Чаршијата на татко ти

by Fokus 14:45
14:45

Чаршијата на татковците е дамно минато време, денес владеат исфрустрирани и искомплексирани креатури без било каква вредност, а нивната “чаршија” го носи нивниот белег-безвредноста

Звонко ДАВИДОВИЌ

Чаршија, дел од градот во кој се сместени трговски, занаетчиски и услужни објекти и дуќани, е најкратката можна дефиниција за нешто што оставило печат на начинот на живеење и однесување во минатото.

Во минатото, кога средствата за комуникација биле ограничени и лимитирани поради технолошкиот развој, чаршијата била извор на информации и креатор на јавното мислење со свои правила и норми.

Чаршиските луѓе кои работеле таму учествувале во оформувањето на јавното мислење со ставови и обрасци различни од официјалното мислење.

Чаршијата секогаш била будна, сè минувало низ нејзините очи и уши. Но, чаршијата била и место, средина на озборување, ширење гласови, муабети. Чаршијата секогаш предела свои приказни и озборувања, тивко шепотејќи создавала митови и легенди.

НЕГРИЖАТА НА МОДЕРНИТЕ ТАТКОВЦИ

Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век. Во време на отоманското владеење со Скопје, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот, во кој се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови и други турски споменици.

Чаршијата претрпела големи штети со земјотресите од 1555 и 1963 година, горела во пожарот во 1689 година, како и во двете светски војни, по што неколкупати била обновувана.

И покрај претрпените штети, негрижата на модерните татковци за истата, забот на времето и индолентноста на луѓето, чаршијата претставува единствен споменик на културата во Македонија, во кој се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации кои учествувале во нејзиното создавање.

Во чаршијата работеле и имале свои дуќани луѓе кои воделе грижа за местото во кое работат, создавале вредност конкурентна на пазарот, производи со кои се тргувало и во Солун и во Стамбол, во Белград и во Виена, создавале ракотворби, производи во кои биле вткаени македонската култура и традицијата.

ИЗМАМИ И ДАЛАВЕРИ

Во чаршијата владееле солидарноста, грижа за соседот, почит кон човекот и кон занаетот и работата воопшто. Таквите луѓе кои создавале вредност на пазaрoт и го одржувале градот во живот имале и морално и човечко право да создаваат и морални вредности и норми. Пред се истите ги применувале на себе, па дури тогаш кон другите.

Чаршијата во Скопје, дефинирана како место во кое се негува еснафот, се произведува и се создава, не постои веќе неколку децении. Ретко може во Скопје, не само во Старата Турска чаршија, да се види и најде некој нешто да произведува или создава.

Главно се тоа трговски дуќани во кои се помалку има македонски производи, а се повеќе готова стока, увезена, со сомнителен квалитет и потекло. Не е сменет само еснафскиот дел на “чаршијата”, сменет е и менталниот и моралниот дел на истата.

Денес во неа владеат и битиствуваат скороевиќи и транзициски профитери, партиски апаши, безработници и безрбетници, со исклучок на поединци кои се маргинализирани и етикетирани.

Извор на нивните приходи е државната каса, џебот на тато тајкун, партиската каса, наместен тендер или измама и далавера. “Чаршијата‹ веќе не произведува вредности, таа безделничи и е паразит, а во  “чаршијата” се вбројуваат и луѓе кои тоа не се и никогаш и не биле.

СИТНИ ПРЕВАРАНТИ И КРУПНИ ИДИОТИ

Денес за дел од “чаршијата” се сметаат татини и мамини синови кои спијат до пладне и седат по кафиќи, не работат ништо, а возат коли во вредност на еден стан, партиски апаратџици кои цицаат од државните јасли, фејсбук ботови кои мислат само со главата на пастирот кој ги предводи, ситни преваранти и крупни идиоти.

Често пати се спомнува, во расправиите на социјалните мрежи, “чаршијата” и нејзиното значење и улога некогаш, повикувајќи се на своите татковци.

Но, таа чаршија повеќе не постои со сите свои вредности и доблести, мани и недостатоци, а не постои не затоа што ги нема објектите, туку затоа што го снема умот кои тогашните луѓе го имале, ги снема моралните и човечките вредности по кои прво тие живееле, па ги барале од другите.

Денешната “чаршија”, за која некои имаат илузија дека постои, а која во денешно време се вика “јавно мислење”, ниту е иста онаа од времето на дедовците и татковците, ниту денешните фејсбук идиоти, партиски ботови, самонаречени инфлуенсери, морални креатури и ситни души, кои никогаш ништо не создале, можат да се споредат со некогашната чаршија и нејзините вредности.

Чаршијата на татковците е дамно минато време, денес владеат исфрустрирани и искомплексирани креатури без било каква вредност, а нивната “чаршија” го носи нивниот белег-безвредноста.

 

Поврзани новости