На 9ти февруари 2015 година Владата на Република Македонија поднесе до Собранието Предлог-Закон за изменување на Законот за високото образование, по скратена постапка.
Во оценката на областа што треба да се уреди со законот се вели: „…Излегувајќи во пресрет на барањата, резултат на јавните расправи, се оцени дека е потребно да се одложи примената на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование за една, односно две години и во периодот кој претстои, но што е можно пократко, да се приберат и други предлог решенија кои ќе бидат во функција на зајакнување на квалитетот на високото образование.“
И понатаму, продолжува: „…Со одложување на примената на одредбите се дава дополнителен период на универзитетите за прилагодување и ставање на сите расположливи капацитети на универзитетите во зајакнување на квалификациите на наставниот кадар, научно-истражувачката работа и како резултат на тоа и квалификациите кои ги издаваат високообразовните установи.“
Ако го ставиме настрана фактот што, во целата брзаница, Владата изуми дека се работи за пакет од пет закони и ако се задржиме само на овој закон за високо образование, ве прашувам – што читате во погоренаведените образложенија? Јас, на пример, читам дека ректорот и министерот сметаат оти неодамна усвоените измени и дополнувања на законот се одлични, ама, ете, студентите и здодевните професори им се качиле на глава, па ќе ги замајат со парцијално одложување, некој член на година дена, некој член на две години…
Исто така, читам дека и покрај се’ некои членови ќе си останат какви што се, ама може дополнително да се прифатат „и други предлог – решенија“. Хммм, кога сме веќе тука, навистина би било штета да се менува она „ремек дело“ од член 69-а, кој го дефинира државниот испит. Најдолгиот член, кој според содржината и опсежноста ќе влезе во светските учебници како врвно достигање на номотехниката. И глупоста.
Во исто време, министерот за образование излезе со мантрата дека некакви заеднички работни групи ќе усогласувале некаков (веројатно неусогласен) текст од Законот за високо образование, иако на средбата со него, премиерот и претставници од Студентскиот и Проферсорскиот пленум, јасно беше кажано дека крајната цел е – нов Закон за високо образование.
Каде живеат луѓево? Зошто постојано не се разбираме?
Дали треба со големи букви да им се напише дека БАРАМЕ НОВ ЗАКОН ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЧИЈА ИЗРАБОТКА ЌЕ БИДАТ ВКЛУЧЕНИ СИТЕ ЗАСЕГНАТИ СТРАНИ?
Накратко – ова не е тоа кое го договаравме. Ова не е тоа што го бараат студентите. Кога и јас, како просечен логичар и никаков правник, можам да ја увидам манипулацијата не можам да разберам како појаки фаци од мене не можат тоа да го разберат. Како се осмелуваат да ги потценат оние умни деца на кои се’ им е кристално јасно? Со која храброст мислат да ги насанкаат на парцијално гланцање на членови и членчиња? Со кој образ им порачуваат да баталат „кампување“ и да се нафатат со правење закон?
Со кого? Со измамници?
Министерот Адеми воопшто не крие дека нема да отстапи од црвените линии кои сам си ги зацртал – контрола на студентите и контрола на професорите. При тоа, додава дека не очекува радикални промени од иницијалниот текст на законот. Сакате да ги направиме децата негови соучесници?
Многу ми е јасно дека и на министерот, на ректорите и на некои професори, па и студенти, им одговара да се вратиме во конформизот на амфитеатрите. Некои од нив потрчаа да кажат „оп“ уште пред да се скокне, уште пред да се започне да се работи на новиот закон. Ќе повторам – нов закон никаде не се спомнува, ниту навестува.
Дозволете, јас не верувам! Студентите не веруваат!
Патем, на измамниците никој не им верува.
универзитетски професор Гордана Попсимонова