Зошто Македонија не е успешна приказна?

by Фокус

Пишува: Драган АЛЧИНОВ

Благословени сме да живееме во контекст кој ги овозможува сите услови за да бидеме успешна и напредна земја. Рака на срце, имајќи ги предвид територијата на нашата земја и бројноста на нашата популација – никогаш нема да станеме светска економска или воена сила. Но, климатските услови и опкружувањето ни дозволуваат да станеме успешна приказна (сосема поинаку ќе беше ако живеевме во некоја пустина или во регион кој е постојано во војни и нестабилност). Сепак, и покрај сите благодати што ги имаме, не можеме да речеме дека сме дел од развиените земји.

Зошто е тоа така? Што е тоа што нѐ кочи да бидеме демократска земја со цврст правен систем и со развиена економија? Зошто имаме толку големо ниво на невработеност и сиромаштија? Зошто кај нас демократијата не функционира како што треба? Зошто правниот систем е колабиран? Зошто не можеме да живееме како развиените западни земји?

Нашиот најголем проблем

Кон крајот на ноември, потпретседателот на САД Џо Бајден беше на Балканот. Неговата оценка беше дека корупцијата е канцерот на земјите од Западниот Балкан. И сосема се согласувам со него. Наш најголем проблем не се климатските непогоди или надворешните непријатели. Наш најголем и најтежок проблем е токму корупцијата.

Всушност, Извештајот на Прибе многу прецизно утврдува дека токму корупцијата е најсериозниот проблем со кој се соочува земјата! Толку е длабока и широкораспространета корупцијата во земјата што Прибе вели дека тој проблем заслужува многу внимание и целосно нов извештај! Тоа е јасен сигнал за тоа колку е лоша ситуацијата.

Корупцијата се дефинира како злоупотреба на доверената власт за лични придобивки. Да поедноставиме: тоа е појавата кога некој кој е поставен на државна функција ја злоупотребува својата позиција за да создаде придобивки за себе во смисла на пари, општествен статус или одржување на власт. И така, додека поединци добиваат- огромното мнозинство губи.

Штетите од корупцијата

Корупцијата скапо нѐ чини сите нас. Заради корупцијата ја губиме слободата, здравјето, парите и шансата за подобар живот. Високиот степен на корупција ги минимизира придобивките од демократијата и владеењето на правото, односно целосно или во голема мера истите ги оневозможува со што ги нулифицира можностите за одржлив развој.

Разјадувајќи го општеството одвнатре корупцијата нѐ ограбува од можноста за подобра сегашност и иднина. Таа удира во самите темели на општеството, онеспособувајќи го за остварување на највисоките идеали и отварајќи широк простор за создавање секаков друг вид криминал. Всушност, во најлош случај – корупцијата може да нѐ чини живот!

Корупцијата го разорува самото ткиво на општеството, создавајќи големи штети од политички и економски аспект. Во политичка смисла- во услови на висока корупција демократијата и владеењето на правото го губат својот легитимитет. Едноставно никој не верува во политичарите и институциите, затоа што сите се сметаат за корумпирани.

Корумпираноста им ја одзема легитимноста и угледот на политичарите; а политичарот без легитимитет и углед уште повеќе ќе се оддаде на криминал и корупција- зашто и онака веќе нема што да загуби. Институциите, за жал, не успеаја да се изборат за својата независност и моќ. Тие се инструмент во рацете на корумпираните политичари кои слепо ги извршуваат нивните задачи.

Со сево ова доаѓа до искривување на волјата на граѓаните и до распад на правниот систем. Тоа е спиралата на корупцијата- спирала која постојано и бескрајно се шири опфаќајќи нови и нови сфери. Корупцијата раѓа уште повеќе корупција!

Во економска смисла, пак, корумпираните функционери нѐ ограбуваат од нашите пари, но и од нашите можности да настапуваме на слободниот пазар како еднакви економски субјекти. Го крадат нашето стекнато богатство, но и од сето она за што имаме потенцијал да го создадеме во услови на слободен пазар.

