ЗОО Скопје станува симбол за хуманост

by Fokus

Зоолошката градина Скопје станува место од кое ќе се шири хуманоста и пораката за сплотеност и пружање рака на оние кои се нашле во незавидна состојба.

Во изминатиот период се одржале повеќе хуманитарни настани, со цел да се помогне на лица на кои им треба лекување, на социјално загрозени семејства, на деца со посебни потреби.

Веќе неколку дена во ЗОО Скопје стојат кутии за донации за лекување на 30-годишниот Тоше Илиевски, кому му се потребни 35.000 евра за третман на клиника во Турција. Тој боледува од канцер на лимфните јазли, а кутиите во кои посетителите на зоолошката може да донираат се наоѓаат пред билетарата и внатре, во градината.

Тина Мицковска, ПР на ЗОО Скопје и активист за правата на животните, за ,,Фокус” вели дека вработените на чело со директорот Ѓорѓи Галетановски се договориле да излезат во пресрет секаде каде што е можно.

-Зоолошка постојано е отворена кога треба некаде помош. Со директорот Ѓорѓи Галетановски се договоривме да излеземе во пресрет секаде каде што има потреба од помош. Дониравме 100.000 денари за малата Сара од Охрид, имавме кутии за донации за уште еден дечко повреден во сообраќајна несреќа. Со здруженијата за заштита на животните направивме ЗОО базар каде што собиравме пари за бездомните животни и по успешниот настан заедно се согласивме ова да прерасне во традиција, еднаш месечно. Покрај тоа, постојано организираме едукативни тури и работилници за деца во социјален ризик, деца со посебни потреби… Соработуваме со Сос детско село, проект Среќа, домовите за деца без родители и Министерство за социјала и труд – ни изјави Мицковска.

Посетителите на зоолошката на социјалните мрежи ги поздравија хуманитарните иницијативи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости