Единствените градови во Европа кои што немаат семафори и во кои што сообраќајот се одвива со меѓусебен договор помеѓу возачите се Бохмте во Германија и Неготино во Македонија.
За случајот со Бохмте извествуваа голем број на светски медиуми, кога во 2007 година, поради зачестените сообраќајни прекршоци и незгоди, локалните власти решија да ги отстранат сите сообраќајни знаци и семафори, со цел возачите и пешаците повеќе да внимаваат во сообраќајот и да се координираат меѓусебно, но и да се избегне нервозата додека се чека зеленото светло.
Иако многумина беа скептици поради одлуката, сепак, во градот со околу 13.000 жители, одтогаш бројот на сообраќајни незгоди значително се намалил, што покажало дека возачите многу повеќе внимаваат на постапките на останатите учесници во сообраќајот во меѓусебна комуникација, отколку кога возат според пропишани правила. Според нивниот пример, и други помали градови во Европа веќе започнале да ја разгледуваат можноста за отстранување на семафорите и сообраќајните знаци.
Со Неготино, чија што популација е околу 20.000 жители, случајот е сосема поинаков. Градот ги доби првите семафори пред околу дваесетипет години, а беа поставени на главната крстосница во центарот. Несвикнати на семафорите, неготинчани често правеа ненамерни прекшоци, а кога по три години во големата поплава единствените семафори беа уништени, возачите и пешаците на некој начин здивнаа и не побараа нови. Пред шест години, на истото место повторно се поставија нови семафори, кои што предизвикаа нервоза кај учесниците во сообраќајот, но на нивна радост, и тие не траеја долго. Поради чести дефекти, сосема престанаа да функционираат, па сега и Неготино како и германскиот Бохмте, се справува без семафори, и тоа доста добро. Единствените сообраќајни незгоди и несреќи кои што се имаат случено во градот во последните неколку години, се предизвикани од пребрзо возење. Од одделението за урбанизам во Општина Неготино велат дека нема никаква иницијатива семафорите повторно да профункционираат. Според нив, на граѓаните им е добро и без светлосната сигнализација, па не планираат да им го реметат редот и стекнатите навики и повторно да ги ставаат семафорите во употреба. На неодредено време, тие остануваат да стојат само како декор во градот.