Зошто граѓаните не сакаат да се вакцинираат?

by Fokus

Додека пред десетина месеци главна тема на разговор беа вакцините против Ковид 19, сега „еуфоријата“ како да спласна, а се повеќе граѓани одлучуваат да  не се вакцинираат против опасниот вирус.

Тоа го покажуваат и последните статистики на министерството за здравство, каде заклучно со 9 декември, годинава вкупно се вакцинирани  836.772 граѓани, ревакцинирани се  805.500, додека пак трета доза примиле 82.279 граѓани.

Според извештајот,  1.724.551 дози на вакцини се потрошени, меѓутоа тоа не е вкупната бројка на имунизирани граѓани.

Веќе подолг период, опфатот со две дози вакцини кај вкупното население изнесува само 39 отсто, што покажува дека е се послаба заинтересираноста на граѓаните за вакцина против смртоносниот вирус, од кој досега починаа повеќе од 7.600 пациенти.

НЕДОВЕРБА И АНТИВАКСЕРСТВО

Како главни причини зошто дел од населението не сака да се вакцинира со ниту една од вакцините против ковид 19 е тоа дека вакцините се премногу брзо развиени, не се тестирани доволно добро, а како причина се наведува и тоа што на почетокот на вакцинирањето имало несакани ефекти.

Во една од последните изјави околу делот со имунизација, се уште актуелниот министер за здравство Венко Филипче потврди дека постои се помала заинтересираност на граѓаните за вакцинирање, иако во моментот државата располага со вакцини од речиси сите производители.

Во целата оваа ковид пандемија доста придонесоа и антиваксерите.

„Фокус“ веќе објави дека социјалните мрежи вријат од коментари против ковид 19 и против вакцинирањето и тоа од лекари, кои креираат цели антиваксерски кампањи. Тоа што е најстрашно, овие лекари тераат цели пропаганди против имунизацијата и тоа во време на најстрашната пандемија во историјата на државата.

За да успеат да ги мотивираат, на една од владините седници беше донесена одлука со која матичните лекари ќе добијат еднократна парична награда и тоа 30 денари по пациент, ако успеат да ги убедат над 70 отсто од своите пациенти да се вакцинираат против ковид 19.

Оваа одлука доаѓа откако пред три недели, министерот за здравство истакна дека на тој начин ќе бидат мотивирани и матичните лекари, а од друга страна ќе им влијаат на граѓаните помасовно да се вакцинираат.

Досега во земјата се направени вкупно 1.502.730 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 219.408, бројот на оздравени пациенти е 205.946, на починати е 7.732, а бројот на активни случаи изнесува 5.730.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости