ЗНМ: Обвинителството да го повлече обвинението за Кежаровски!

by fokus

Откако неодамна Врховниот суд ги укина пресудите на Кривичниот и Апелациониот суд за случајот „Ликвидација“, а во кој беше осуден и новинарот Томислав Кежаровски, од Здружението на новинари (ЗНМ) излегоа со конкретни барања до судот и обвинителството.

-Ја разгледавме одлуката на Врховниот суд и докрај ќе инсистираме на правичност. Бараме од Јавното обвинителство да го ослободи од обвинение колегата Кежаровски односно да го повлече обвинението, со што ќе докаже дека е непристрасно и независно. Ќе стоиме зад колегата се додека не биде задоволена правдата. Доколку обвинителството не го повлече обвинението, бараме од Кривичниот суд да го отфрли обвинението, со што ќе докаже дека слободата на говорот е загарантирана, рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Чадиковски додаде дека поради случајот со Кежаровски, Македонија беше земја со осуден новинар на казна затвор.

-Поради овој случај Македонија беше рангирана како неслободна земја во сите извештаи. Со страдањето на Кежаровски, страдаше и имиџот на земјава. Ова е шанса да се докаже дека новинарите ќе можат слободно да работат. Слобода за Кежаровски, дециден беше Чадиковски, кој дополни дека Кежаровски не открил идентитет на загрозен сведок, туку подоцна се докажа дека сведокот бил лажен.

Кежаровски изрази благодарност за досегашната поддршка што ја добивал од ЗНМ, од почнувањето на процесот па до денес.

-Со адвокатот Филип Медарски очекуваме во овој случај фер судење на кое ќе можеме докрај да ги истакнеме сите наши докази дека за тоа не го сторив делото за кое бев обвинет и осуден, посочи Кежаровски.

Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот суд Скопје 1 и на Апелација за случајот „Ликвидација“ и предметот го врати на повторно судење.

Кежаровски во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, со што според судот му го загрозил животот. Тој од Кривичниот суд беше осуден на казна затвор од 4 години и шест месеци, а потоа Апелација му ја намали казната на две години.

Кежаровски помина пет месеци во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, а опотоа беше во домашен притвор.

Во овој случај осудени на правосилни казни беа и обвинетите:

  •  Иле Танев,  единствена казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци.
  •  Валентин Зафиров, казна затвор од 2 години и 6 месеци.
  •  Ивица Ефремов, единствена казна затвор од 3 години.
  •  Борис Николовски, условна казна од 1 година затвор, која нема да се изврши доколку тој во следните 3 години не стори ново кривично дело.
  •  Сашо Лазаревски, условна казна од 1 година затвор која нема да се изврши доколку тој во следните 3 години не стори ново кривично дело.

Валентина Вурмо

Поврзани новости