што го пријавиле случајот. Можеби споредбата е несоодветна, ама тоа е речиси исто како да ве обвинат за убиство, а нема ни трага од телото на наводно убиениот!

МОНИТОРИНГ ОД АМНЕСТИ И КРИЗНАТА ГРУПА

Основниот постулат во правото вели: Нема доказ – нема вина, меѓутоа, во ситуација кога и „магарето лета“ прво ве стрпуваат во затвор, а потоа прашуваат дали има докази. Или, ако имате среќа, нив ќе ви ги дадат кога ќе ве однесат на судење. Иако, според законот, осомничениот или обвинетиот треба веднаш да ги види доказите, уште кога ќе биде изведен пред истражен судија, за да може да даде своја одбрана, да знае за што го обвинуваат, но, тоа во практиката речиси никогаш не е така.

Судиите се одлучуваат веднаш за притвор, а обвинетите молчат, затоа што така ги советуваат и нивните адвокати: Не зборувај додека не видиме со какви докази располага обвинителот. И, така, додека ги добијат доказите, поминала годината, а обвинетиот седи зад решетки!

Би било изненадување ако некогаш Кривичниот совет уважи некој приговор и предметот го врати повторно во истрага или ја запре постапката. Во тој Кривичен суд има тројца редовни судии кои треба да бидат првата брана за тоа, дали добро е спроведена истрагата и дали има елементи на дело или не, за да не оди се на судење, а таму со месеци да не може да почне судењето, оти не се отстранети еден куп повреди на кои притворените се жалат пред тој совет.

Но, во тој Кривичен совет работите се сведени на „копи-пејст“ па само се препишува решението на истек на секои 30 дена, се повторуваат истите работи за кои не критикува и Судот во Стразбур, дека се штанцаат решенија во кои само се препишува законот, и никому ништо!

Ваквите повреди и пропусти, констатирани преку овие два случаи за функционирање на истрагата, на големо го отвораат и прашањето: Што ќе се случи за една година, кога наместо судијата, истрагата треба да ја води обвинителот? Која ќе биде гаранцијата за почитување на основните човекови права, за утврдување на вистината преку водење на непристрасна постапка?

Дали, ако судот сега нема капацитет за водење истрага, независна од желбите и намерите на МВР да пласира тоа што сака и како сака, ќе може тоа да го прави само обвинителот без судија, кој ќе биде надлежен само за прашањата околу притворот?

Патем, за двата случаи веќе се заинтересирале Амнести интернешенал и Меѓународната кризна група. Во нивните извештаи, овие случаи ќе бидат заведени како тест за функционирање на правната ни држава!

Д-р Мирјана НАЈЧЕВСКА, активист за човекови права
ЈАНКУЛОВСКА МОРА ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА

ФОКУС Дали МВР се обиде да го скрие убиството на Мартин Нешковски?

НАЈЧЕВСКА Според сите информации со кои располагам произлегува токму тој заклучок. Случајот во голема мера наликува на случајот на Трајан Бекиров зад кој застана Хелсиншкиот комитет. На многу сличен начин беа инволвирани специјалните единици на МВР, министерството не изрази никаква подготвеност да спроведе соодветна истрага и сите фактори на контрола, јавен обвинител, судија и народен правобранител потфрлија во исполнувањето на своите обврски. И во двата случаи како соучесници на делото се појавуваат лекари.

Разликата е во арогантната нескриеност на убиството на Мартин, направено пред сведоци, и секако најголемата разлика е во сосема неочекуваната реакција на младите и нивниот организиран настап. Длабоко сум уверена дека единствено оваа реакција доведе до елементарно идентификување на криминалниот чин и до минимална реакција на органите на прогонот!

ФОКУС Дали Јанкуловска треба да поднесе оставка?

НАЈЧЕВСКА Да, министерката мора да поднесе оставка. И, има не само политичка, туку и командна одговорност. Доколку случајот биде препознаен како случај на тортура, што според мене треба да се направи, тогаш кривичната одговорност ги опфаќа сите вмешани во случајот, по хоризонтална и вертикална линија.

