Здружението на новинари на Македонија денеска соопшти дека бара одговорност за спречувањето на екипа на ТВ Алфа на 2. Август да известува од Мечкин Камен.
-Новинарските екипи имаат право и обврска да информираат од настани кои се од јавен интерес, а не да се попречуваат во вршење на нивната работа. За ЗНМ е недозволиво владини служби да спречуваат новинари професионално да ја вршат работат, посебно кога се работи за настани од отворен карактер. Бараме одговорност за ваквото однесување и во иднина да се воздржат од вакви постапки со една цел, а тоа е правото на информација на граѓаните да не биде повредено, соопштија од ЗНМ.
Во соопштението тие посочуваат дека за време на одбележувањето на празникот Илинден на 2. август на Мечкин Камен во Крушево, според информациите на ТВ Алфа, нивната екипа првично била спречена да го проследи настанот со објаснување дека не е акредитирана за истиот. По повеќе од еден час објаснување со владините служби, им било дозволено да го проследат настанот.