Високото ниво на корупција е една од главните причини поради кои странските инвеститори ја заобиколуваат Македонија. Корумпираноста создава монополи и со тоа ја суспендира конкуренцијата- со што, пак, длабоко задира во начелото на пазарна економија. Сево ова негативно се рефлектира на економската состојба во земјата. Дефинитивно одговорот за нискиот животен стандард, ниските работнички права и невработеноста треба да се бараат во корупцијата.

 Зошто нивото на корупција во Македонија ескалира?

Ескалацијата на корупцијата во Македонија е резултат на повеќе фактори. Сепак, како најзначајни од нив би ги издвоил недостигот на политичка култура и морални вредности на страната на власта, но и на страната на граѓаните како и недостатокот на реална поделба на власта.

Од поодамна зборувам за тоа дека Македонија не се соочува само со најдлабоката политичка криза до сега, туку многу поважно: оваа политичка криза е показател за длабочината на моралната криза која владее во македонското општество. За да постои корупција и за да се одржи, мора да постојат три страни: прво, морате да имате функционери кои се желни да учествуваат во коруптивни шеми; второ, морате да имате и странка која е заинтересирана да ја „плати“ цената за злоупотребата на власта; и како трето, морате да имате народ кој е во длабока апатија и безнадежност и за кого сево ова е нормално.

Една од најлошите последици на корупцијата, особено кога е долготрајна, е што станува вообичаен начин на функционирање на нештата. Народот на почетокот можеби се бунтува и негодува против корупцијата, но по извесно време се помирува со неа, ја прифаќа и ја применува. Корупцијата станува очекувана и никого веќе не изненадува. И така корупцијата станува дел од системот.

Затоа велам дека најважен фактор е свеста кај политичарите и кај граѓаните. Сите ние треба да сфатиме дека корупцијата не е нормална појава, иако е честа. Политичарите треба да бидат свесни дека вистината порано или подоцна ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена.

Граѓаните треба да бидат свесни дека корупцијата е главен виновник за сиромаштијата и нискиот стандард, невработеноста и неслободата. Особено денес во Македонија кога како на дланка добивме јасни докази за екстремната корумпираност на највисоките ешалони на власта имаме избор или да ја санкционираме или да ја прифатиме како дел од вообичаениот модус операнди на македонското општество.

Вториот значаен фактор за високото ниво на корупција во земјата е недостигот на вистинска поделба на власта. Собранието наместо претставнички и законодавен дом стана прост верификатор на одлуките на извршната власта.

Судството не е коректив на власта, туку нејзин прислужник. Главните медиуми наместо да ја предупредуваат јавноста за грешките на власта- станаа партиски гласила на владејачката партија. Наместо да бидат кучиња-чувари на јавниот интерес, медиумите и новинарите станаа ловџиски кучиња на власта пуштени во лов на вештерки против неистомислениците, опозицијата, „соросоидите“ и „странските служби“.

Отсуството на поделба на власта и маргинализирањето на опозицијата и слободните и независни медиуми создаваат плодна почва со сите услови за развој на корупција.

Има ли решение?

На денешен ден (9-ти декември) 2003-та година беше потпишана Конвенцијата против корупција на Обединетите Нации. 140 земји го ставија својот потпис и застанаа против корупцијата. Република Македонија е една од тие 140 земји. Сепак, изгледа дека само декларативно застанавме против корупцијата зашто и после 2003-та ние останавме земја која е рај за корупцијата.

На 24-ти април 2016-та година ние граѓаните ќе имаме шанса не само декларативно, туку и вистински да станеме главни антикорупционери во земјава. Со тоа ќе придонесеме за соочување со нашиот најгорлив проблем и за конечно оздравување од канцерот кој нѐ осиромашува и нѐ ограбува, кој нѐ држи во стагнација и безнадежност, кој тивко нѐ убива.

 

Поврзани новости