Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на навредите кон новинарот Сунаи Сабриоски во колумната на Љубомир Костовски објавена на порталот „Цивил медија“ под наслов „Медиумите на кратко јаже со центарот на лагите”. Од таму ги осудуваат навреди на лична основа, а во врска со изглед и стилот на облекување на новинарот на „ТВ24“. На овој начин, велат, во колумната се прави обид за негова и за дискредитација на медиумот во кој тој работи.
„Укажуваме дека слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањата на овие слободи вклучуваат обврски и одговорности. Неспорно е правото на јавна критика, но критикувањето на физички изглед или стил е крајно омаловажувачко и непристојно. Освен ова, Костовски во својата објава додава: „Другите телевизии даваа граѓани кои едноставно оделе во Тинекс и други шопинг центри каде цените – јасно кажаа – се замрзнати. Е, тоа е разликата која чисто покажува дека ТВ 24 е најизразениот идеолошки јаничар на овдешната ТВ сцена“.
Објавување на ваков тип на содржина за колегата Сабриоски, но и користење на ваков вокабулар кон кој било медиум, може да поттикне говор на омраза од страна на трети лица. Омразата директно може да ја загрози безбедноста на новинарите и останати поединци со што кривична одговорност освен сторителите, имаат и оние кои ги поттикнале делата од омраза.
Уредничкиот тим на овој медиум не смее да се затскрива зад правото на став и колумна на своите соработници и тие имаат обврска да укажат кога со одредени написи може да се загрозат туѓи права, како што се во случајов правата на колегата Сабриоски, но и правата на потенцијално други медиумски работници од оваа телевизија.
Оттука, го повикуваме авторот на текстот Љубомир Костовски и уредникот на онлајн медиумот „Цивил медија“ јавно да му се извинат на колегата од „ТВ24“ Сунаи Сабриоски“, се вели во реакцијата од Здружението на новинарите.