Здружението на новинарите на Македонија е сериозно загрижено што зачестуваат инцидентите кога полицaјците ги попречуваат новинарите во нивната работа, алармира денеска ЗНМ.
– Таков инцидент се случи на 25 август кога полицаец принудно му го прегледал мобилниот телефон на новинарот на Нова ТВ, Дехран Муратов, додека го следел протестот на отпуштените работници од Царинската управа. Ваквата постапка на полицијата е обид за цензура, со кое се гази слободата на медиумите загарантирано со Уставот. Ова не е прв инцидент во кој полицијата ја попречува работата на новинарите, а раководството на МВР не успева да ги открие и санкционира ваквите незаконски постапки, со објаснување дека нема докази или дека не може да се утврдат наводите од новинарските поплаки – коментираат од здружението.
Повторувањето на вакви слични настани и неказнување на сторителите, смета ЗНМ, создава впечаток во јавноста дека тие не се изолирани инциденти поради нестручност на полициските службеници, туку дека станува збор за оркестрирана акција за вршење притисок врз новинарите.
– Македонската јавност треба да знае врз основа на кој закон полицијата им брише снимки и слики на новинарите и им ги прегледува нивните мобилни телефони? Ја повикуваме министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска да покаже политичка волја и лично да се заложи да се идентификуваат и казнат припадниците на МВР, кои во изминатиот период на новинарите неовластено им бришеа снимки и фотографии бара новинарската асоцијација – бара новинарската асоцијација.
ЗНМ апелира медиумите да им обезбедат легитимации на новинарите кога ги упатуваат на работна задача, а новинарите треба да знаат дека никој не смее да им одземе предмети без наредба од суд.