ЗОРА МИРЕВСКА, ЖИВОТ КАКО РОМАН: Ги изгубив ќерката и сопругот, прегратките на Теа ми се мелем на раните!

by fokus

Зора Миревска, пензионерка од Пробиштип, за „Фокус“ раскажува за одлуката да ја згрижи двегодишната Теа во рамките на владиниот проект секое дете да има свој дом. Миревска прво ја загубила ќерката во сообраќајна несреќа, а потоа и сопругот од срцев удар, додека нејзиниот син живее во Канада. Таа вели дека Теа сега е светлост во нејзиниот дом, причина за радост и мотив да се оди напред

Пишува: Вики КЛИНЧАРОВА

Не е напразно кажано дека животот пишува романи. И не секогаш од оние, идиличните приказни, туку често знае да удри со целата своја суровост и за еден миг да се сменат човечките судбини. Од мирен, среќен семеен живот, да се дојде на работ на очајот, да се остане сам во празна куќа. Една таква сурова животна приказна и била судбина на Зора Миревска од Пробиштип, која и покрај сѐ, сепак нашла светлост во деновите што доаѓаат по трагедиите што ја снашле.

Во малото место нема кој не ја знае храбрата жена. Ведра, хумана, дружељубива, таа на својот грб понела еден од најтешките товари. Ја изгубила својата ќерка Марија во цутот на младоста, на само 18 години. Десет години потоа, таа останала и без животниот сопатник, сопругот Станко, а нејзиниот син се преселил во Канада.

Сепак, Зора не дозволила да ги поминува деновите очајувајќи над лошата судбина, сама во семејната куќа за која некогаш се надевала дека ќе биде дом исполнет со џагор, смеа, весели лица. По сите несреќи, таа собрала сили да го посвети животот на хуманоста, да им помага на сограѓаните, на немоќните, а пред шест месеци својот дом го отворила за двегодишната Теа. Преку проектот на Владата „Дом за секое дете“, Зора денес е пресреќна што Теа е дел од нејзиниот живот, што ја згрижила и ѝ дала детство исполнето со љубов.

ТРАГИЧНАТА СООБРАЌАЈКА НИ ГИ ЗАПРЕ СОНИШТАТА

Пензионерката, која своевремено работела како рударски инженер во „Злетово“ за „Фокус“ раскажува дека со сопругот Станко, кој бил еден генералните директори на пробиштипскиот рудник, секогаш биле трудољубиви. И двајцата, според нејзините зборови, се грижеле за ќерката Марија и за синот Митко, се труделе да ги изведат на вистинскиот пат, да ги израснат во одговорни и чесни личности. Но, нивните соништа се распрснале на втори мај 2001 година, кога Марија загинала во сообраќајна несреќа, само една недела пред својата матура.

Тоа што го поднесе моето срце, не знам ни самата како да го објаснам. Марија загина заедно со уште две деца, во најубавите години, а се спремавме за матура. Целиот град се обвитка во црно, сите се сеќаваат на несреќата, која се случи на празникот – Втори мај. Беше прекрасна девојка, преубава, го слушаше Тоше, имаше соништа како и сите девојки на нејзина возраст… Не знам како го преживеав тој период, но уште тогаш, јас посакав да си посвоиме девојче со сопругот. Тој патуваше и престојуваше во странство поради работата, синот Митко студираше во странство… Сакав да ми биде полна куќата и покрај сѐ што се случи… Но, во тоа време, барав преку Центарот за социјални работи да посвојам девојче, едноставно не успеав. Се фрлив на работа, да не мислам на она што се случи. Во 2011 година, повторно трагедија, почина сопругот, ненадејно, од удар. Со син ми започнавме работа со фирма поврзана со рударство, имавме околу 90 вработени лица. Во работата барав утеха, но постојано ја имав таа мисла, дека сакам да згрижам девојче, да биде дел од моето семејство, да му го олеснам животот и да му дадам безрезервна љубов, раскажува Зора.

КОГА ДОЈДЕ ТЕА, МЕ ПРЕПЛАВИЈА ЕМОЦИИ

Заедно со синот, таа била дел од многу хумани акции и им помогнала на многу семејства од нивниот крај со донација на мебел и облека. Нивната фирма „Миревски“ станала спонзор на кошаркарскиот клуб од Пробиштип, донирале парични средства за поплавите во Скопје, но и за поплавите во Босна и во Србија.

Синот сега живее во Канада, дипломиран информатичар – програмер е, има свое семејство, има прекрасна ќеркичка Зои, која е на иста возраст со Теа. За да не бидам сама во голема куќа, едниот кат им го отстапив на млади девојки, волонтерки од Мировниот корпус од Америка. Сакам полна куќа, девојките ги гледав како мои деца. Со сите што престојуваа кај мене, уште сум во контакт, редовно им праќам ајвар, а кога бев кај син ми во Канада, дел од нив, заедно со своите сопрузи, дојдоа дури од Америка со автомобилите, само за да ме видат. Ни остана близината, вели Миревска.

