Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува, како што велат, бруталната манипулација на јавниот сервис Македонската радио-телевизија за дневно партиско-политички потреби. Оттаму појаснуваат дека МРТ се финансира од радиодифузна такса на граѓаните, па затоа и треба да служи на јавниот интерес.
„Дебатната емисија емитувана во живо во недела во 20 часот водена од одговорниот уредник Горан Петревски, каде тема на разговор беше аферата „Пуч“, е типичен пример на непрофесионално и неетично однесување на еден новинар, кој работи во јавен радиодифузен сервис. Место дебатата да послужи како можност јавноста да добие дополнителни информации и анализи за оваа актуелна тема, разговорот се претвори во едногласно навивање за партијата на власт. Со ваквата емисија, уредникот Петревски ги прекрши основните стандарди и начела предвидени во членот 111 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за новинарите и уредниците на МРТ“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Оттаму додаваат дека преку селекцијата на гостите уредникот Петревски го прекршил законското начело на непристрасност и сеопфатност на информациите како и начелото за политичка избалансираност и плурализам на гледишта.
„Со начинот на водење на емисијата тој го прекрши и начелото да не застапува и фаворизира ставови и интереси на одредена политичка партија. Дополнителен сомнеж за целта на емисијата поттикнува и фактот што емисијата не беше предвидена во програмската шема на МРТ, според која во тоа време било предвидено да се емитува спорт, метео и игран филм. ЗНМ ја повикува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која е надлежна за спроведување на законот, да реагира и да не дозволи ваква брутална злоупотреба на јавниот сервис и кршење на стандардите и начелата што треба да ги почитуваат новинарите и уредниците на МРТ при продукција и презентација на програмите“, велат од ЗНМ.