Од Здружението на новинари со жалење констатираат дека одговорите што ги добиле од ЕУ и САД, а во врска со шпекулациите во јавноста дека меѓународната заедница ги жртвува медиумските реформи заради одлагање на датумот на изборите не биле јасни во целост.
– Останува неодговорено прашањето дали до петти јуни ќе има медиумски реформи за да се подобри известувањето на медиумите за време на изборната кампања и да се обезбеди еднакво медиумско покривање на сите партии. Нема дилема дека најголемата одговорност за отсуството на реформи во медиумите паѓа врз македонските партии потписници на договорот од Пржино, меѓутоа, исто така, и ЕУ и САД, како гарантори имаат важна улога за целосното спроведување на договорот – се наведува во соопштението од Здружението на новинарите.
ЗНМ ја поздравува заложбата на Европската Унија и на Соединетите американски држави, како олеснувачи во постигнувањето на договорот од Пржино и како гарантори на неговото спроведување, да продолжат да разговараат со политичките партии за реформи во медиумите, како еден од важните предуслови за одржување на фер и кредибилни избори.
ЗНМ во соопштението ги поздравува и изјавите на Еврокомесарот Хан и Европратеникот Ховит кои бараат да се случат медиумските реформи пред предвремените парламентарни избори. Според ЗНМ ги смета за објективни оценките на ЕУ и САД за слободата на медиумите во Македонија и очекува од Вашингтон и Брисел да инсистираат како и досега до македонската влада да обезбеди поволни услови за слободни и професионални медиуми.
– Новинарите и медиумите со формирањето на Советот на етика, во кое ЗНМ одигра клучна улога, демонстрираа зрелост да се соочат со нивната одговорност за поголема примена на професионалните стандарди. Но, ние никогаш немавме илузија дека саморегулацијата може да ги даде очекуваните резултати ако таква одговорност не покаже и владата, која треба да престане да се меша во работата на медиумите. Саморегулацијата не може да го реши насилството против новинарите, прислушувањето на новинарите, поткупувањето на медиумите со владини пропагандни кампањи и политизацијата и партизацијата на медиумскиот регулатор и на јавниот радиодифузен сервис, МРТ. За тоа се потребни сериозни реформи, кои ќе ги ослободат медиумите од притисокот на политиката и бизнисот – се вели во соопштението од ЗНМ.
Од ЗНМ велат дека за најновата состојба информирана е Високата претставничка на ОБСЕ за слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ, а во наредните денови ќе испратиме писмо и до Комесарот Јоханес Хан, до сите амбасади на земјите членки на ЕУ во Скопје како и до aмериканскиот Стејт департмenт, во кое ќе бараме договорот од Пржино да се спроведе целосно пред изборите