Текстот е објавен на 11-ти декември 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 754
Кредитите што Стопанска банка, пред влезот на грчкиот капитал, со години ги давала „од срце“, на жими мајка, без хипотека, потоа во неколку наврати беа простувани и нагрбачени врз граѓаните. Во оваа „драмолетка“, кај застанаа бранковци, продолжија љубчовци и груевци. За овие „грандиозни“ кредитни далавери досега никој не одговарал.
Од буџетот, пак, уште се издвојуваат пари за оваа намена. Колку и како, не добивме одговор од оние што „ем знаат, ем умеат“, ама и од оние што нѐ „преродуваат“. Фокус дојде до списокот од Секторот за ризични пласмани од оваа банка, со датум од 31 октомври 2003, каде се наведени дури 441 компанија, со милионски суми долг кон Стопанска, и тоа претежно без хипотеки. Само „јукановци“ се внесени со околу 12 милиони евра.
Иако, како антикорупционер Михајло Маневски ќе ја дефинира како „голема кражба“ тешка над 200 милиони долари, сепак оваа транзициска приказна и натаму останува „неинтересна“ за партиските ни елити. И разбирливо, ако во предиграта доминираа „розите“, подготовката за продажбата ја стори Стојменов, а ја доработи Груевски.Неодамна ирскиот министер за правда Дермот Ахерн го претстави на јавноста извештајот за злоставување на децата што скоро три децении го правеле католичките свештеници. Истрагата за овој невиден скандал започна по иницијатива на владата уште во март 2006 година. На тимот истражители им требало повеќе од три години да дојдат до конечни одговори.
Најпрвин, да утврдат дека имало масовно сексуално злоставување на децата, додека во најновиот, втор по ред извештај, трагаа по одговорот на мачните дилеми: како е можно со години и децении овие стравичи перверзни приказни да бидат заташкувани. Во извештајот сега се става акцент на високото свештенство во Даблинската надбискупија, кое со години ги премолчувало обвинувањата на бројните жртви. Но, се сомничат и претставници на државните власти дека свесно ги прикривале доказите „за да ја заштитат репутацијата на Црквата“.
Оваа ирска сторија ми се виде како идеална за вовед во нашата тема – за масовните транзициони грабежи што пред очи ни се одигруваат веќе две децении. Некому може да му изгледа невкусна споредбата! Злоупотреба на деца со злоупотреба на народните пари?!
Силување на деца со силување на државната каса?! Но, не е смислата во тоа да ги рангираме (не)делата според грозотиите и последиците. Компарацијата овој пат е од друг агол! Кај нас световните власти со години и децении го злоупотребуваат буџетот и државните ресурси за свои лични „задоволства“. Паралелно, „некој“ свесно со години ги прикрива доказите, веројатно со слични небулозни образложенија „да ја заштитат репутацијата на Црквата“ или кај нас многу по прозаично „во интерес на граѓаните и државата“. Цехот, пак, од овие „бајки за деца“ го плаќаме сите, и „мудро“ си молчиме!
АЛАЛ ДА ВИ Е „ШИТКАЊЕТО“!
Во изминативе мачни транзициони години, двете партиски „групировки“ си фрлаа „анатеми“, си префрлаа за низа криминали, за грабежи на столетието, но се чини дека ниту еден вака бомбастично дефиниран случај не заврши со логичен крај – адекватен на тешките зборови. ВМРО-вци најмногу „мрсомудеа“ за валканата и криминална приватизација од која се изнедрија „олигарсите“, додека бранковци најмногу „тешка артилерија“ потрошија за продажбата на ОКТА. За „дивно“ чудо, една друга зделка во четири очи – што беше стокмена во времето на „Промени“, остана негибната иако во неа има еден куп „чудесии“. Станува збор за продажбата на Стопанска банка.
