ЗНМ и ЗНС бараат азил за Зоран Божиновски

by Фокус

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Здружението на новинарите на Србија (ЗНС), бараат од српското министерот за правда да одобри азил и да не дозволи испорачување на новинарот Зоран Божиновски во Македонија.

Оваа реакција на здруженијата доаѓа по информацијата дека новинарот од вчера е на слобода, откако судот во Нови Сад му го укина екстрадициониот притвор.

ЗНМ и ЗНС истакнуваат дека испорачувањето на Божиновски би било лоша порака за останатите новинари кои ги истражуваат врските на бизнисот, политиката и криминалот,  и дека Република Србија со одлука за давање на политички азил на Зоран Божиновски ќе покаже дека го почитува правото на заштита на новинарската професија и слободата на истражувањето.

ЗНМ и ЗНС потсетуваат дека во последниот годишен извештај за Македонија, Европската комисија наведува дека во македонското судство е присутна селективна правда.

„Стравуваме  дека Зоран Божиновски во Македонија нема да има фер судење, па затоа сметаме дека Република Србија, со евентуална одлука за испорака себеси ќе се компромитира пред меѓународните демократски институции“, се наведува во заедничкото соопштение.

Од здруженијата потсетуваат дека на 7 ноември 2013 година, Зоран Божиновски беше уапсен во Нови Сад со потерница од Интерпол со обвинение за злосторничко здружување, шпионажа и уцена според Кривичниот закон на Македонија и од тогаш се наоѓаше во екстрадиционен притвор.

Поврзани новости