Преку продажба на маици, блузи, капи и чаши, бугарската Фондација „Македонија“ на контроверзниот Виктор Стојанов ќе ги финансира медиумите во Македонија, за кои, како што вели самиот Стојанов, потребни се минимум 3.000 евра месечно. Притоа, тој порачува дека крајната цел е формирање на политичка партија на Бугарите во земјава, која ќе настапи на следните парламентарни избори, чиј редовен термин е во 2028 година.
Во видео-обраќање, Стојанов деновиве истакна дека веќе во продажба се маици со логото на Фондацијата од 20 евра, додека во следниот период ќе бидат пуштени во продажба и зимски блузи од 25 евра, порцелански чаши за кафе и чај од 6 евра, како и и капи, за да се финансираат активностите во Македонија, чија конечна цел е формирање на политичка партија која, според него, ќе освои пратеници и министри.
–Имаме многу медиуми во С.Македонија, сакаме уште, сакаме да им помогнеме на Бугарите таму да создадат своја силна политичка партија. Тоа е нашата стара цел од 2021, но немаме напредок во реализацијата поради бизнис елитата во Македонија, а без бизнис и капитал тешко се прави партија. Но, сега имаме идеја како да ја реализираме партијата без бизнис, целта е да се учествува на следните парламентарни избори во Македонија – вели Стојанов.
Во друго видео-обраќање веднаш потоа, тој посочува дека со продажба на артиклите сакаат да ги финансираат медиумите, при што наведува дека оваа медиумска мрежа е составена од телевизија, портали, сајтови поврзани со социјални мрежи, за кои, според него, потребни се минимум 3.000 евра месечно. Патем, Стојанов вели веќе успеале да влијаат врз јавното мислење во Македонија.
–Ако се обединиме може да ја превртиме играта во Македонија, може да се избориме со тоа што (Христијан) Мицкоски го прави иако има држава во рацете, зашто тој има многу проблеми да решава и нема да може да се справи со една добро организирана бугарска група која се спротивставува на неговата омраза. Крајната цел е Бугарите да имаат партија, да освои гласови, пратеници, министри… – рече Стојанов.
На тој начин, тој отворено потврдува и воопшто не крие дека контролира медиуми во земјава. „Фокус“ веќе пишуваше кои (про) бугарски медиумски платформи и комуникациски канали влегуваат во оваа мрежа главно координирана од Софија, која е „под лупа“ на македонските истражни органи и институции. Станува збор за онлајн-медиуми, јутјуб-канали, фејсбук и инстаграм-профили и групи, каде што преовладуваат пробугарски и/или антимакедонски содржини.
Имено, некои од нив имаат транспарентна сопственичка, уредничка и соработничка структура, главно составена од македонски државјани, кои јавно се декларираат како Бугари, додека други официјално не објавуваат никакви податоци. Арно ама, достапните информации посредно упатуваат кон заклучокот дека тие гравитираат околу еден центар, а тоа е токму Фондацијата „Македонија“ на Стојанов, кој има забрана за влез во Македонија. Што точно објавивме?
Меѓу првите на оваа, условно кажано, листа е „Трибуна“, кој има своја веб-страница, фејсбук-страница (34 илјади следачи), јутјуб-канал (над 150 илјади гледаност) и инстаграм-профил (200 претплатници). Медиумот транспарентно ја објавил сопственичката структура, така што како издавач се јавува Здружението на граѓани за слободно медиумско изразување „Трибуна“ од Прилеп, додека како главен и одговорен уредник фигурира Атанас Величков.
Тој е роден во Бугарија, меѓутоа повеќе години живее и работи во Македонија. Освен што е главен уредник и колумнист на „Трибуна“, воедно пишува колумни и за бугарската новинска агенција БГНЕС на Љупчо Нешков. Во текот на 2023 година, Величков даде интервју за бугарскиот весник „Труд“, каде што раскажа како своевремено го напуштил родниот Крупник и дошол да студира во Скопје по што се оженил во Прилеп и почнал да се занимава со новинарство.
Во еден дел, тој објаснува дека дошол во земјава како Македонец, како син на член на „ОМО Илинден“, дека пишувал за македонскиот весник „Народна волја“ и работел за антибугарската телевизија „Сонце“, но со текот на времето сфатил дека сето тоа е, како што вели, сурова лага. Величков го ословува „Трибуна“ како „бугарски медиум во РСМ“, посочувајќи дека целта му е е сите да прочитаат за историјата на оводешните Бугари.
На прашањето како се финансира „Трибуна“, вели: „Идејата за самиот медиум е моја и на еден од моите најблиски луѓе Петар Колев. Кум е професорот Георги Трендафилов. Многу луѓе ни помогнаа низ годините. Веќе 2 години работиме на проекти на Министерството за надворешни работи на Бугарија, а за ова да се случи, главната заслуга му припаѓа на тимот на бугарската амбасада тука, на чело со амбасадорот Ангел Ангелов и неговиот заменик Петар Петров…“.
