Абре, Македонче: ЗОШТО И ЗА КОГО ПОСТОЈАТ ПАРТИИТЕ !?

by fokus

Предлогот новиот закон за Јавно обвинителство да го пишуваат познати универзитетски професори, демек “експерти“, меѓу кои и недвојбено партиски определени личности, помалку лични на јавно потсмевање со граѓаните и правниот поредок на државата

Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Колку што наближува времето за распуштање на Собранието и распишувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април, политичките партии во државата се` повеќе ја губат контролата врз смислата и содржината на своето постоење и политичкото делување, а тоа е на најдобар можен демократски начин да ги изразуваат и артикулираат потребите и интересите на граѓаните.

Тоа, како и што се претпоставуваше уште од самиот почеток на иницијативата за донесување на нов закон за Јавно обвинителство, најгрубо и со сите нишани на доминација на индивидуалниот и групниот (партиски) интерес се пројавува деновиве, со изнаоѓање на небулозни начини законот воопшто да не биде донесен.

Причините за таквото политички (неодговрно) однесување на политичките партии и, секако, нивните “лидери“ има многу.Но, најважни и доминантни секако се “објективните“ причини во однос на законските одредби кои најверојатно директно и грубо засечуваат во субјективните интереси на дел од актуелно влијателните актери на политичката сцена.

Во тој поглед очигледно не е искрен никој.На пример, ако претседателот на ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски искрено верува дека на овие парламентарни избори ќе освои, ако не двотретинско барем апсолутно мнозинство, тогаш би се согласил во Собранието да се изгласа овој текст на законот, а, потоа, по изборите, би си донел Закон за Јавно обвинителство според своја мерка и интереси.

Или, пак, не верува ниту во законот, ниту во победата на изборите!
Затоа и е легитимно прашањето колку треба ним да им се верува!?

ИСПРЕВРТЕНИ ЦЕЛИ И ВРЕДНОСТИ

Со истата веродостојност, прашањето се испоставува и пред лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Ако искрено и навремено ја согледал потребата од донесување на нов закон за Јавно обвинителство, тогаш зошто чекаше повеќе од две години за да го иницира неговото донесување.

Легитимно е сомневањето дека со иницирањето за донесување на закон за Јавно обвинителство се задоцни од индивидуални и групни интереси. Затоа сега кога големите играчи на меѓународната политичка сцена, особено САД и Франција, инсистираат на негово донесување од страна на овој собраниски состав, се нема каде и повторно ќе бидеме сведоци на непринципиелно и брзопотезно обезбедување на собраниско двотретинско мнозинство.

А тоа не е добро како за самиот Заев и СДСМ, и, уште повеќе, за демократските капацитети и демократскиот имиџ на Република С.Македонија како држава.

Од една страна, правиме стратешки отстапки како онаа со промената на уставното име на државата, а, од друга, се нема ниту минимален политички осет да се расчистат и правно уредат сите оние политички прашања за кои Европската унија недвосмислено ни укажува дека се од клучно значење за приемот на нејзините редови.

Очигледно е дека на нашата политичка сцена доминира испревртен системна вредности и цели во кој, намерно или ненамерно, не се препознава важното од неважното, приоритетното од помалку приоритетното, личното и партиското од заедничкото и државничкото.

Затоа и предлогот новиот закон за Јавно обвинителство да го пишуваат познати универзитетски професори, демек “експерти“, меѓу кои и недвојбено партиски определни личности, помалку лични на јавно потсмевање со граѓаните и правниот поредок на државата.

Со целиот респект кон стручните капацитети на посочените поединци, кои според лидерот на ДПНМЕ, Хритстијан Мицкоски, би биле во составот на работната група за изготвување на законот, човечки е да се разбере дека по толку експонирање и инволвирање во политиките на одделни партии никој не може (и да сака) да биде интересно и политички неутрален. Во актуелниот контекст на состојбите во државата, тоа просто е невозможно!

ТЕХНИКИ, ТАКТИКИ И ПРАКТИКИ НА ПОЛИТИЧКАТА МАНИПУЛАЦИЈА

Оттаму, и овој последен предлог за донесување на новиот закон за Јавно обвинителство, како и се` што беше поврзано со него од самиот почеток, несомнено укажува дека самиот закон само служи како еден од многуте инструменти од богатиот арсенал на политичките партии за политичка манипулација со граѓаните и правниот поредок на државата.

Во тој богат арсенал техники, тактики и практики со кои политичките партии преку најразлични облици на манипулација се обидуваат предизборно да ја вообликуваат политичката волја на граѓаните спаѓаат и најразличните социјални повластици за одделни категории граѓани, покачувањето на пензиите, грижата за здравата животна средина и уште илјадници други дребулии од кои зависи квалитетот на секојдневниот живот на граѓаните.

Партиите би имале многу повеќе доверба од страна граѓаните ако кон сите овие прашања, за кои сега така огнено се борат, се свртат веднаш по изборите, а не сега кога нивното актуализирање и реализација сосем нормално и природно се разбира како трговија со политичката волја на граѓаните или, грубо кажано, како изборен поткуп.

И тука ниту една од доминантните партии ДПНМЕ, СДСМ и ДУИ нема никакво ниту морално ниту политичко право да обвинува друга партија за нивната (зло) употреба. Сите тие, во зависност од тоа дали се на власт или се во опозиција, подеднакво и со ист интензитет ги користат сите расположливи техники, тактики и практики на политичката манипулација на граѓаните само со една единствена цел- да се освои власта. Но, токму таквата нивна природа секогаш одново и одново го поставува прашањето: зошто и за кого постојат партиите!?

 

Поврзани новости