Цената на електричната енергија веќе трета година по ред поскапува, што е најдобар доказ дека војната во Украина не е единствената причина.
Се погласни се тврдењата дека во изминатите две години значително се намалило домашното производство на електрична енергија, кое мора да се надополнува со скапа увезена струја, која неминовно влијае врз поскапувањето на сметките на граѓаните.
Според информациите само во периодот 2019-2021 година, значи за 2 години „Електрани на Македонија“, има произведено за еден милион мегават часови помалку електрична енергија. На светските берзи во моментот во просек, еден мегават час е 250-260 евра. Тоа значи дека Македонија за само 2 години, за увоз на електрична енергија, која можела, а не ја произвела дома, има потрошено 250 до 260 милиони евра.
-Во наредните години нè очекуваат турбулентни години во енергетиката – цените на електричната енергија ќе бидат високи, алтернативни решенија има, ама треба да се премости сегашниот период.-Нашата земја нуди многу сончеви денови и ние треба да го искористиме тоа. Сепак, мора да се вложува и во базичната енергија. Алтернативните извори даваат енергија, но таа е нестабилна – не може да очекувате во декември и во јануари кога најмногу ни е потребна струја, таа да доаѓа од сонце и од ветер. Така инвестиции како во гасната електрана во Алексанрополис е идеален проект и за нас и за целиот регион, прогнозира енергетскиот консултант Митко Андреевски кој важи за одличен познавач на сите енергенти и на состојбата со нив на национално и на глобално ниво.
Тој вели дека во наредните 4 до 5 години ќе имаме висока цена на електрична енергија и многу ќе треба да се обрне внимание на енергетска ефикасност.
-Тврдењата дека струјта поскапува бидејќи се намалило производството во земјава се делумно точни, но сепак најголемото влијание го има цената на берзите. Доколку ЕЛЕМ произведе повеќе, секако ќе ја продаваме по повисока цена, а зошто не се произвело, тоа е посложено прашање. Покрај историјата на рудниците и ископот на јаглен чии резерви се при крај, проблем е и спроведување на стратегијата за декарбонизација. Ние имаме стратегија која претходно до 2030 сега се промени и е до 2025 и ни налага согласно регулативите на ЕУ да имаме процес на исфрлање од употреба на јагленот и префрлање кон алтернативни извори на енергија, појаснува за „Фокус“ Андреевски.
Тој додава дека ние и да имаме јаглен, а го немаме секако треба да ја намалиме употребата на истиот, но поголем проблем е што не сме почнале со спроведување на алтернативното производство на струја.
-Реална причини е менталитетот, некако сме бавни во се, бидејќи земјава можеше и побрзо и подобро да се префрли на алтернативни извори на енергија, особено што зеленото сценарио го бара тоа, а ние како земја немаме ниту гас ниту нафта, можеме да произведеме само струја, додава Андреевски.
Од ЕЛЕМ за „Фокус“ потврдуваат дека попречувањата во термопроизводството на електрична енергија, пред се во РЕК Битола, се должи на повеќе причини, како што се намалување на калоричната вредност на јагленот, неповолни услови и поплави во изминатите две години, непридржување до рударските проекти во минатото итн.
-На 04.07, 17.07 и 06.08.2020 година во рудниците за ископ на јаглен Суводол и Брод Гнеотино дојде до поплави предизвикани од обилните врнежи на дожд во регионот на рудниците. Главните машини за ископ на јаглен и јаловина беа поплавени што предизвика дефекти за кои беше потребно многу време да се отстранат со набавка на резервни делови за кои е потребно да се чека на испорака и вградување. На тој начин дојде до прекин на ископите на јаглен и јаловина и дотурот на јаглен од рудниците до Термоелектраната Битола. Последиците од доцнењата во плановите за ископ на јаловина и откривање на јаглен за експлоатација се провлекуваат и во 2021 година, додаваат тие.
Од ЕЛЕМ појаснуваат дека рудникот Суводол се затвора и беше потребно да се влезе во новиот рудник Подински Јагленови Серии (ПЈС), но неговото отворање е отежнато, поради неисполнување на потребните активности во изминатите 10-ина години согласно рударските проекти кои предвидуваа работа на откривање на јаловина.
-Поради тоа рудникот е донесен во многу лоша состојба последните години (со неископани огромни количини јаловина, поставеност на транспортните системи, надвор од сите проекти и студии) со што неизбежно беше да се извршат сите дислокации на транспортните системи согласно проектите, свесно дека тоа ќе се одрази на производството на јаглен поради временскиот застој на јагленовиот систем. Во моментот се работи по проект, со тенденција да се зголемуваат резервите на ископан јаглен, а во исто време и зголемување на резервите на откриен односно експлоатабилен јаглен. Од сите преземени активности во моментов, а и во наредниот период ќе има подобри производни резултати, додаваат од ЕЛЕМ за „Фокус“.
Според информацијата енергетската моќ на јагленот кој ќе се експлоатира од ПЈС, како и слоевите на другите наоѓалишта, е многу пониска во однос на онаа од Суводол, односно со иста количина ископан јаглен сега се произведува помалку електрична енергија. Затоа се вложуваат максимални напори за зголемено ископување на што поголеми количини јаглен.
Соња Танеска