Зајкова од Софија: Ако навистина ја сакате Македонија во ЕУ, покажете го тоа со дела – испорачајте мерлива поддршка

by irena 15:45
15:45

„Љубовта се покажува со дела. Ако навистина сакате да ја видите Македонија во Европската Унија, се надевам дека тоа ќе го покажеме така што заедно ќе чекориме напред – со поддршка“, порача претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова во Софија, непосредно пред своето обраќање, реагирајќи на излагањето на европратеникот Андреј Ковачев кој рече дека Бугарија гледа на Македонија со љубов навистина сака да ја види Македонија како членка на ЕУ.

Зајкова порача дека по повеќе од две децении европски ветувања, на Западниот Балкан повеќе не му се потребни нови декларации за европска перспектива, туку конкретни одлуки што ќе покажат дека реформите и исполнетите обврски носат реален напредок.

„Во Солун во 2003 година Западниот Балкан доби јасна европска перспектива. Детето родено тогаш денес има 23 години. Цела една генерација порасна слушајќи: Европа е вашата иднина. Не сакам повеќе да зборуваме за тоа што Европа ќе направи еден ден во иднина. Сакам да зборуваме за тоа што можеме да направиме денес“, истакна Зајкова.

Таа нагласи дека граѓаните на Македонија бараат процес во кој по секоја исполнета обврска доаѓања заслуженото придвижување воопшто ќе се случи, и додаде: „Нашите граѓани не се уморни од реформите. Уморни се од реформи без резултати. Ако од нив бараме тешки одлуки, реформи и компромиси, тогаш имаме обврска да покажеме дека исполнувањето на условите носи видлив напредок.”

„Во спротивно, страда довербата“, рече Зајкова.

Според неа, Балканот мора конечно да ја напушти политичката логика „кој кого може да блокира“ и да почне да размислува како успехот на една држава може да придонесе за успехот и безбедноста на соседите и на цела Европа.

„Наместо постојано да прашуваме кој кого може да блокира, да почнеме да прашуваме: како можеме да си помогнеме едни на други да станеме посилни? Како успехот на Бугарија може да ѝ помогне на Македонија и како успехот на Македонија може да ги направи Бугарија, Балканот и Европа посилни? Просперитетна, демократска и европска Македонија е во интерес на Бугарија, исто како што просперитетна и успешна Бугарија е во наш интерес“, порача Зајкова.

Таа посочи дека најголемата стратешка грешка за регионот би била државите да продолжат да го доживуваат напредокот на соседот како сопствен пораз.

„Можеме да бидеме емотивни. Можеме различно да гледаме на делови од минатото. Но не смееме разликите за минатото да ни ја одземат можноста заедно да изградиме подобра сегашност.“ нагласи Зајкова.

Во своето обраќање таа предложи и три конкретни чекори со кои европската интеграција би станала видлива уште пред формалното членство: структурирано итно учество без право на глас на пратеници од земјите кандидатки во релевантните комисии на Европскиот парламент во преодна фаза, посилен парламентарен надзор врз исполнувањето на обврските од постепената интеграција и принцип на автоматизам според кој исполнувањето на однапред јасно утврдени критериуми ќе носи однапред јасно утврдени придобивки.

„Ако критериумите се јасни и се исполнети, мора да следува резултат. Не реформа денес, а пет години подоцна повторно политичка дебата дали ќе ја добиеме придобивката што ни била ветена. Европа мора повторно да ја воспостави врската меѓу заслугата и напредокот“, рече Зајкова.

Како претседателка на либералното движење на Југоисточна Европа, Зајкова истакна дека регионалната соработка ѝ покажала дека успехот на соседот не е закана, туку можност.

„Кога некој од моите колеги како Илхан, Влад, Дан Барна и други во регионот успеваат, јас во нив не гледам конкурент. Гледам партнер. Замислете само ако тоа стане политички инстинкт на целиот Балкан – наместо да инвестираме енергија во тоа како да се сопреме едни со други, да инвестираме во тоа како заедно да напредуваме“, додава Зајкова.

„Балканот има енергија, талент и амбиција да биде еден од најдинамичните региони во Европа. Да ја споиме таа балканска енергија со европски правила, функционални институции и кредибилно исполнување на преземените обврски. Тогаш на нашите граѓани нема да мораме уште еднаш да им кажуваме дека Европа е нивната иднина – тие конечно ќе можат да ја видат Европа во својата сегашност“, заклучи Зајкова.

Слични вести