Се продаде на Националната банка на Грција за околу 50 милиони евра, но државата презеде обврска во наредните 14 години, почнувајќи од 2001 г. со обврзници на грчките газди да им „покрие“ околу 120 милиони евра! Станува збор за лошите пласмани што пред приватизацијата биле давани „шаком и капом“ на одредени фирми.
По овој основ уште од буџетот се прелеваат пари на сметка на Стопанска банка. Според извори на Фокус, од буџетот плус се покриваат и изгубените судски спорови, што се водат спрема фирмите должници. Така што, тешко е да се каже колку пари, народни де, отидоа „јабана“ заради лошиот претходен менаџмент на Банката, ама и на оние кои стокмија ваков договор ама и закон за „шиткање“ на Стопанска.
Уште повеќе, во документ од Секторот за ризични пласмани при СБ, до кој дојдовме преку наши канали, а ја регистрира состојбата до 31 октомври 2003 година, наведени се дури 441 фирма како „ризични“, нели. Она што е особено занимливо е дека безмалку 80 отсто од овие кредити биле давани без хипотека. Како, и дали, воопшто, некој успеал да ги „поврати“ – останува енигма.
Оние кои што би можеле да фрлат повеќе светлина на бројките, нѐ игнорираа (види рамки). Официјално барем Државниот ревизор во 2005-та излезе со својот наод од контролата на Агенцијата за санација на банките. Побарувањата што, нели, си ги нагрбачи државата пред продажбата на Стопанска, според законот беа пренесени токму на оваа Агенција. Таа, пак, како да беше формирана колку за да ја има.
Ревизорите тогаш утврдија дека поради неводење правилна евиденција за долговите на правни субјекти, дури 82,28 отсто од вкупните побарувања станале ненаплатливи поради стечај, ликвидација или бришење на правните субјекти од трговскиот регистар. Дознавме и дека Агенцијата побарувала дури 456 милиони евра од правни и физички лица кои се во ликвидација, стечај или не постојат. Уште повеќе, дека за пет месеци Агенцијата поднела само пет тужбени барања за утврдување на побарувањата и едно присилно извршување, со што од вкупните побарувања од 571 милион евра наплатила само 1,7 милиони.
Ете, ги ефектите од владеењето на „државотворците“ и „патриотите“. Ваквите агенции повеќе служат за да има место плус каде ќе можат да се вдомат своите на некоја функција!
КОГА АРАМИЛАКОТ СТАНУВА „ДУБИОЗА“
Потврда на овој „уметнички впечаток“ е и тогашниот ревизорски наод дека Агенцијата за управување со средства, или поранешната Агенција за санација на банки, незаконски и ненаменски потрошила над 15,5 милиони евра на штета на државниот буџет. Во ревизорскиот извештај за 2004-та пишуваше и дека штетите од неажурна работа и неправилна евиденција во Агенцијата достигнуваат до 500 милиони евра.
Колку од ова купче произлегуваат од досието „Стопанска банка“ не би можеле да одгатнеме. Меѓутоа, обврските или обврзниците со кои Стопанска црпи пари од буџетот, си течат нормално. Евидентирано е и на сајтот на Министерството за финансии. Ова како прво. Но, веднаш доаѓа и вториот „дојам“ – невидената леснотија со која фирмите си земале кредити од Стопанска банка, потоа згаснувале по разни правни „скачки“, но затоа менаџерите денес си тераат други фини бизниси, додека ние „одвојуваме од уста“ за нивните и банкарските виртуозни дилови.
За волја на вистината, и актуелниот министер за правда, Михајло Маневски, барем во периодот кога беше само антикорупционер, приватизацијата на Стопанска банка ја третираше како крупен криминал. Во неговата книга за „Корупцијата во Македонија“ издадена 2005 г., досието „Стопанска банка“ го дефинираше како „голема кражба на средства од државата и граѓаните“ тешка над 200 милиони долари, сместувајќи го и во рамките на „незаконитост во приватизација“.
