По единаесет месеци поминати во екстрадиционен притвор, во Нови Сад, Србија, новинарот Зоран Божиновски, од денеска повторно е на слобода.
Ова се засега неофицијалните информации кои „Фокус“ ги доби од семејството на новинарот. Како што раскажуваат неговите блиски, денес, по заседавање на советот на Апелациониот суд во Нови Сад, била усвоена жалбата на адвокатите на Божиновски, поднесена на одлуката за последниот притвор од 2 овој месец.
Нашите извори објаснуваат дека Божиновски на слобода бил пуштен околу 18.50 часот, со обврска на секои 15 дена да се јавува во тамошната полициска станица. Како гаранција дека нема да ја напушти земјата, му била одземена и патната исправа.
Како што дознаваме, екстрадиционата постапка и понатаму продолжува, како и постапката за политички азил.
Божиновски, како обвинет во случајот „Шпион“, по распишана меѓународна потерница беше уапсен минатата година, во ноември.