Исто така, Величков се јавува и како основач и ководител на поткастот „Коридор 8“ на Јутјуб, заедно со бугарскиот државјанин Георги Станков. Според објаснувањето на Величков за „Труд“, идејата за поткастот е на Станков, со цел луѓето од двете страни на границата да можат виртуелно да се сретнуваат и да разговараат едни со други „нормално и на пријателски начин“.
– Внесувањето на Бугарите во Уставот е првиот чекор кон крајот на македонизмот како геостратешки проект со изразена антибугарска суштина – рече Величков од „Трибуна“ во интервјуто за „Труд“, каде уште додава: „Македонизмот ќе мора да се раздели од својот антибугарски карактер. Откако ќе бидат вклучени во Уставот, Бугарите овде ќе можат да станат дел од администрацијата, армијата, полицијата и судските органи…“.
Како и да е, можеби најбитниот елемент од она што го говореше Величков за „Труд“ е делот каде што дословно изјави: „Многу луѓе ни помогнаа низ годините, веќе 2 години работиме на проекти на Министерството за надворешни работи на Бугарија…, што укажува дека тој и неговите пријатели и соработници работеле и на проекти поддржани од бугарското МНР, т.е. на бугарската држава или финансирани од бугарскиот буџет.
Нешто слично неодамна кажа и Стојанов од Фондација „Македонија“. Случајно или не, во истиот период во 2023 година, кога тој најави 5 онлајн-медиуми во земјава, почнале да функционираат исто толку вакви медиуми контролирани од Бугарија. Тоа се порталите „Вестимак“, „Вестимк“, „24мк“, „МК24“ и „Утремк“, кои, според информациите објавени на Фејсбук, се формирани во 2023 година и се управувани од Бугарија.
Само еден краток поглед врз овие портали, чии фејсбук- профили имаат околу 141.000 следбеници, е потребен за да се забележи дека тие се дизајнирани речиси исто и објавуваат безмалку идентични содржини, што укажува дека се уредувани и координирани од еден центар. Ниту еден од нив нема објавено издавач и импресум, ниту може да се види комерцијална реклама.
Според податоците од МАРНЕТ, која води евиденција за интернет-домените, „Вестимак“ и „Вестимк“ ги регистрирал извесен Александар Смиљков, додека „24мк“, „МК24“ и „Утремк“ ги регистрирал Асен Петровски. Првите 2 имаат една адреса за контакт, додека другите 3 имаат друга заедничка имејл-адреса, која ја користи фондацијата „Македонија“.
Помеѓу дополнителни десетина портали, фејсбук-профили и јутјуб-канали, може да се спомене и еден повлијателен јутјуб канал – „Б2“, каде се емитува поткастот „Почетна пресметка“, на кој главно настапуваат лица со антивладина ориентација што често актуелнава влада ја доведуваат во корелација со српската политика и т.н. српски свет.
За разлика од претходно споменатите 5 портали, тој има транспарентна сопственичка и уредничка структура, што го прави порелевантен заедно со „Трибуна“. Па, така, како сопственик на медиумот и како водител на поткастот се јавува лицето Борче Костески од Струга. Воедно, тој е и претседател на здружението „Бугарите во струмичката петорка“ и често дел од медиумите го претставуваат и најавуваат како активен член и застапник на правата на бугарската заедница во Македонија.
Сепак, тој тврди дека неговиот медиумски проект не е бугарски, туку македонски, фокусиран на политички дебати без цензура. Кога неодамна полицијата изврши претрес во неговиот дом, тој негираше дека бил учесник во група која се занимавала со порнографија. Според него, сè било хајка.
Заедно со него, ководител на „Почетна пресметка“ е Зоран Мрсески, јавно деклариран Бугарин од Македонија, кој е претседател и на здружението „Југ“ од Прилеп. Неодамна, тој објави намера да се кандидира за пратеник во бугарското собрание од редовите на Преродба, парламентарна политичка партија која застапува антизападни и проруски позиции.
Но, по проверка од Централната изборна комисија, неговата кандидатура беше одбиена поради некомпатибилност со изборното законодавство во Бугарија. Конкретно, тој не го исполнуваше условот за лицата што имаат двојно државјанство да мора да живеат во Бугарија во последните 18 месеци до изборите.
Покрај веќе споменатите медиумски платформи и комуникациски канали, според нашите неофицијални информации, „под лупа“ на македонските истражни органи се уште десетина субјекти. Меѓу нив се веб-страните, кои имаат профили на социјалните мрежи, „Вардарскимк“, „Ипрессмк“, „Инфо168мк“, јутјуб каналот „Илинден“, како и дузина фејсбук-страни или фејсбук-групи.
Тука може да се вбројат: „Потомци на бежанци и преселници од територијата на РС Македонија и пријатели“, Движение „Соединени Блгари“, „Грубовци, Ениџе Вардар – Родна Македонија“, „Македонци од бугарскија род“, „За добрососедство между Блгарија и Македонија“, „Блгарија-Македонија/Bulgaria-Macedonia“, „Македонски научен институт“, „Фондација Блгарска памет“, „Испрати блгарска книга в Македонија“, „Маика Блгарија“…
Кои (про) бугарски медиумски платформи и комуникациски канали се „под лупа“ на македонските истражни органи?!
Влатко СТОЈАНОВСКИ