Здружението на новинарите на Македонија и се заблагодарува на американската администрација за објективниот извештај со слободата на говорот во Македонија, во кој се констатира дека овие слободи се загрозени поради постојаниот притисок на владата врз медиумите.
-Вашингтон ги препознава изворите на кризата во македонските медиуми како што е појавата на неказнивост на насилството врз новинарите и злоупотребата на јавни пари од владата за контрола на медиумите, велат од ЗНМ.
Во извештајот Американците зборуваат за зачестените инциденти – од физички напади до смртни закани против новинарите, во кои се вклучени и носители на јавни функции. Од ЗНМ велат дека загрижува фактот што ниту еден од овие напади не е расветлен досега од институциите.
Посебно внимание во Извештајот се посветува на злоупотребата на јавните пари од владата со цел да се замолчат и инструментализираат медиумите. И покрај мораториумот на владините кампањи во 2015 година, во Извештајот се наведува дека таа мерка не ги опфатила сите јавни и приватни институции поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
За Македонска радио телевизија, се потенцира дека се злоупотребува за промоција на владејачката партија, како дел од координираната уредувачка политика со уште три најгледани приватни телевизии.
Важно место во Извештајот има и системската хајка против новинари од власта, преку тужби за клевета и лустрација. Овој вид на притисок се илустрира со случајот со лустрирањето на главниот уредник на Фокус, Јадранка Костова и тужбата за клевета од ДУИ против главниот уредник на весникот Лајм, Исен Салиу.