Главната „зврчка“, и според Маневски тогаш, била сторена пред Стопанска банка да биде продадена на грчките партнери, кога е „исчистена“ од сите таканаречени дубиози, што изнесуваа повеќе од 120 милиони евра, кои паднаа на товар на граѓаните. Фактот дека ние и денес ги плаќаме обврските што ги презеде тогаш Владата на ДПМНЕ, никој денес не го вознемирува, ниту пак тоа што за толку голема кражба и нанесена огромна штета, никој никогаш не беше повикан на одговорност.
Меѓутоа, ниту денес, кога Маневски е министер за правда, нема политичка волја да се утврди на што се должеа таканаречените дубиози. Замислете колку „нежен“ израз за обичен арамилак – дубиози, а тоа се всушност главно кредитите кои компаниите ги земаа, но не ги вратија. Ама Маневски пред неколку години нафрли „и разни други противзаконити дејствија и малверзации“. Какви – не одгатна ни тогаш, ни сега?!
Зошто ниту една политичка гарнитура, па ни оваа „преродбеничка“ нема волја да го истражи овој „тежок криминал“, како што ќе го дијагностицира Маневски, во времето кога беше само член на антикорупциската комисија? Зошто никогаш во меѓусебните вербални пресметки околу грабежот и приватизацијата, никој не зуцнува за овој „предмет“? Одговорот е едноставен и логичен: затоа што обете групации имаа замешано прсти. И секоја на свој начин, претпоставуваме или се сомневаме, извлекла некаков бенефит од стопанско-банкарскиве зделки!
Имено, владата на Црвенковски прва повлече нога, па со санацијата на банките од 1995 г. од банката ги „симна“ сите дотогаш направени, нели, онака нежно – дубиози. „Дубиозиве“, нормално, барем за кај нас, им беа „обесени“ како товар на даночните обврзници или на сите нас. Е колку била ефикасна „терапијата“ на бранковци, се гледа по ефектот што банката, во случајов говориме за Стопанска, не само што тогаш не е санирана, туку се наоѓа во постојана неликвидност.
Потоа, три години Црвенковски се фалеше дека во оваа банка ќе влезе странски капитал. Демек, ја токмеа за Австријци. И работите ќе се „захуктаат“ особено во предизборието 1998 година. Дури ќе се потпише и преддоговор со австриската Ерсте банка.
КАЈ СДСМ ЗАСТАНА, ДПМНЕ ПРОДОЛЖИ
Меѓутоа, случајно или не, иако во случајности не веруваме, само еден ден по потпишувањето на овој преддоговор, во јуни 98 г, Народна банка на РМ носи „комплицирана“ одлука – која практично значи дека банките треба да им ги отпишат долговите на претпријатијата должници.
Во Стопанска банка, по овој основ, на 30 јуни 1998, само 10 дена по договорот со Австријците, се прави список на достасани, а ненаплатени побарувања. Според пишувањето на „Фокус“, стануваше збор за околу 80 милиони марки, иако списокот не бил конечен. Притоа, треба да се има на ум дека беа „отпишани“ долговите на фирми главно блиски до СДСМ. А тогаш и немаше „други“! Така повторно се изврши „аболиција“ за банкарско-кредитните „лоповлуци“, кои секогаш добиваа некои „безазлени“ називи, и аргументи за нивната корисност од типот „репутацијата на Црквата“.
Како и да е, дојде на власт коалицијата „За Промени“. Само неколку дена по смената на власта, Австријците се пишманија од влезот во Стопанска. Остана енигма зошто смената на власта влијаеше демотивирачки кај толку најавуваниот австриски инвеститор, но љубчовци бргу најдоа замена или свој стратешки партнер – Грчката национална банка.
Таканареченото досие „Стопанска банка“ е интересно затоа што опфаќа неколку политички гарнитури. Отпишуваа долгови и „розите“ ама и „лавчињата“. Бранко ја токмеше за продажба на Австријците, Љубчо ја продаде на Грците. Подготовките ги вршеше министерот за финансии Борис Стојменов, а после неговата смена кон крајот на 1999 г. ресорот го доби токму Никола Груевски, кој ротираше од трговија.