ФОКУС Може ли МВР да кажува дека убиеното момче поминува низ полициската евиденција?

НАЈЧЕВСКА Тоа е стара практика на МВР во секој случај кога ќе се побара одговорност од некој вработен во министерството да се обелоденува евентуалното досие на тој човек. Со тоа не само што се прекршуваат одредбите на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи поврзани со начинот на постапување со лични податоци, туку се покажува и елементарно незнаење на полицијата за тоа дека тортурата не може да биде оправдана со ништо, па ни со најстрашно криминално досие на жртвата.

ФОКУС На што друго МВР не одговори во овој период?

НАЈЧЕВСКА Основното прашање е поврзано со способноста на МВР да се справи со големите прекршувања на човековите права кои секојдневно се случуваат од страна на вработени во МВР преку делувањето на потполно зависната и нефункционална внатрешна контрола. Сметам дека е крајно време сериозно да се преиспита положбата на оваа структура и да се постави повторно на дневен ред можноста за формирање на полициски омбудсман со мандат кој дозволува вршење на истраги и изведување на осомничените пред суд. Во секој случај, полицијата претрпе стравотен удар со процесот на партизација и во моментов се наоѓа во организациски хаос во кој и добрите кадри кои ги има не се искористени или со намера се поттурнати настрана.

ХРОНОЛОГИЈА НА НАСТАНИТЕ

00:40, 06 јуни 2011 Припадник на Тигрите го претепал Мартин Нешковски на скопскиот централен плоштад, по што се обиделе да го освестат, па го пренеле телото пред МЕПСО каде интервенирала Брзата помош. Судија и обвинител не излегле на лице место!

13:00 Обдукцијата завршила на Судска медицина и полицијата била известена дека смртта настапила насилно.

16:00 За настанот прв пат јавуваат Нетпрес, Макфакс и А1. МВР тврди дека на момчето му се слошило. Кои се сведоците кои на МВР му тврделе дека му се слошило?

Од 16 до 19 часот На Твитер, Нетпрес и А1 се јавуваат очевидци со сведочење дека убиецот е полицаец!

7 јуни 2011 МВР признава дека добиле наод од судска медицина, младите протестираат за смртта на ,Даниел од Ѓорче Петров,. Конечно се утврдува идентитетот на Мартин, мајката пред камерите на А1 вели: Го убија, тие го убија, државата ми го уби детето и уште да кријам, како да кријам, дојдоа од ВМРО да го убедат маж ми да не кажува, да не дава изјави дека државата го уби!

8 јуни 2011 Министерката Јанкуловска соопштува детали за тигарот Спасов кој самиот се предава, дека бил со усна наредба ангажиран за обезбедување на партиската прослава само до 24 часот, а дента ја поминал на обезбедување во Куманово. Премиерот Груевски дава изјава дека осомничениот ,не бил во тој момент на должност, како што му пренела министерката Јанкуловска.

9 јуни 2011 Весниците објавуваат фотографии дека Спасов е дел од обезбедувањето на Груевски и оди близу до него кога премиерот се движи по улицата Македонија!

Протести се одржуваат секој ден по скопските улици, младите бараат оставка од министерката Гордана Јанкуловска. Одреден е притвор за тигарот, кој во полицијата признал се, ама пред истражниот судија се бранел со молчење!

19 јуни 2011 Секојдневни протестни маршови на младите низ скопските улици. Мала група најавува дека ќе протестира пред седиштето на СДСМ, оти од таа партија им нуделе свирчиња и ги организирале да излезат на неделниот протест!!!

20 јуни 2011 Протест пред куќата на Мајка Тереза и контрапротест на улицата Бихаќка близу седиштето на СДСМ!

21 јуни 2011 Братот на убиениот Мартин моли Сител да не ја злоупотребува болеста на неговиот татко и да манипулира со младите и со семејството кое е скршено од болка. Братот на Мартин е дел од протестниот марш кој бара оставка од Јанкуловска!

 

Поврзани новости