Здружението на новинарите на Македонија соопшти дека е сериозно загрижено од информациите дека Ивана Костовска, главен и одговорен уредник на веб порталот Телеграф.мк и на веб порталот на англиски јазик Индепендент.мк има дадено оставка.
Костовска на 16ти февруари писмено ги има известено одговорните во компанијата „Медиа принт Македонија“, дека врз неа менаџментот врши притисок да објавува или сокрие информации на двата медиуми за кои таа е одговорна.
„ЗНМ потсетува дека слободата на медиумите е неприкосновено право и Уставот на Република Македонија забранува цензурата. Ваквите притисоци од менаџментот на медиумите врз одговорните уредници го нарушува кредибилитетот и довербата на медиумите пред јавноста и го прекршува правото на граѓаните да бидат објективно информирани. ЗНМ потсетува дека новинарите имаат право и должност да спречат цензура и искривување на вестите. Постапката на уредничката Костовска е храбар чин и во духот на етичките и професионални стандарди на новинарската професија за што ние силно ја подржуваме и се солидаризираме. Ова е начинот на кој уредниците треба да се справуваат со притисоците кога сопствениците на медиумите се обидуваат да кројат уредувачка политика“, се наведува во соопштението на ЗНМ.