Финансии под Стојменов изготви специјален закон. Називот на законот има повеќе зборови, отколку што има одредби. Кон крајот на декември 1999 г. стапи на сила оваа „направија“. Таму, како побарувања кои што ги презеде државата на свој грб, беа наведени „денарски и девизни кредити и други побарувања“ што СБ ги имала од групацијата Македонија табак, Југохром – Јегуновце, Фенимак и Ко-Ко Годел. Но што се случува?!
Во меѓувреме, се видело дека вакви ризични пласмани на банката имало на претек. Па, веќе во март 2000-та, кога Груевски функционира како „сукцесор“ на Стојменов, се прави корекција на Законот, поточно се укинува само еден член. Членот 6, што им попречи, гласеше дека државата ги гарантира правата на странскиот инвеститор за „износот на вложените средства за откуп на мнозинскиот пакет на управувачки акции на Банката и за надомест на штети од покренати судски постапки од статусен карактер и обврски по основ на даноци до денот на влегувањето во сила на овој закон“.
Извори од финансии, кои инсистираа на анонимност, го објаснуваа ова токму со податокот што како ризични во Стопанска се појавиле дузина пласмани, а не само оние наведени во Законот до денот кога стапил на сила. Оттаму, според истиот извор, е дојдено до новата клаузула, па државата почнала да ги надоместува и изгубените судски спорови за спорните пласмани од претходниот менаџмент на банката. Ова секако влијаело демотивирачки на новите газди да се внесат максимално во судските разврски. Што би рекле Србите „све ќе то народ позлатити“. Нели, има кој да го покрие тоа! Ама, немаше кој за Фокус да одговори на овие дилеми и трилеми!
КРЕДИТИТЕ ПРОСТЕНИ, КРИВИЧНИТЕ ЗАСТАРЕНИ
Во материјалот од 31 октомври 2003 г., како што веќе реков, се наведени дури 441 компанија, чии долгови кон Стопанска банка се водат од Секторот за ризични пласмани. Каква е судбината на овие „ризици“, главно без хипотека, не успеавме да добиеме одговор. Меѓутоа, за овие „грандиозни“ кредитни далавери нема „виновни“. Значи, со години дузина директори земале кредити од Банката, не ги враќале, а менаџментот на Стопанска со амин на власта им ги простувал. И никој не одговарал, иако дел од тие директори денес си тераат добар бизнис со приватните фирми.
За илустрација ќе го наведам случајот „Годел“. Според изјави на „инсајдери“, владите на Бранко и Љубчо го „почестија“ кожарскиот комбинат со околу 100 милиони евра, во годините пред продажбата на Стопанска банка?! При првото „чистење“ на Стопанска банка во 1994, „Годел“ бил трет по задолжување со околу 24 милиони марки, но овој долг бил префрлен на Агенцијата за санација на банките.
Ова не било проблем Банката да продолжи да му дава пари на „Годел“. Бил „даруван“ и пред изборите во 1998-та, а кога се продава на Грците, „Годел“ должел дополнителни над 15 милиони евра, без камати, пари што повторно се префрлиле на Агенцијата за санација. Потоа, фирмата отиде во стечај, а пред неколку години кривичната пријава против тогашниот директор за злоупотреба со државните стокови резерви, тешка околу 2 милиони евра, едноставно и „случајно“ застаре. Оние што раководеа со „Годел“, денес си тераат приватен бизнис. Ние ги плаќаме нивните „цехови“.
