Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува етикетирањето на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети кон новинарот на онлајн медиумот „In7.tv”, Албрим Хоџа. По вчерашната лидерска средба, Ахмети даде изјава за медиумите и по новинарското прашање на Хоџа, тој го обвини новинарот дека бил „зачинет”.
„Сметаме дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што на кој било начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности. Таквите изјави може да стимулираат напади и закани врз новинарите од страна на партиските припадници, а тоа со себе може да повлече многу негативни последици. Впрочем, на оваа изјава на Ахмети кон истиот новинар неодамна му претходеше повикување на информативен разговор во полициска станица во Струга каде бил распрашуван за неговите извори на информации што претставува обид за заплашување“, наведува ЗНМ во денешното соопштение.