Зошто првиот разузнавач Муслиу го вработил братот на државниот правобранител Стафа без оглас?

by Фокус

Вработувањето на братот на државниот правобранител Фехми Стафа во Агенцијата за разузнавање на чело со Еролд Муслиу без објавување на оглас е противзаконско, но е реализирано согласно практика што се применувала од формирањето на институцијата, произлегува од решението на Антикорупциската комисија со кое впрочем се запира постапката за корупција и судир на интереси. Во рамки на овој предмет, беше испитувана и невладината организација на сопругата на Муслиу, регистрирана на негова домашна адреса, каде, патем речено, извесен период било седиштето и на приватна компанија. Сепак, од фирмата тврдат дека станува збор за грешка…

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Вработувањето на братот на државниот правобранител Фехми Стафа во Агенцијата за разузнавање на чело со директорот Еролд Муслиу се коси со матичниот закон на институцијата – ова го утврдиле Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, која сепак одлучила предметот за АР и директорот Муслиу, отворен по пријави со сомневања за ризик од корупција и судир на интереси, да го затвори.

Како што се наведува во решението на ДКСК, кон самиот крај на 2019 година пристигнале неколку анономни пријави, од кои една се однесува на, како што навел подносителот на пријавата, незаконитости при реализација на постапка во декември ланската година за вработување/ангажирање на братот на државниот правобранител Стафа како лично обезбедување на шефот на разузнавањето Муслиу, без претходно да се распише оглас.

По проверките што ги извршиле антикорупционерите низ призма на законската регулатива, тие оцениле дека вработувањето е спротивно на член 19 став 3 од Законот АР од 1995 година, кој пропишува дека „работен однос во Агенцијата без јавен оглас се заснова на посебни работни места со завршени ученици од средно образование и студенти во сите степени и стипендисти на Агенцијата“. Но, како што стои во решението на Комисијата, братот на државниот правобранител во барањето навел дека поседува високо образование.

Во одговорот што го доставиле од АР, пак, се наведува дека лицето се вработува токму според истата законска одредба, на работно место со посебни должности и одговорности, согласно неговата стручна подготовка. Исто така, од Агенцијата посочиле дека тој е преземен од Министерството за одбрана без објавување на оглас и без склучување на договор за вработување, но по добиена согласност од страна на Министерството за финансии. Патем, од таму се оправдуваат со тоа што ваквата практика постоела од формирањето на Агенцијата во 1998 година.

Иако антикорупципнерите јасно констатираат дека вработувањето е спротивно на Законот, сепак, тие носат одлука за запирањето на постапката. Во образложението се наведува дека наводите во пријавите не се потврдуваат, затоа што основниот закон на АР не е доволно јасна правна рамка за донесувањето и примената на подзаконските акти, како и Колективниот договор, и тоа не само по основ на вработување, туку и по основ на унапредување и расподедување. Затоа, ДКСК бара да се донесе целосно нов закон…

Во однос на тоа, од Државното правобранителство ни одговорија дека имаат надлежност врз вработувањата во својата институција според Годишен план и согласност од надлежните министерства, но, како што истакнуваат, немаат поврзаност со постапките за вработување во други институции. Од Агенцијата за разузнавање, пак, не добивме никаков одговор на прашањата на која точно позиција е вработен братот на функционер што се наоѓа на чело на друга институција, каква стручна подготовка и квалификации поседува и како дошло до ситуација токму ова лице да биде преземено од друга институција?

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, под чија надлежност е Агенцијата, велат дека тој е запознат со работата на ДКСК и ја охрабрува да продолжи за секој случај во кој смета дека не се почитуваат законските норми за спречување на корупција и судир на интереси. Според Пендаровски, сите наводи за непочитување на законите во јавните институции, без разлика кои се, е потребно да бидат соодветно истражени и процесуирани, со, како што посочуваат од неговиот кабинет, тие да имаат адекватна завршница.

Инаку, во рамки на истиот предмет пред антикорупционерите, кој заврши со барање за усвојување на нов Закон за Агенција за разузнавање, бидејќи постоечкиот има многу таканаречени сиви зони, се анализирала и невладината организација „Нексус“, каде соосновач и овластено лице е сопругата на директорот на АР. Оваа невладина организација е регистрирана на адреса каде, пак, според Катастарот на недвижности, е лоцирана станбена единица во сопственост токму на Муслиу. Но, според податоците од Централниот регистар, на оваа адреса неодамна било заведено и седиштето на една приватна компанија.

Станува збор за друштвото за продукција и услуги „ДВС Продукција“, кое, според историјатот на промени, од формирањето во март 2018 година се до јули 2019 година официјално се водела на иста адреса со НВО „Нексус“, т.е. на домашна адреса на Муслиу. Во врска со ваквата ситуација, од Агенцијата не добивме никаков коментар, меѓутоа стапивме во контакт со управителот на фирмата, Ненад Митевски, кој вели дека го познава Муслиу како поранешен сосед, но и колега на неговиот покоен татко, кој бил на висока позиција во Агенцијата за разузнавање до 2001 година.

Сепак, Митевски тврди дека ниту „ДВС Продукција“ нема никаква поврзаност со директорот на Агенцијата и здружението на неговата сопруга. Фактот што оваа компанија била регистрирана кај Муслиу, според него, е грешка. Како што објаснува, и тој во лична карта бил заведен на истата адреса, во која недостига буквата А, што претставува стан кој покониот татко на Митевски го има земено со право на отплата од МВР во 1997 година.

Поврзани новости