Таа додава дека кога на телевизија слушнала за проектот на Владата преку Министерството за труд и социјална политика секое дете да има дом, веднаш се понудила како згрижувач.

Му се јавив на син ми и на шега му реков – Дома ќе имаме игротека. Ме прашува што сум наумила, и кога му кажав дека ќе згрижам двегодишно девојче, веднаш ме поддржа. Ја знаеше мојата намера уште пред многу години, ме поддржаа и моите родители, блиските пријатели. Другарките на Марија, кои сега имаат свои семејства и кои секогаш сум ги сакала како мои деца, исто така ме поддржаа. Веднаш почнаа да се јавуваат, да носат лулки, играчки… Немојте, им реков, знаете дека Теа има сѐ, но тие од почит и од љубов, сакаат да придонесат. Кога дојде Теа, ме преплавија емоции. Таа беше толку мирна, повлечена. Не бараше ништо, не плачеше. Дури и се плашеше од дневната светлина. Кога ќе ја намокреше пелената, повторно не реагираше, не плачеше како другите деца. Не беше свикната на гушкање, на милување, на внимание, не реагираше на милост… Првото утро, откако ја зедов, јас го проплакав. Плачев за неа, за тоа што животот така си поиграл со неа, а таа е едно дете на кое му треба љубов – емотивно раскажува Зора.

Таа вели дека за овие шест месеци, Теа е сосема друго дете. Многу се приврзале, го прилагодила нејзиниот живот според потребите на девојчето, а Теа, како што вели, секогаш била ставена на прво место. Сега веќе и гушкањето станало нешто најнормално, стекнала доверба, ги засакала родителите и пријателите на Зора.

Кога ја земам од градинка, сака првин да одиме кај моите родители. Тие ја обожуваат. Опсипана е со многу љубов, внимание. Ја сакаат и моите пријателки, кај нас постојано има луѓе, сите сме околу неа. Имам пространа куќа, убав двор со трева, летниковец, лулашки… Секој ден купувам по нешто ново, кофички, лопатки, базен, кукли, не сакам ништо да ѝ фали.

Ме вика баба, бидејќи е јасно дека јас не можам да и бидам мајка. Благодарна сум што е дел од мојот живот, дел од моето семејство. Сепак, морам да кажам дека промени во законите, во врска со згрижувачките семејства мора да има. Теа сега е со мене. Доколку некое семејство ја посвои, таа нема да биде повеќе со мене и тоа знам дека ќе ѝ биде голема траума. Според мене, најдобро би било, ако еве јас, на пример, не можам да ја посвојам, да можам да и бидам старател, да се грижам за неа. Да се понуди опција згрижувачот да биде старател. Не е добро за децата да менуваат семејства, тоа им остава траги во животот – појаснува Мировска.

 И ТЕА И МАРИЈА ИМААТ МЕСТО ВО МОЕТО СРЦЕ

Таа додава дека како згрижувач месечно добивала околу 8.600 денари за Теа. На тие пари секој месец ја додавала сумата од 1.400 денари, па вкупно 10.000 денари редовно уплатувала на штедна книшка на девојчето, бидејќи сакала во иднина Теа да има своја заштеда.

Парите никогаш не биле, ниту, пак, ќе бидат некаков мотив. Имам доволно средства, па затоа ѝ отворив на Теа штедна книшка. Кога во наш, регионален портал се објави веста дека сум згрижила девојче на мои 59 години, имаше убави коментари од јавноста, но и коментари од луѓе кои не ме познаваат, кои беа навредливи. Јас не ја зедов Теа за таа да ми ја замени Марија, местото на Марија секогаш ќе си биде нејзино место и ќе си стои, Теа си има свое место во моето срце. Таа е дел од мојата фамилија, тоа се нешта кои не можат да се објаснат и тука никакви пари немаат врска со емоциите, вели Зора.

Таа со љубов и тага се присетува на ќерката Марија, со гордост раскажува за синот и неговото семејство, раскажува за сестрата, која ѝ починала на раце од рак на дојка, за сите загуби со кои се соочила во животот. Вели дека Теа е светлина во нејзиниот дом, причина за радост, мотив да се оди напред.

– Не сакам публицитет, приказната ја споделив со јавноста во надеж дека некому ќе му бидам инспирација, дека човекот е посилен од сѐ, мора да се издржат тешките периоди, да се најде радост во новите утра. Теа е мојата радост и нејзините прегратки се мелем за моите рани, порача храбрата и хумана жена.

Поврзани новости