Заев на средба со Орав: Ќе објавиме се што имаме!

by Фокус

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и заменик претседателката Радмила Шекеринска, денеска остварија средба со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

-Претседателот Заев го информирашл амбасадорот Орав за последните случувања, откако власта на Никола Груевски се обиде со политички монтирана постапка против лидерот на опозицијата да спречи објавување на аргументи и факти за нејзиното криминално владеење, велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека објавување на докази и аргументи за криминал на власта не може да биде државен удар.

-Обврска и должност е на секој што добил такви докази да ги објави. Не може да биде уцена и обид за државен удар легитимно барање на лидер на опозиција за формирање на техничка влада, која би обезбедила услови за спроведување на фер и демократски избори, рече Заев.

Лидерот на СДСМ пред Орав истакнал дека е евидентна контролата врз судството и медиумите од страна на власта.

-Националниот сервис, МРТВ, реализираше медиумска блокада на клучните изјави и ставови на СДСМ. Обраќањето на Никола Груевски го пренесе во живо, интегрално, а од обраќањето на лидерот на опозицијата пренесе помалку од 40 секунди во Дневникот. Начинот на известување на медиумите за овие настани, необјективно, непрофесионално и наклонето кон власта уште еднаш ја потврдува медиумската контрола на власта, констатирана и во извештаите на ЕУ, рече Заев.

Тој му соопшти на амбасадорот Орав дека СДСМ ќе продолжи легално и легитимно да се бори за конечно враќање на слободата и демократијата во Република Македонија.

-Ќе објавиме се што имаме, истакна Заев.

Поврзани новости