Мицкоски: Нема да го поддржиме предложениот закон, безусловно ќе поддржиме закон за ЈО изработен од експерти

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе иницијатива за распуштање на Собранието на датумот кој беше претходно договорена, потврди лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

-Ги повикуваме сите политички партии во државата вклучително и СДСМ да се приклучат на иницијативата и да ја поддржат и на 12 февруари како што беше планирано да се распушти Собранието, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешната средба во Стопанската комора на Македонија.

Тој посочи дека некој сака да го одложи расуштањето на Собранието за да може да протурка уште неколку тендери и плаќања додека е функционална техничката Влада.

-Ним не им е битна содржината и квалитетот на предлог законот за јавно обвинителство, туку сакаат да го одложат распуштањето на Собранието, бидејќи со неговото распуштење завршуваат ингеренциите на техничката Влада. До моментот на распуштањето целта им е да се заврши уште некој тендер и да се исплати уште некоја фактура. Стоиме на ставот дека единствено повикани во оваа држава кои треба да го подготват законското решение се експертите, рече Мицкоски.

Според него, квалитетен закон за јавно обвинителство можат да направат само луѓето кои, како што рече, го посветиле животот на тоа, а тоа, додаде, се експертите кои ги предложило ВМРО-ДПМНЕ.

-Ниту јас, ниту, пак, Заев можеме да знаеме повеќе од нив. Експертите треба да состават закон кој ќе биде четиво кое ќе ги заштитува интересите на сите граѓани, а не само определена група или фамилија во оваа држава без разлика како се презива. Ги охрабрувам јавно експертите да не остават нас политичарите. Ова е моментот да се издигнеме сите над сопствениот, семејниот и партискиот интерес и да го ставиме интересот на државата пред и над се и да направиме законско решение кое ќе биде експертско, односно на оние кои се најстручни и најповикани да го изработат, а јас како претседател ветувам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи и нема да поднесе ниту еден амандман на тоа што ќе го изработат експертите, посочи Мицкоски.

Нагласи дека партијата нема да го поддржи предлогот кој е во собраниска процедура, бидејќи е се само не е таков каков што треба да биде.

-Во минатото многу пати поднесувавме амандмани, работевме на работни групи се усогласувавме, па се деусогласувавме. Имаше многу политика, многу интриги и политиканство. Нема да го поддржиме овој текст на законот, бидејќи е се само не е таков како што треба да биде. Ваков како што е не заслужува пооддршка, бидејќи не обезбедува правичност на сите граѓани и доколку биде донесен ќе биде обжален, рече Мицкоски.

Со обидите да се убедат пратениците да гласат рече дека се создава лоша пракса.

-Ако со притисок и со уцени обезбедувате мнозинство тогаш се поставува прашањето зошто гласачите да одат и да гласаат на изборите кога нивниот глас воопшто не се вреднува. Некој е избраник затоа што ја добил довербата од граѓаните, а ако видат дека центрите на моќ можат да ги натераат пратениците да гласаат, тогаш зошто би гласале граѓаните на избори. Треба да се остават пратениците самостојно и без притисоци да одлучуваат што е она што мислат дека треба да го поддржат, а што треба да се доработи, потенцира Мицкоски.

Посочи дека не држат тезите дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да го поддржи такстот на законот бидејќи сака да ги стопира предметите на СЈО што ги презеде ОЈО, бидејќи како што рече тие се веќе во процедура и се судат. Нагласи дека е симптоматично што некои судии секојдневно одржуваат рочишта, а некои предмети, како што потенцира, се враќаат напочетно судење заради истечени мандати на судии поротници, судиите забораваат под 90 дена да одржат рочишта.

Поврзани новости