ЗНМ реагира: Судијката оценила дека новинарите на ИРЛ не се новинари и можат да се соочат со забрана

by Фокус

Здружението на новинарите на Македонија денеска реагира на објавеното писмено образложение на пресудата на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“.

Според ЗНМ, пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ беше објавена на 24 октомври, а денеска стасало писменото образложение во кое се користат низа проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.

„Судијата Панева во образложението од пресудата 8П5-33/23, го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум, односно ИРЛ не е здружение за ’новинарски известувања’. ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“, стои во соопштението на ЗНМ.

Освен ова, како што пишува ЗНМ, за Сашка Цветковска, која е наградуван новинар во дејноста за истражувачко новинарство, судијата Панева вели дека „таа во здружението (ИРЛ), нема својство на новинар, па не може да се претставува во емисиите, кои таму се снимаат, ниту како уредник ниту како новинар бидејќи таквите емисии не се сметаат како новинарски продукт“.

„Во таа смисла, судот наоѓа дека на колешката Цветковска „кажувањата се ирелевантни“ зошто ИРЛ како организација не смеела воопшто јавно да го објави истражувањето. Оваа пресуда го спори фактот дека граѓански здруженија смеат и можат да бидат медиуми во Македонија, па дека дури не треба ниту да постојат. Во образложението има поука дека Министерството за правда може на ИРЛ да изрече и забрана за работа“, велат од ЗНМ.

Ова, според ЗНМ, е опасен судски преседан кои штети на независноста на медиумите и истиот е во колизија со Советот на Европа.

Поврзани новости