За Здружението на новинари (ЗНМ) е неприфатлив предлогот на СДСМ, поднесен во Собранието, за измени во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги со кои се предлага укинување на радиодифузната такса и МРТ да се финансира со 0,5 отсто од буџетот. Според ЗНМ, предлогот е поднесен во погрешно време, сметката на МРТ е блокирана и Владата преку УЈП, го уценува јавниот сервис.
За ЗНМ е неприфатливо да се напуштат преговорите каде одлуките се донесуваат со консензус и нема гаранција дека овој предлог на СДСМ ќе биде изгласан во Собранието, освен ако политичките партии од власта и опозицијата немаат таен договор за префрлување на преговорите за медиумите од Клубот на пратеници во Собранието.
– За нас е несфатливо дека СДСМ е таа што ќе сака дебатата за реформите во медиумите, од Клубот на пратеници да се префрли во Собрание, не дека тоа не е место каде треба да се разговара за овие прашања, но проблемот, очигледно, е начинот на гласање, бидејќи ако се напушта системот на консензус, тогаш СДСМ нема мнозинство во Собрание и за нас е несфатливо зошто токму сега доаѓа овој предлог од СДСМ, освен ако немаат намера да ќарат политички поени пред изборите, рече Насер Селмани претседател на ЗНМ.
Според ЗНМ на овој начин се пропушта шансата за сеопфатен договор за медиумите, што е еден од условите на Брисел за реформи во Македонија.
– Со ваквиот предлог се напушта Договорот од Пржино. Парцијалниот предлог на СДСМ е во спротивност со предлогот на европскиот посредник Питер Ванхауте и со тоа е на добар пат да ја прокоцка оваа неповторлива можност за да се направат сериозни реформи во медиумите. Со тоа и медиумите и новинарите ќе бидат поминати жедни преку вода – рече Селмани.