Безбедносната ситуација во Украина стана уште покритична, откако соседна Русија ја призна независноста на двата сепаратистички проруски региони, што следуваше после подолг период на психолошка војна и трупање на војници од двете страни на граничната линија.
Во рамки на овој конфликт, Македонија отворено ја поддржа позицијата на Украина, што е сосема природно со оглед на националните интереси на земјава, како и долгата историја на квалитетни односи меѓу двете држави, кои дојдоа до израз и за време на конфликтот во 2001 година, кога земјава купуваше воена опрема за македонските безбедносни сили токму од Киев.
Предводник на македонската делегација која преговараше со украинскиот политичко-воен врв околу условите за набавка на опрема беше тогашниот министер и поранешен пратеник и амбасадор Марјан Ѓорчев, кој за Фокус вели дека соработката меѓу Украина и Македонија во 2001-ва година била, на некој начин, судбински предодредена.
–Двете држави имаат невралгична геостратегиска позиција. Двете држави се буферни зони, коишто ги разграничуваат интересите на соседните земји, но и пошироко на Балканот и Европа – вели Ѓорчев.
СОРАБОТКА СО УКРАИНА, НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ НА РУСИЈА
Тој посочува дека развојот на дипломатските односи меѓу двете држави започнува со признавањето на Македонија од страна на Украина во 1993 година, а соработката на ниво на амбасади е од 1996 година, при што еден од клучните моменти во развојот на пријателските односи меѓу двете држави е економската соработка.
–Најголем дел од увозот на репроматеријалите за производство на ладно-валаните лимови на Скопска Железара беше од украинските железари. Тоа обуслови перманентни контакти на владино ниво за разрешување на платно-билансните позиции, по долговите што ги имаше Македонија кон Украина, во делот на увозот на украинските железни слабови – вели Ѓорчев.
За разлика од украинско-македонските односи, истакнува тој, Македонија не само во тој период, туку и денес, нема развиено економски односи со Русија, што, според него, веројатно се должи на распределбата на геостратегиските интереси на големите светски сили во Европа.
–Се што се случуваше во македонско-руската економска соработка, во најголем дел се одвиваше преку српски компании, коишто имаат преференции на рускиот пазар. Оттука, следи и логичниот одговор зошто Русија не беше заинтересирана за Македонија во време на воениот конфликт од 2001-та година – посочува Ѓорчев.
ПОСЕТИТЕ НА ГЕОРГИЕВСКИ И ТРАЈКОВСКИ
Тој потсетува дека во контекст на развојот на добрите односи меѓу Македонија и Украина беше и посетата на македонската влада на чело со премиерот Љубчо Георгиевски на Украина и средбата со украинскиот премиер Виктор Јушченко во 1999-та година, како и посетата на претседателот Борис Трајковски и средбата со украинскиот претседател Леонид Кучма во 2000-та година.
–Јас бев член во двете делагации како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија. Соработката на дипломатско ниво беше на високо ниво. Бидејќи нашата држава потпиша повеќе договори во делот на агрокомплексот, имав чести контакти со украинската амбасада во Скопје, со тогашниот заменик амбасадор Москаленко, кој е сегашен амбасадор на Украина во Бугарија – вели Ѓорчев.
Оттука, според него, сосема природно било во услови на постојана и интензивна соработка, Македонија за време на воениот конфликт во 2001 година да побара поддршка од Украина, што било сторено по дипломатски пат, преку нашата амбасада во Киев.
–Наш амбасадор во Киев беше Владо Блажевски. Се преговараше за купување на модерна украинска воена опрема и техника, соодветна за потребите на македонската армија во судирите со терористичките групи, коишто навлегуваа на македонска територија, од просторите на меѓународниот протекторат Косово и Албанија – вели Ѓорчев.
НАБАВКА НА ХЕЛОКОПТЕРИ, АВИОНИ, ОРУЖЈЕ…
Тој објаснува дека со издавање на банкарска гаранција од високо солвентна европска банка, Македонија набавила повеќе броја од најсовремените хеликоптери во тоа време (Ми-24,Ми-8 и Ми-16) и четири борбени авиони (Су-25), додека истовремено било договорено осовременување на тенковите Т-55, се набавил ракетниот одбранбен систем “Град”, се обезбеди достава на повеќе видови лесно-пешадиско оружје и опрема итн.
–Стануваше збор за набавка на воена опрема на борбени орудија, коишто во тоа време беа едни од најсовремните на светско рамниште. Бидејќи стануваше збор за сериозна сума на финансирање на тие борбени орудија, се пристапи кон преговори за компензирање на дел од долгот, со извоз на македонски земјоделски производи во Украина – потсетува Ѓорчев.
Сепак, тој посочува дека во тој момент односите меѓу премиерот Георгиевски и претседателот Трајковски веќе беа на ниво на меѓусебна недоверба, па во такви околности во Киев во 2001 година заминал тој заедно со Душко Кадиевски. Инаку, Трајковски му беше шеф на кабинет на Ѓорчев како градоначалник на Општина Кисела Вода, во која своевремено влегуваше и Аеродром, а Кадиевски бил негов политички сосветник.
–Јас бев водач на делегацијата за преговори со главните лица од воениот врв на Украина – генералите Кузмук и Петенко, како и со водечките фирми од украинскиот стопански и воен комплекс. За време на целата на посета, се организираше голема група на македонски менаџери од хемиско-производниот комплекс, градешништвото, винарските капацитети, производните капацитети за електро-уреди и акумулатори, капацитетите на тутунската индустрија и капацитетите за кондитерски производи – вели Ѓорчев.
КАКО ПРОПАДНА ОБИДОТ ЗА КОМПЕНЗАЦИЈА?
Тој истакнува дека за целокупниот наш потенцијален извозен аутпут, покрај индивидуалните презентации за количините и квалитетот на производите од македонските фирми, финален репрезент беше Дирекцијата за материјални резерви на Македонија, за да може со Спогодба во украинската Рада (нивното Собрание) да биде одобрена збирна квота за сите наши производи од Македонија.
–Извозник требаше да биде Дирекцијата за материјални резерви. Дирекцијата ќе ги откупеше сите производи, наменети за извоз во Украина. Увозникот од украинска страна требаше да биде фирмата „Укр-спец“, специјализирана фирма под контрола на украинскиот државен врв. На таков начин, преку двата државни субјекта, трабаше да се реализира целокупниот трговски аранжман – вели Ѓорчев.
Сепак, ваквата замислена конструкција за замена на директно плаќање во висина од околу една милијарда евра од девизните резерви на Македонија, со извоз на македонски производи, на крајот пропаднала, бидејќи, како што нагласува тој, украинската Рада не ја одобри збирната квота за македонски производи за украинскиот пазар, веројатно поради геостратегиските интереси на големите сили.
– Тоа беше доказ, како големите играчи на светската сцена, го третираат државниот суверенитет на двете земји – Украина и Македонија. Тогаш, кога тоа им е нив во интерес, се зборува за важноста на државниот суверенитет и безбедноста, како клучен фактор за одржување на мирот и стабилноста во светот. Кога се прашање интересите на големите светски сили и нивните алијанси, најеклакантен пример е Македонија – вели Ѓорчев.
После дваесет години, потенцира тој, Украина се соочува со истата парадигма во меѓународниот ред и поредок, па, според него, како буферна зона треба да процени до каде може да се повикува на својата сувереност и територијален интегритет, во услови кога интересите на две силни светски воени велесили – САД и Русија, се судираат токму на територијата на украинската држава.
Влатко Стојановски