Зошто уште еднаш го актуелизираме досието „Стопанска банка“? Да потсетам дека кон крајот на јули, Васил Тупурковски, веќе осуден на 3 години затвор заради „тајванските кредити“ прати „силна порака“ преку една ТВ. Најави дека подготвува досие за Стопанска банка за огромен криминал, за „чистењето“ на банката во неколку наврати пред продажбата на Грците. За кредитите што биле земани, но не и враќани, а одговорноста е „социјализирана“. Деновиве, апелациониот суд го врати процесот за „тајванците“ на повторно разгледување. Ниту Циле, сега, не верувам дека ќе го отвори досието „Стопанска банка“, која се провлекува и во неговиот предмет, ама како „чуднователно“ невина.
Со други зборови, ниту од бранковци, уште помалку од груевци, очекувам да го „дешифрираат“ грабежот на транзицијата извршен преку банките. Ќе треба некои нови „клинци“, па како во Ирска, случајот од почетокот на текстов, некој да се „дрзне“ барем да ги истражи сите „дешавки“ од првобитната акумулација на капиталот во Македонија. Ако ништо друго, колку да се знае во историјата кој како започнал и со чиј благослов и помош. А кој ја плаќаше сметката, барем се знае, сите ние.
Патем, колку сме „европејци“ покажува и веста што летово стигна од Нигерија. Додека ние кредитите фрлени „во бунар“ ги истретиравме со милозвучниот збор „дубиози“, таму, во Африка, неколку водечки тајкуни кои под сомнителни околности земале големи банкарски кредити, ама и банкарите кои ги давале, беа осомничени дека тешко ја загрозиле финансиската стабилност на земјата. Таму, одобрувањето на сомнителни кредити без било какво покритие е загрозување на финансиската стабилност на државата, а махинациите се третираат на работ на економска саботажа. Овде во Македонија, ваквите „подвизи“ минаа небаре се голем патриотски придонес за економската стабилност.
Рака на срце, барем Маневски „виде“ на време дека „досието Стопанска“ беше уште еден катастрофален економски удар на стопанството и граѓаните со долгорочни тешки последици. Проблемот е што откако стана дел од власта, за овој криминал збор не изусти.
Домашни фирми
ДВАНАЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА БЕЗ ХИПОТЕКА ЗА ЈУКАНОВЦИ
Меѓу рекордерите според „ризичните пласмани“ на Стопанска банка, во нашиот список, без конкуренција се „јукановци“. Скоро 564 милиони денари без хипотека биле дадени на Јукан Трејд Интернационал, плус уште околу 188 милиони денари на Јукан Инженеринг. Во „тотал“ тоа му доаѓа нешто повеќе од 12 милиони евра, ризични секако. Меѓу оние на врвот од списокот според „тежината“ на долгот се: Газела, СВЕТ-МК, Пикон, Македонка, Југохром, Фенимак, Фринко, Жито ориз – Кочани, Стокопромет, контроверзниот „Пазар на пари“, Млекарница – Скопје, Југотутун – Пијанец од Делчево – до тука сумите беа деветцифрени. Со една нула помалку се долговите на Асиба МГ, Брако Велес, Македонка Штип, Водно Скопје, Лондза трејд, Житомел Куманово, Стружанка, Злетово топилница, Готекс, ТИПО, Астибо, Злетово рудници, Технобаварија, Годел – кланица, Преспатекс Ресен, Деликатес Кочани… Списокот завршува со бројот 441 – толку се фирмите во кои неприватизираната Стопанска банка влегла со ризични пласмани на средства, и тоа без обезбедена хипотека.
За жал, не успеавме да дознаеме кој од должнициве се раздолжил, а кој куртулил преку правно-судски заврзлами!
Странски фирми
ОКОЛУ ЕДНА МИЛИЈАРДА ДЕНАРИ РИЗИЧНО ПЛАСИРАНИ
Во списокот до кој дојде Фокус, како ризични пласмани на Стопанска банка, се регистрирани и фирми и банки со седиште во странство. Најчесто се провлекуваат градовите Белград, Лондон и Софија. Станува збор за вкупна сума од околу една милијарда денари, нели, ризично пласирани средства. Интересно е дека во овој список се и Кариќ банка од Белград и Балкан банка од Софија. Но убедливо според сумата се издвојуваат Југобанка од Белград со над 6 милиони евра долг, а потоа лондонската Стандард банка со околу 3 милиони евра. Останува „топ сикрет“, дали барем дел од овие долгови се вратени?!
