Зошто Мицкоски во биографијата не ги навел уделите во приватни компании?

Покрај работните позиции на Машинскиот факултет, премиерот навел дека работел во „Фонко“ како главен проектант, но не и дека поседувал удели во „Фонко-Хидро“ и во „Енерготек“. Според Мицкоски, тоа е резултат на фактот што не е воопшто релевантно за конкретната функција што ја извршува. Од Владата велат дека овие податоци во континуитет се непроменети, проверени, објавени и доставени до сите институции.

by Фокус

Премиерот Христијан Мицкоски, во биографијата што ја достави до Собранието во својство на мандатар, детално го навел работното искуство на Машинскиот факултет, објавените публикации, сработените проекти и добиените награди и признанија, но не навел податоци за неговото делување во бизнис секторот.

Поточно, тој напишал дека ги минал сите скалила од помлад асистент и асистент, преку доцент до вонреден и редовен професор, а го навел и работното искуство во компанијата „Фонко“ како главен и одговорен проектант на термотехнички инсталации. Меѓутоа, не напишал дека поседувал удели во други 2 компании – „Фонко Хидро“ и „Енергетотек“.

Извадок од биографијата на Мицкоски.

Премиерот Мицкоски во континуитет покажува исклучително високо ниво на транспарентност за неговото професионално искуство и активностите што ги има преземено во минатото. Едно е биографија, а друго е каде некогаш имал удел или работел.

Во биографијата што ја испрати до Собранието тој го наведува својот работен ангажман во компанијата „Фонко“, бидејќи станува збор за негова прва значајна професионална улога. Во „Фонко“ работел најпрво како инженер за климатизација, а потоа како одговорен проектант на системи за климатизација и вентилација.

Последната понуда во таа компанија е да биде директор на претставништвото на компанијата во Полска, но одлуката на Мицкоски е да се вклучи во академската средина и да биде дел од наставниот кадар на Машинскиот факултет, станувајќи асистент на проф. д-р Емилија Ветаџоковска, заминувајќи си од „Фонко“.

Додека „Фонко Хидро“ е компанијата што ја основал заедно со еден од сопствениците на „Фонко“ во 2010 година. Основна дејност на компанијата била проектирање, инженеринг и изведба на енергетски објекти. Компанијата целосно ја напушта и уделот го продава првата година откако станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Одлуката, пак, да не се спомене друга компанија („Енерготек“) е резултат на фактот што тоа не е воопшто релевантно за конкретната функција што тој ја извршува. Овие податоци во континуитет се непроменети, проверени, објавени и доставени до сите институции, кои се валидирани. Благодариме за вашиот придонес кон разјаснување и дообјаснување на фактите, кои се во полза на премиерот“, гласи одговорот што го добивме од Владата.

КОНЦЕСИЈА ЗА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

Неодамна, неделникот „Фокус“ пишуваше на кој начин „Енерготек“, каде Мицкоски беше партнер со Сашо Наумоски, Орце Тодоровски, Димитар Димовски, Трајче Николоски и Стефан Трајкоски (Мицкоски и Трајковски своевремено биле содружници и во „Фонко-Хидро“), стекнала концесија за 3 мали хидроцентрали.

Инаку, како што објавивме, „Енерготек“ формирала конзорциум со струмичката „Минка-ДА“, што всушност овозможило заедничкиот субјект „Минка-Енерготек“ да ги исполни условите од јавниот повик за концесија, особено во поглед на висината на приходите. По завршувањето на целиот процес, „Минка-ДА“ се повлекува од конзорциумот, па бизнисот му останува само на „Енерготек“.

(АРХИВА) Како Мицкоски и партнерите добија концесии за три хидроцентрали?

Две години подоцна, пак, обелоденивме како и под кои услови тогашниот опозицискиот лидер и денешен премиер излегол од сопственичката структура на компанијата. Всушност, тој го продал уделот од 7 проценти за 700 евра, а договорот за пренос на удел го склучил со Жан Чупаркоски од Прилеп.

Во договорот уште стои дека по истапувањето Мицкоски никаква права, обврски или идни побарувања од друштвото, а новиот содружник Чупаркоски ќе учествува во добивката и ќе ја покрива загубата, сразмерно од вложениот основачки влог.

Мицкоски го продал уделот во „Енерготек“ за 700 евра, поседува куќа во Влае од над 300 квадрати!

Кога станува збор за биографиите на членовите на владиниот кабинет, на тапет во јавноста беше министерката за енергетика Сања Божиновска, бидејќи не навела дека поседувала бугарско државјанство, иако сѐ уште трае постапката за отпуст. Таа се бранеше дека бугарски пасош и бил потребен за работа во ЕУ.

Во тој контекст, министерката за образование Весна Јаневска, пак, навела дека била пратеник, но не и дека била в.д. претседател на ВМРО-Народна, од чии редови беше избрана за пратеник. Во гостување на „360 Степени“, таа рече дека тоа покажува дека имала организациски способности, но сметала дека не е битно за да го наведе во биографијата.

Весна Јаневска – поранешна в.д. претседателка на ВМРО-НП и несудена ректорка на УКИМ, која ќе министерува со ресорот образование!

Влатко Стојановски

Поврзани новости