Тројно убиство во Кавадарци е класичен пример дека системот што треба да спречи насилство, не функционира.Институциите должни да ги заштитат граѓаните целосно потфрлија, обвини денеска Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.
– Сторителот на убиството бил пријавуван неколку пати во полиција и во центрите за социјални работи! Зошто полицијата и центрите за социјална работа дозволија да бидат одземени 3 човечки животи иако биле предупредени што може да се случи?! Дали е тоа соодветно постапување? Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи да соопштат колку пати сторителот на трикратното убиство бил пријавуван за семејно насилство и малтретирање? Дали е точно дека цели две години траело малтретирањето на сега починатите и зошто тоа било дозволено од институциите? Зошто не му бил одземен пиштолот што го поседувал сторителот, иако во повеќе наварти бил пријавуван за семејно насилство? Дали попустливоста на институциите се должи на блискоста на убиецот со владејачката ВМРО-ДПМНЕ? – прашува Царовска.