Банки
ПЛАСМАНИТЕ РИЗИЧНИ, ХИПОТЕКИТЕ – НУЛА
Во списокот на „ризични“ се наредени и повеќе домашни и странски банки. Од оние од домашен „произход“ се наоѓаат Тетовска банка со долг од околу 22 мил. ден, Охридска банка – околу 4 мил. ден., потоа Македонска банка со приближно 3,5 мил денари, а исто толку и Стопанска банка – Битола, па Пелагониска банка – Прилеп со „само“ 2,1 мил. ден. Тука е и „фамозната“ Алмако банка со околу 2 мил. ден., Радобанка – Скопје со приближно 3,5 мил. денари, додека пласманите во Стопанска банка – филијала Скопје и Тутунска банка се помали или барем не се во милиони денари. Интересно е дека меѓу должниците е наведена и извесна Ресавска банка со сумата од околу 76 мил ден., но не е наведено во кој град се наоѓа седиштето на Ресавска. Што колку и да звучи цинично, е ирелевантно бидејќи ризично си е ризично, било дома или надвор.
Патем, кај сиве овие „ризични“ кај графата за хипотека стои една голема НУЛА.
Министерство за финансии
УШТЕ ОКОЛУ 50 МИЛИОНИ ЕВРА ЈАВЕН ДОЛГ КОН БАНКАТА
До портпаролот во Министерството за финансии поставив неколку прашања. Ме интересираше колкава сума досега од буџетот е исплатена на грчкиот газда на Стопанска банка преку обврзниците ама и колку пари се одлеани за изгубените судски спорови за „ризичните пласмани“ сторени пред приватизацијата. До затворање на весникот од таму не добив одговор, иако може да се вадат дека им биле малку 48 часа. Со оглед на тоа што „темата“ ќе биде и натаму отворена, барем за „Фокус“, секој одговор дури и ако е вон роковите од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ќе биде добредојден.
Сепак, на веб страницата на министерството, во извештајот за 2008 година од Секторот за управување со јавниот долг на РМ може да се најдат и податоците за долговите на државата кон Стопанска банка. Излегува, барем според нашата математика дека борчот кон грчкиот газда од буџетот изнесувал околу 180 милиони евра. Во табелата постојат две ставки кои се наменети за Стопанска банка. Обврзниците за санацијата во 1999 год. изнесувале 58,7 милиони евра, додека обврзниците за приватизација на банката како јавен долг се набележени во 2000-та во сума од 120,2 милиони евра. Од 2007-та долгот за санација е веќе нула, а лани за приватизацијата останале за наплата обврзници во вредност од 51,5 милиони евра. Инаку, според законот обврските од буџетот кон банката треба да се намират до 2015 година.
„Транспарентност“
ГЛИГОР БИШЕВ НЕДОСТАПЕН ЗА ФОКУС!
Иако во дебелото досие „Стопанска банка“ главно партиципираат домашните власти, сепак за проверка на одредени податоци беше важно да се чуе гласот и на актуелниот менаџмент на Стопанска банка. Едноставно, сакав да проверам „што е што“ во списокот до кој дојде Фокус, колку од овие „ризици“ се намирени, колку судски процеси се водени, колку пари досега преку обврзници има извлечено грчкиот газда… Но, иако оставив неколку пораки во кабинетот на генералниот директор Глигор Бишев, а еднаш дури се јавија телефонски за да објаснам кој е предметот на мојот интерес за средба, сепак и после десетина дена не добив ниту куртоазен повратен одговор. Веројатно така ја сфаќаат „транспарентноста“?! Или, тоа што имаат да го кажат, не е за јавност?!