Иако сите официјално негираат дека се водат преговори за приклучување на опозициската Алијанса за Албанците кон Владата, сепак, неофицијалните информации говорат дека сериозно се работи на проширување на парламентарното мнозинство.
Според сознанија на „Фокус“, првичните контакти во таа насока се направени од страна на Кренар Лога од Струга, кој е член на Државната изборна комисија како предлог на Алијанса, а важи за близок до поранешниот партиски лидер Зијадин Села.
Како што велат високи партиски извори, тој веќе имал одредени разговори со дел од раководството на ДУИ на чело со Али Ахмети, кој има повеќе причини зошто му е потребно засилување на мнозинството со АА.
На тој начин, истакнуваат нашите соговорници, Ахмети сака да го амортизира влијанието на пратеникот и партиски потпретседател Изет Меџити, кој е еден од фронтмените на таканаречената „огнена група“.
Како што е познато, „огнените“ успеаа да издејствуваат формирање на партиски органи во ДУИ, но се уште се „борат“ за другите цели, вклучително и за отстранување на Артан Груби од вицепремиерската и министерската позиција.
Инаку, Меџити контролира најмалку уште еден пратеник (Мерита Коџаџику), додека има и блиски релации и со Кастриот Реџепи, кој делува како независен пратеник откако беше исклучен од Беса.
Дополнително, како што дознаваме, Меџити има комуникација и со Скендер Реџепи, кој се отклони од пратеничката група на Алтернатива, што значително го факторизира во ситуација кога Владата се потпира на мнозинство од 64 пратеници.
Токму затоа, Ахмети сака со помош на осуммината пратеници на АА да го намали значењето на Меџити, кој, пак, според негови блиски соработници, целосно се спротивставува на официјалната соработка со албанската опозиција.
Исто така, одредени информации велат дека и партиското раководство на СДСМ на чело со Димитар Ковачевски гледа свој интерес во зголемувањето на мнозинството.
Од една страна, тоа ќе донесе поголема комоција, со оглед дека Диме Велковски беше дистанциран откако не гласаше за „францускиот предлог“, а некои „помали“ коалициски партнери постојано се издвојуваат со поинакви ставови за разни прашања.
Воедно, упатените наведуваат уште една причина. Имено, на Бихаќка сакаат да создадат поволен терен доколку одлучат да ги спроведат намерите за поголема владина реконструкција, што може да предизвика потреси и во пратеничката група.
Во тој контекст, се говори дека најкомпликувана е ситуацијата околу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој има влијание врз неколку пратеници, кое би било намалено со трансферот на Алијанса.
Во куса изјава, в.д. претседателот на АА Арбен Таравари, кој треба да биде избран за партиски лидер на претстојниот декемвриски конгрес, вели дека ако почнат преговори тоа јавно ќе го соопштат.
Во меѓувреме, тој порача дека партијата на своевиден внатрешен референдум треба да одлучи дали да се приклучи кон мнозинството, во период кога висат уставните промени, неопходни за отворањето на преговарачките поглавја со ЕУ.
Доколку на крајот одлучат да станат дел од Владата, партијата треба да добие 3 министерски позиции, при што се споменуваат ресорите здравство, правда и образование.
Влатко Стојановски