Од Здружението на новинарите вечерва излегоа со соопштение во кое тврдат дека се шокирани од спроведувањето во затвор по итна постапка на колегата Томислав Кежаровски по одлуката на Апелацискиот суд во случајот „Ликвидација“.
– Ова е брутален чин на демонстрација на сила откако новинарската заедница во Македонија едногласно ја отфрли казната затвор од две години за Кежаровски како неприфатлива и побара негово ослободување. Ваквото однесување само потврдува дека одлуката е политичка, а не судска. Правда во Македонија делат партиите на власт, а не судовите – информираа од ЗНМ.
Тие го повикаа итно министерот за правда Аднан Јашари да покрене иницијатива за ослободување на новинарот Кежаровски, а претседателот Ѓорге Иванов веднаш да ја прифати.
– Уште еднаш ја повикуваме целата демократска јавност да ни се приклучи на закажаниот протест во вторник во 12 часот против насилието врз слободата на говорот во Македонија. Во време кога цела Европа маршира во одбрана на слободата на говорот во Македонија се затвораат новинари. Сите сме Кежаровски! Бидете и вие Кежаровски! Да маршираме заедно за слободата – повикаа од ЗНМ.