ЗНМ: Владините кампањи се политичка пропаганда!

by Фокус

Владата ни ги потврди сите наши сомневања дека владините кампањи немаат никаква врска со јавниот интерес, туку се чиста политичка пропаганда на Владата платена со парите од граѓаните, реагираше денеска Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

– Добро е што Владата, после пет години од воведување на практиката на кампањи во медиумите, ги објави износите што ги трошела за оваа намена во изминатите две и пол години. Извештајот кој е неодамна објавен на веб страната на Владата се однесува за владините кампањи спроведени во 2012, 2013 и првите шест месеци од 2014 година. Во овој период Владата водела вкупно 27 медиумски кампањи, за кои потрошила околу 18 милиони евра. Од податоците на извештајот се гледа дека постои тренд на зголемување на средствата што Владата ги трошела за оваа намена. Ако во 2012 година за кампањи се потрошени 6. 6 милиони евра, само во првите шест месеци од 2014 се потрошени скоро 4 милиони евра. Владата тврди дека кампањите се реализираат со цел да ги информира граѓаните со важноста и значењето на конкретните политики и мерки. Ова значи дека Владата преку кампањите и со парите на граѓаните ја полни главата на јавноста дека води успешна политика на реформи без разлика дали тие навистина можат да се сметаат како такви – велат од новинарската асоцијација.

Оттаму даваат пример дека Владата водела три кампањи за реформите во судството од кои се овозможувале правата на граѓаните.

– Покрај позитивната слика што Владата сакала да ја создаде во јавноста за спроведените судски реформи, Европската комисија во годишниот извештај за напредокот на Македонија во 2013 година пишува дека во земјата има селективна правда, а во Извештајот на Американската администрација стои дека во Македонија има политички затвореници. Се поставува прашањето, на кого треба да веруваме, на владините кампањи дека судските реформи се успешни или на ЕК која крајно негативно ја оценува успешноста на реформите – прашува ЗНМ

НЕМА КРИТЕРИМИ ЗА ПОДЕЛБА НА РЕКЛАМИТЕ

Според здружнието Владата свесно ја убива смислата за јавна дебата, со цел нејзината вистина да доминира во медиумскиот простор и да го маргинализира секое критично размислување во медиумите и јавноста.

– При распределба на кампањите нема јасни критериуми, а и тој што постои е прекршен. Во извештајот се вели дека еден од критериумите за дистрибуција на кампањите е гледаноста и рејтингот на медиумите. Според Анализата на пазарот на радиодифузната дејност за 2013 година од Агенцијата за аудио и аудиовиозуелни медиумски услуги, ТВ Сител има 28. 6 отсто учество во вкупната гледаност, а во истата година има добиено 791 објави од спотовите на владините кампањи. Од друга страна Телевизијата Алфа, која истата година имала учество од 3.2 отсто од вкупната гледаност, има добиено 5295 објави од кампањите. Од овие податоци јасно се гледа дека има огромен дисбаланс меѓу гледаноста на телевизијата и добиените објави од кампањите – информира ЗНМ.

Анализата на асоцијацијата покажува дека Владата во 2013 година, според истата податоците на Агенцијата за медиуми, е втор од 50-те најзначајните рекламери во националните медиуми.

– Меѓутоа, Владата со 7.2 милиони евра, има речиси ист број на емитувани спотови колку што заедно имаат првиот, третиот и четвртиот од најзначајните огласувачи во медиумите. Тоа значи дека Владата со овие пари има закупено ист простор во медиумите, колку што имаат заедно Проктер &Гембел, Кока Кола и Оне. Од овие податоци се гледа дека трговските односи меѓу Владата и електронските медиуми не се базирани на економска логика, која важи за другите купувачи на рекламен простор. Ако се знае дека дистрибуцијата на кампањите оди преку приватни маркетинг агенции, прашањето е како овие агенции успеале да обезбедат толку ниски цени за огласување за владините кампањи и зашто медиумите ја прифаќаат оваа неекономска логика на пазарот – прашува ЗНМ.

ВЛАДИМИТЕ КАМПАЊИ ДА СЕ РЕГУЛИРААТ СО ЗАКОН

Со спуштање на цените на рекламите ние сметаме дека Владата учествува во нарушувањето на медиумскиот пазар и негативно влијае на економското работење на медиумите.

– Кога овие кампањи би се платиле со пазарни цени, износот на пари за закупениот простор за владини кампањи би бил тројно поголем. Од оваа анализа останува сомнежот дека кампањите имаат за цел да влијаат на уредувачката политика на медиумите. Самиот факт дека се дадени само бројот на емитувањата на кампањите во медиумите, но не и износот на сумите кои се исплатени, покажува дека Владата сака да го сокрие податокот колку пари давала на секој од електронските медиуми одделно на национално, регионално и локално ниво. Заради сите горенаведените причини, ЗНМ смета дека Владата треба веднаш да прекине со објавување на владините кампањи во приватните медиумите затоа што тие не се од јавен интерес. ЗНМ се сомневаме дека Владата преку кампањите влијае на уредувачката политиката на медиумите а со тоа и на јавното мислење. Спорно е што нема јасни критериуми за распределбата на владините кампањи. ЗНМ бара владините кампањи да се регулираат со посебен закон во кој јасно ќе се дефинира јавниот интерес на кампањите, процесот на огласување да биде транспарентен и да има критериуми за нивната распределба – коменитраат од здружението.

Поврзани новости