Зошто фирмa на Заеви за медицинска марихуана остана без лиценца?

Немаме потреба од овој капацитет, велат за „Фокус“ од „Фарма Медика Канабис“ на Трајче, Бобан и Катерина Заеви, откако Владата донесе одлука за укинување на согласноста.

by Фокус

Компанијата за одгледување на канабис за медицински цели „Фарма Медика Канабис“ од Валандово, во сопственост на братучеди на поранешниот премиер Зоран Заев, остана без лиценца.

На седница одржана пред десетина дена, Владата донела одлука за одземање на согласноста за издаденото одоборение за одгледување на канабис за медицински цели на оваа компанија, издадена во 2018 година.

Токму врз основа на согласноста од Владата, одобрение за одгледување на медицинска марихуана издава Министерството за здравство, кое формира комисија што оценува дали барателот ги исполнува пропишаните услови.

Во одлуката не се наведени причините за престанокот на важењето на согласноста, но, како што велат од компанијата за „Фокус“, тоа се случило на нивно барање, бидејќи немале потреба од овој капацитет.

Според официјални податоци, оваа компанија е во сопственост на Бобан Заев, Катерина Бојовиќ Заева и Трајче Заев, кои имаат релации со уште една компанија за медицинска марихуана, која пак активно функционира.

Станува збор за „МАМ Свети Николе“, која впрочем има повеќе содружници – „Еленица“, „Зора“, „Фрејзер“, „Омега Инженеринг“, „Империал Грин“ и „Ранопромет Грин“, а управител е Трајче Заев.

БЛОКИРАН ЗАКОН

Инаку, легализацијата на марихуана за медицинска употреба ја овозможи владата на Никола Груевски во 2016 година, кога преку измени на Законот за контрола на опојни дроги се регулираше и одгледувањето, преработката и прометот на препаратите на база на коноп исклучиво во медицински цели.

Според овој закон, за некоја компанија да добие лиценца претходно мора да има соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање, атмосферски заштитен и ограден простор со ограда, 24-часовен видеонадзор над целиот простор и деноноќно физичко обезбедување, минимум четворица вработени…

Откако на власт дојде СДСМ, беше предложен нов закон кој, меѓу другото, требаше да овозможи извоз на само на масло од канабис добиено по пат на естракција, туку и на сув цвет, меѓутоа предлог-законот беше блокиран од страна на ВМРО-ДПМНЕ и не е донесен до денес.

В.С.

Поврзани новости